Сè за свадбените трендови во 2020-та!

Сите оние магични запросувања за време на празниците ја најавија новата сезона на венчавки, а со тоа и трендовите поврзани со овој свечен настан! Некои од нив се нови и неочекувани, други докажуваат дека свадбената мода се повторува во циклуси. А сигурно ќе ви биде драго да дознаете дека индивидуалноста е најголемиот тренд, така што доколку планирате свадба, следете го вашиот личен стил и нема да погрешите!

Прочитајте го и оваа… ВО ДОБРО И ВО ЗЛО-ШТО ВИЕ БИ МУ ВЕТИЛЕ НА ПАРТНЕРОТ?

 

Ековенчавки

Одржливоста на животната средина беше една од најактуелните теми во 2019-та, а тоа ќе остане така и во 2020-та. Иако грижата за околината во која живееме никогаш не би требало да биде нешто што се смета за „тренд“, сè повеќе двојки се обидуваат да го намалат негативното влијание што го имаат нивните прослави врз нашата планета. Одржливо и природно – современите невести и тоа го имаат на ум! Трендовите се залагаат за драстично намалување на количеството пластика што се користи за венчавките, а тоа може да се направи на повеќе начини. За цветните аранжмани, двојките одбираат локални, сезонски, по малку диви, неуредни, но многу поприродни цвеќиња, наместо вештачки одгледани рози. Организаторите на свадби предвидуваат дека во 2020-та ќе гледаме многу суви цвеќиња, тревки и гранчиња, кои им даваат интересна и необична текстура на аранжманите. Исто така, ќе може да се видат многу дрвја и растенија во керамички саксии, наместо исечени цвеќиња. Тие по венчавката ќе бидат насадени или ќе им бидат подарени на гостите. Пластичните декорации ќе бидат заменети со сезонско овошје, а бамбусовите цевки ќе бидат задолжителен додаток на пијалаците. Конфети од цветни ливчиња наместо хартија и материјали што може да се рециклираат – во 2020 година сè е во знакот на свесноста за заштита на животната средина!

Прочитајте го и ова…Трендови кај венчаниците за 2020 година

 

Везени и богати венчаници

Во 2020-та двојките ќе се обидуваат да најдат поуникатни начини да ја раскажат својата лична љубовна приказна. Пример за тоа се извезените искази на венчаниците. Овој тренд го започна модната блогерка Кјара Ферањи, која носеше венчаница на „Диор“, украсена со извезени текстови од песните на нејзиниот сопруг и мотиви инспирирани од нивната врска. Хејли Болдвин исто така изгледаше волшебно со вртоглаво долгиот вел, на кој можеше да се прочита врежаната реченица „додека смртта не нè раздели“. Оваа идеја е многу едноставен и креативен начин да го персонализирате фустанот што сте го купиле од продавница, а ќе ѝ даде печат на венчаницата што ќе им значи и на двајцата, не само на невестата. Посебноста на овој тренд се крие во тоа што везот може да биде толку голем што сите ќе можат да го видат, а може да биде и во форма на тајна порака скриена во фустанот за која ќе знаете само вие и вашиот сакан. Освен тоа, во 2020 година ќе преовладуваат драматичните, женствени и богати венчаници. Фустаните „две во едно“, кои може да се трансформираат од огромна венчаница во мини-фустанче подоцна вечерта, се исто така голем хит. А што се однесува до должината на велот, најтрадиционалниот моден додаток се враќа на голема врата, благодарение на Пријанка Чопра и војвотката од Сасекс. Колку подолго – толку подобро! А ако не сте љубители на овој тренд, слободно прескокнете го.

Прочитајте го и оваа… Како да изберете ресторан за венчавка – совети и предлози!

Заборавете на минимализмот!

Едноставно бело и минимално беа синоними за „модерно“ минатата година, но во 2020-та сè ќе се врти околу максимализмот! Уникатни комбинации на дезени, мешани материјали, интензивни бои, што повеќе декорации и детали во форма на цветни скулптури, лустери и необични инсталации што се протегаат на таванот и на ѕидовите. Балони и ѕидни мурали пред кои гостите ќе може да се фотографираат (Инстаграм и понатаму е главна инспирација за младите двојки), а венчавките од затворени простории се селат надвор, на отворено – со лустери под дрвја и украсни светилки. Од друга страна, пак, иако шаторите беа водечки тренд како свадбена локација изминативе години, многу двојки ќе одлучат да го прослават овој важен ден во хотелски ресторани низ градот. Тие ќе сакаат венчавката да биде поблиску до нивните домови, на места каде што ја познаваат послугата и знаат дека ќе можат да уживаат во вкусна храна и пријатна атмосфера. Освен тоа, ќе можат сè да си испланираат, без да се грижат за тоа какво ќе биде времето. Експертите за свадби, исто така, тврдат дека традиционалните формалности ќе бидат помалку застапени во 2020-та. Зачудувачки, но сè помалку невести ќе го фрлаат букетот, а некои двојки ќе го „скокнат“ и првиот танц.

 

Прочитајте го и ова…Како да го изберете вашиот идеален венчален прстен ?

 

Веганско мени?

Се сомневаме дека класичното свадбено мени некогаш ќе изумре кај нас. Ретко кој може да си замисли свадба без пирошка, пилешки стек во кари, кременадла во сос од печурки и торта, но светските трендови го докажуваат спротивното. Вегетаријанските и веганските јадења стануваат сè попопуларни, бидејќи расте бројот на приврзаниците на овој тип исхрана, но и затоа што изборот на вакви оброци е многу богат и креативен. Двојките сезонава почнуваат да го одбегнуваат класичното послужување предјадење, главно јадење и десерт, а многу почесто одбираат неформална храна и шведска маса, така што гостите не се врзани за своето столче на масата. Самопослужувањето е голем тренд во 2020-та и кога станува збор за пијалаците. Очекувајте кофи и буриња полни со мраз и шишиња пиво или барови со однапред приготвени пијалаци и коктели. Исто така, идните брачни двојки одлучуваат да им понудат на гостите свој заштитен коктел – креација што некој бармен ја смислил специјално за нив. Интересна идеја! Се зголемува популарноста и на еден типичен американски обичај: генерална проба за венчавката пред големиот ден!

 

Блескава шминка

Деновите на зачадени очи завршија, барем засега. Целта на невестите сезонава е блескав поглед. Бронзени, светкави и нуд-очни капаци со боја на шампањ се најдобриот начин да им се даде сјај на очите. За да го засилите ефектот, исцртајте ја линијата под окото со моливче во боја на кожа. Тоа ќе ви ги отвори очите и ќе ви го намали црвенилото, без да остава нападен печат како добро познатото бело моливче. Шминкерите се едногласни дека природната шминка е во тренд. Главниот фокус е на тоа да се нагласи природната убавина на невестата, а шминката треба да биде приказ на нејзиниот внатрешен сјај. Покривањето на недостатоците со силни контури е строго забрането. За да постигнете блескаво природен изглед, неопходно е да практикувате соодветни рутини за нега на кожа неколку месеци пред големиот ден. Веѓите играат исто толку важна улога во нагласувањето на очите, колку и шминката. Но експертите тврдат дека иако густите веѓи и понатаму се „ин“, темните и строго дефинирани веѓи полека излегуваат од мода. Мејкап-артистите предлагаат по малку неуредни веѓи, кои сè уште може да ги пополнувате, но не толку прецизно. Трикот лежи во користењето гел за веѓи, кој ќе ви помогне да ги исчешлате влакненцата нагоре и да добиете пердувест изглед. Трендот е сосема јасен и важи и за изборот на кармин. Наместо интензивни и исцртани усни, одлучете се за нежни, розикави бои. Најважна е природно нагласената совршеност на невестата!

 

 

Прочитајте го и ова…ЅВЕЗДЕНИ ВЕНЧАВКИ

Необични покани

Оригиналноста и индивидуалноста се провлекуваат како тренд дури и во изборот на поканите! Размислете за изборот на материјалот: мазен акрил, груб пергамент, метални фолии, пресувана цветна хартија – можностите се неограничени! Испратете ги поканите во кутиче, наместо во плик, и ќе им дадете посебно значење на гостите. За да бидете уште покреативни во поканувањето, стриповите и персонализираните илустрации ќе бидат многу популарни во 2020-та. Доколку познавате некој добар уметник или графички дизајнер, замолете го да направи едноставен стрип што ја илустрира вашата врска и ќе добиете уникатна покана што сигурно ќе ги насмее и восхити сите поканети гости.

Свадбениот ручек е неизоставен од секоја свадба, а воглавно во нашите ресторани горе-долу се нудат истите порции, па секогаш знаеме што можеме да очекуваме.

Но за младите кои сакаат малку да ја зачинат свадбената прослава со нешто ново, еве неколку идеи кои со сигурност ќе ги воодушеват гостите.

Персонализирани коктели
Служењето коктели на свадбата не е ништо ново, а вистински хит се персонализираните коктели кои се вклопуваат со темата на венчавката или одговараат на карактерот на младите. Голем хит се и цветовите кои се јадат и ароматичните билки кои се користат во коктелите.

Фонтана со шампањ
Чоколадните фонтани одамна се нешто веќе видено, но фонтаната со шапмањ е нешто што не може да се очекува на секоја свадба.

Шведска маса со топли напитоци
Многу од гостите после вечерата сакаат да се напијат кафе, па зошто да не им го понудите тоа? На вашата топла шведска маса нека има различни видови кафе, топло чоколадо и чаеви.

 

 

ПОВЕЌЕ ПРОЧИТАЈТЕ ВО СПЕЦИЈАЛНИОТ ПРИЛОГ ОБЈАВЕН ВО НОВИОТ БРОЈ НА МАГАЗИНОТ “УБАВИНА И ЗДРАВЈЕ“ 

 

ФОТО: GETTY IMAGES

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.