СПЕЦИЈАЛ ЗА ВЕНЧАВКИ: Ваш ден, ваши правила – трендови во 2024

Новите свадбени ѕвона

Добре дојдовте во светот на романтичните венчавки! Толку посебен сегмент од животот, во кој се’ почесто традицијата се испреплетува со новите тенденции. Какви се свадбените трендови за оваа година и дали нешто од нашите предлози е токму она по што трагавте во процесот на планирањето?

Се чини дека во денешно време, кога Интернетот и социјалните мрежи се секојдневје, речиси е невозможно да се пропушти некој нов тренд во која било сфера, вклучувајќи ги и свадбените трендови за 2024 година. Но дали изобилството на објави, блогови и видеа го олеснува изборот или создаваат конфузија и несигурност?

Без паника! Доколку планирате свадба во 2024 година, важно е да бидете подготвени за компромиси и трпение за да можете да ги пронајдете професионалците кои ќе ги имплементираат вашите идеи, било да е тоа локација, декорација, музика итн. Искусните советуваат дека е најдобро е да изберете општа тема и приближно да замислите како сакате да изгледа тој ден. Потоа, да ги организирате сите помали детали преку индивидуални микро-одлуки. И од каде да почнете?

Од она што ви е најважно! Дали се работи за локација, омилен ресторан, омилен бенд, свадба на отворено (сè попопуларна и дефинитивно „ин“ во 2024 година), или можеби фустанот/костумот, бурмите… Во продолжение ви донесуваме некои од трендовите кои ќе ја обележат оваа сезона, а и идеи за професионалци што се подготвени да бидат дел од вашата целина.

Повеќедневни свадбени прослави

Во 2024 година, сè повеќе младенци ќе сакаат да организираат не само еден ден од соништата туку повеќе такви денови. За разлика од еднодневниот настан кој поминува толку брзо, свадбената прослава за викенд е поинтересна за сè повеќе парови во светот.

Ваквиот тип дружење и прославување носи нова динамика, обезбедувајќи време за искрено уживање во секој детаљ, поминување време со вашите најблиски, сето тоа без стрес поради пренатрупаниот распоред за венчавки. Покрај тоа, повеќедневните венчавки отвораат покреативни можности за невестите да ја покажат својата индивидуалност преку неколку свадбени изгледи.

Боја на годината

Mека и суптилно сензуална, така би ја опишале бојата што ќе биде најбарана во свадбените концепти во 2024. Секоја година, планерите за свадби во светот со нетрпение чекаат Pantone, Институтот за бои, да ја објави бојата на годината, која ќе биде главната боја во планирањето на свадбите. Peach fuzz, мека нијанса на праска или кадифена и нежна сенка помеѓу нежните нијанси на розова и портокалова боја.

Уникатни фотографии

Професионалните свадбени фотографии често се најубавите спомени. Наместо групното позирање, сè повеќе парови се наклонети кон реални, автентични фотографии кои ги доловуваат најемотивните моменти. А за такво нешто ви треба одличен професионален фотограф за свадби! Сепак, и искуството на уживање во фотографиите направени од гостите со телефони и камери за еднократна употреба е исто така уникатно.

Вистинскиот фустан

Што се однесува до венчаниците, колку и да се менуваат стиловите и трендовите, тантелата никогаш не старее. Овој романтичен материјал се истакна како еден од најпопуларните токму поради тоа што одлично се вклопува во минималистички, но и полуксузен стил. Венчаница од тантела беше избор на многу познати дами, а такви креации носеа актерките Лили Колинс и Наоми Вотс во 2023 година.

Во духот на одржливата мода, сѐ повеќе невести изнајмуваат венчаници. Целиот свет сега оди во таа насока, па не е чудно што и нашите невести размислуваат така. Тренд што ќе направи големо враќање во 2024 година е и менувањето на облеката на невестата, обично по полноќ и по сечењето на тортата за завршување на свечениот дел од свадбата, беше голем тренд во 1990-тите и почетокот на 2000-тите.

По околу петнаесет години, во кои повеќето невести избраа една венчаница за цел ден, последните неколку години го најавија враќањето на трендот на повеќекратни свадбени стајлинзи. Луксузните традиционални венчаници не се нужно создадени за забава и танцување, па затоа многу невести ќе ги заменат со смел забавен изглед, како што е мини-фустанот, во вториот дел од веселбата.

Нетипична невеста

Панделките доминираат како форми и кога станува збор за венчавките. Покани во форма на панделки и панделки како детали на венчаниците, на чевлите, во косата или како декорација на тортите, масите… Но земајќи предвид дека сите свадбени трендови гравитираат кон оригиналност и автентичност, односно, свадбите на прво место стануваат лична и интимна работа на секој пар, тогаш одберете ваша форма како заштитен знак на најважниот ден.

Алтернативи за свадбената торта

Свадбената торта е една од највпечатливите свадбени традиции. И додека класиката е секогаш сигурен и добар избор, вниманието го привлекуваат и колачите украсени со панделки, цвеќиња, букви наредени во форма на торта…

Во денешно време, на младенците им е важно да создадат атмосфера што ќе изгледа одлично на социјалните мрежи, а кулата од чаши за шампањско ќе биде хит во 2024. Овој тренд полека ќе го замени класичното сечење торта, пред сѐ затоа што е многу забавен за младенците и гостите, а воедно и многу фотогеничен.

Свршенички прстени и бурми

Единствено правило според кое ќе се избираат прстените и во оваа година е да бидат според вашите желби, потреби и можности. При изборот, размислете каков прстен најдобро ќе ја отслика вашата љубов, но и вас како поединци. Дали ви се допаѓа блескаво злато, можеби со дијаманти? Или претпочитате рустикален изглед? Златните венчални прстени се класика со причина – тие се трајни, а наша препорака е „Адор голд“, бидејќи таму ќе пронајдете исклучително разновидни модели во многу стилови. Избирајте помеѓу жолто, бело, розово, дури и црно злато или можеби црни дијаманти, како одраз на уникатност.

Музика

Важно е на свадбената прослава да има музика во живо, а можеби бендот не го собира во буџетот за свадбата – или едноставно не е во стилот на младенците. Во тој случај, саксофон во комбинација со диџеј е совршена идеја. Саксофонист им се придружува на гостите што танцуваат – и тоа е навистина магично искуство.

Мини-месец или мал меден месец

По стресот од планирањето на свадбата, медениот месец е токму она што ви треба за да уживате во почетокот на новата ера во вашата врска. Сепак, во 2024 година ќе забележиме тренд на одложување на медениот месец.

Сè повеќе парови за меден месец ќе избираат големи патувања за кои отсекогаш сонувале, но за кои се потребни повеќе планирање, време и пари. Наместо да одат на меден месец веднаш по венчавката, двојките ќе го одложат големото патување до време кое повеќе ќе им одговара, а по венчавката ќе се почестат со мал меден месец.

На крајот, какви се трендовите за венчавка во 2024 година пред сѐ зависи од вас и вашите афинитети, и од тоа што сакате од тој ден. Затоа запомнете, сè што ве прави среќни е во тренд!

Текст: Јована Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.