Говорни навики во деловно опкружување: Како да ги смените?

Говорни навики во деловно опкружување: Како да ги смените?

SHARE

Некои говорни навики, особено во деловното опкружување, се апсолутен еквивалент на остатоците од храна меѓу забите. Тие им го одвлекуваат вниманието на оние што ве слушаат и го намалуваат ефектот од вашите зборови. Потрудете се овие нешта да не го нарушуваат вашиот беспрекорен професионален имиџ

rabota

„Прашален“ говор

Некои луѓе го подигаат гласот на крајот на реченицата кога зборуваат, па затоа секој исказ им звучи како прашање. Оваа навика лесно се стекнува, особено ако сте опкружени со луѓе што зборуваат така. Меѓутоа она што се толерира во приватното опкружување, во деловното може да биде многу непријатно за луѓето што ве слушаат. Судејќи според мислењето на експертите, кревањето на гласот на крај на реченицата може да го наруши деловниот кредибилитет. Најголем проблем при вакво изразување е што се стекнува впечаток дека лицето не е сигурно во тоа што го зборува. Зошто тогаш би му верувале оние што го слушаат?

Решение: Многу жени не се свесни за својата навика дека зборуваат на ваков начин. Затоа е најдобро да се снимите додека зборувате, а потоа да ја преслушате снимката. Не можете да поверувате дека зборувате така? Па почнете полека да се одвикнувате од таквиот стил на зборување. Внимавајте на тонот и на акцентот со кои го изговарате секој збор сè додека не станете сигурни дека сте го подобриле стилот.

Мрморење во брада

„Уморен глас“ – неразбирлив говор! Таквиот начин на говор е прифатлив само во кругот на блиските луѓе. Но во деловниот свет, бавниот, тивок и неразбирлив говор се толкува како израз на несигурност, па дури и на нечесност и дефинитивно го поткопува кредибилитетот на личноста.

Решение: Направете го овој експеримент: опуштете ги гласните жици и промрморете: „Би сакала да ја добијам оваа работа“. Потоа, изговорете ги овие зборови погласно и посамоуверено. Што мислите, кој начин на изразување е подобар и поефектен?

Извици и фрази

Кога се ракувате со некого, цврсто стегање на раката врз вас остава подобар впечаток отколку лабав допир на прстите, нели?! Истото важи и за неубедливиот, бавен говор, со паузи и со многубројни фрази… Во деловниот свет таквиот начин на изразување е неприфатлив. Луѓето знаат дека за деловен успех се важни интелектуални способности, но сè помалку се концентрираат на убавото и јасно изразување. Затоа се издвојуваат жените подеднакво успешни во работата и во вербалното изразување.

Решение: Вежбајте решителен говор. Едно од најповолните места за вежба е кафулето во кое често одите. Во помалку формални услови од оние што владеат на работното место, ќе ја увидите разликата меѓу два типа изразување: „Па не знам, да размислам… можеби леден чај… сепак не… може ли да добијам ладен нес“ или „Ве молам, ладно нес-кафе без пена, со две коцки мраз“. Искрено, која личност порадо би ја вработиле?

НЕМА КОМЕНТАРИ

Оставете Одговор