Посните шницли од соја се вкусен и хранлив оброк за време на постот, доколку ги подготвите на вистински начин. Сојата е богат извор на протеини, влакна, витамини и минерали, како што се железо и калциум, кои се неопходни за здравјето.
Истражувањата покажуваат дека конзумирањето на соја може да го намали ризикот од срцеви заболувања, остеопороза, благодарение на фитонутриентите како што се изофлавоните. Најдобро е да се консумира ферментирана соја, како што се темпе, мисо и нато, бидејќи ферментацијата ја подобрува сварливоста и апсорпцијата на хранливите материи.
Состојки:
200 гр соја снегулки
150 гр презла
3 лажици брашно
50 гр ленено семе
2 моркови
1 главица кромид
2 чешниња лук
1 компир
1/2 кесичка прашок за пециво
зачини по вкус
масло за пржење
пченкарно брашно
Подготовка:
Потопете ги снегулките од соја во вода да набабруваат. Истото направете го и со семките од лен – истурете 50 грама целосни семиња во 50 мл вода и оставете ги така да отстојат половина час. Додека се киснат снегулките, крупно изрендајте ги компирите и морковите, а кромидот ситно исечкајте го. Убаво исцедете ги снегулките од соја, па измешајте ги со зеленчукот. Додадете ги брашното, прашокот за пециво и зачините (најмалку половина лажичка сол и бибер), а потоа и семките од лен. Измешајте сè. Во смесата додадете ја водата од ленено семе за да се спојат состојките, а потоа полека додајте ги презлата додека смесата не добие соодветна конзистентност за убаво да се формираат шницлите. Обликувајте ги шницлите и валкајте ги во пченкарно брашно. На масло пропржете ги шницлите, па ставете ги на хартија да се исцеди вишокот маснотии. Кога ќе се изладат, прелијте ги со сок од лимон.
Коментарите се заклучени.