Разговор со Анастасја и Елизабета Трајковски: „Тешките времиња го обликуваат карактерот“

Инспиративен разговор

Разговорите со нашите успешни и познати дами секогаш се инспиративни, а овој пат имавме можност да размениме идеи, размислувања и искуства со сестрите Анастасја и Елизабета Трајковски, кои стојат зад модниот бренд „Анастасја Трајковски“

Анастасја го претставува покреативниот дел од динамичното дуо кое е „виновникот“ за успешната приказна на луксузниот бренд „Анастасја Трајковски“, кој повеќе од една деценија ги испишува своите инспиративни модни поглавја на релација Австрија-Монако. На 30. март и македонските вљубенички во модата имаа можност да ги погледнат нивните креации во живо на Модниот викенд во Скопје, каде што се претставија со нивната колекција за пролет/лето 2024, наречена „Максим“.

Колекцијата е сочинета од внимателно создадени креации кои му пркосат на времето и претставуваат одраз на женската сила, вешто комбинирајќи робусни и деликатни елементи. Контрастот помеѓу црните и светлите пастелни нијанси, кои се заштитен знак на овој бренд, е прикажан со помош на висококвалитетни свиленкави и сатенски материјали, акцентирајќи ги издржливоста и грациозноста на женската силуета.

Во еден претходен разговор, Анастасја се опиша себеси како одлучна и независна, со голема љубов кон животните, што може да се согледа од колекцијата на која моментално работат, а е посветена на коњите и коњичките спортови.

Благодарение на своето образование во областа на јавниот менаџмент и правото, Елизабета, пак, успешно го исполнува административниот дел и маркетингот на брендот „Анастасја Трајковски“. Комуникативна, реална, отворена и дружељубива, и таа како и сестра ѝ Анастасја, учествува во многубројни хуманитарни проекти и се залага за решавање на важни женски прашања и проблеми.

Што е тоа што ви го окупира вниманието моментално?

А: Неодамна ја завршивме нашата кампања за благосостојба на животните, која се покажа како многу успешна, на што сме особено горди. Успеавме да ја комбинираме високата мода со хуманитарната работа. Колекцијата веќе е распродадена. Успеавме да инспирираме многу љубители на крзно со нашата алтернативна колекција на палта од вештачко крзно и среќни сме што успеавме да постигнеме нешто што оди подалеку од модата.

Кој ваш успех би го издвоиле како најголем на професионален, но и на приватен план?

Е: Наш најголем професионален успех би рекла дека е нашата себе-реализација, нашата слобода и опстанокот на модната сцена. Од друга страна, успеваме непречено да го живееме нашиот приватен живот, што е голема привилегија.

Вашата успешна модна приказна несомнено претставува инспирација за многумина, но што е тоа што вам најмногу ве охрабрува да продолжите да творите и во тешките мигови?

А: Вербата во себе и во нашите можности. Фактот дека допираме до многу луѓе ни дава сила да продолжиме со нашата работа. Нашите клиенти ни покажуваат дека сме направиле нешто како што треба. Ја преживеавме пандемијата и нејзините последици и тоа е доказ дека ние, како луѓе, имаме сили што можеме да ги мобилизираме. Тешките времиња го обликуваат карактерот.

Кој е најголемиот предизвик во модата моментално?

Е: Светот на модата отсекогаш бил луд. Се движи брзо и сè е екстремно минливо. Нашата визија е да дизајнираме мода што му пркоси на времето и на ова брзо темпо. Исто така, важно ни е модата што ја создаваме да функционира во согласност со животните вредности што ги негуваме, а тоа се: мода под фер услови и со хумани цели, која е софистицирана, но безвременска.

Која е најголемата промена што ја имате доживеано во животот?

А: Во детството тоа беше нашата емиграција. Во тој период тешко го поднесовме ова „искоренување“, бидејќи бевме откорнати од нашите животи. Заедно се иселивме од куќата на нашите родители додека студиравме. Студиравме во голем град и патувавме околу светот. Тоа, исто така, имаше големо влијание врз нас. А животот особено ни се промени по нашето влегување на модната сцена.

Во модерното општество, жената е изложена на многу притисоци и предизвици. Од ваше искуство, што сè се очекува од жената денес? Може ли да се одговори на сите очекувања?

Е: На рекламите, сликите на Инстаграм и во холивудските филмови редовно ни се прикажува каква треба да биде совршената жена на модерното време, како треба да се однесува и да изгледа, каков треба да биде нејзиниот животен стил. Толку често го гледаме, навидум, совршениот свет на модерните жени, што нормално е да се посомневаме во себе и во сопствените очекувања. А што ѝ прави перфекционизмот на модерната жена? Еманципацијата произведува супержени, кои постојано се под стрес, кои се чувствуваат одговорни за сè што се случува околу нив и најчесто не остануваат доследни на себе. Нашата слобода ја користиме за да се оптимизираме себеси, но и да ги оптимизираме другите. Не може и не мора да се одговори на сите очекувања. Важно е да се запрашате: кои мали и големи одлуки што ги носам секој ден ме ослободуваат? Мора да останете доследни на себе за да имате успешен живот. Живот што нема само другите да ги направи среќни, туку ќе ве направи среќни и вас самите.

Какви жени ве инспирираат? Кои жени сметате дека треба да се земат како пример за новите генерации?

А: И јас и Елизабета отсекогаш сме биле импресионирани од жените кои се истакнале во животот. Нè инспирираат образовани, начитани жени, кои го обликуваат и го живеат животот според сопствените идеи и вредности. Жени со благородни човечки карактеристики, без оглед на нивниот општествен статус или потекло.

Според вас, кои се петте парчиња облека што секоја жена мора да ги поседува?

Е: Бела блуза, мало црно фустанче, висококвалитетен капут, елегантни панталони и фармерки. Секако, и добри модни додатоци.

Како ви се допаѓаат моменталните трендови? Кои се најчестите стилски грешки што ги прават жените?

А: Најголемата грешка што ја прават жените е тоа што ги следат сите модни и општествени догми. Што се однесува до модата, најважно е да носите облека што ви прилега, а истото важи и во животот, генерално. Ако нешто не ви одговара, не правете го!

НАЈВАЖНИТЕ ЛЕКЦИИ

Кои се најважните работи што секоја жена треба да ги запамети?

1. Немојте премногу да живеете надвор од себе, фокусирајте се на вашиот внатрешен свет. Не треба да им угодувате на сите.

2. Секогаш слушајте внимателно. Не слушајте за да одговорите, слушајте за да разберете.

3. Следете ги вашите инстинкти. Слушајте што ви вели вашата интуиција.

4. Многу работи се привремени, не заборавајте го тоа.

5. Многу важно: научете да си простувате и бидете нежни кон себе.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: АЊА ВУРМ, ИНСТАГРАМ

Разговор со Анастасја и Елизабета Трајковски: „Го живееме сонот!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.