Елизабета Јовановска од Бренд солушн: Еднакви можности за лицата со телесна попреченост

#РамкаЗаПомош

Ајде да изградиме подобро општество!

Само со заеднички сили можеме да се избориме со клучните општествени предизвици. НЛБ Групацијата цврсто стои зад оваа идеја, па така и оваа година активно се стреми да создаде социјални услови во кои секој ќе може целосно да го развие својот потенцијал.

Нивниот проект „Рамка за помош“ повторно им дава поддршка на микро и малите претпријатија кои го подобруваат нашето општество и решаваат предизвици како што се: родова еднаквост, сиромаштија, инклузија на лицата со попреченост, грижата за менталното здравје и други.

Во продолжение ве запознаваме со Елизабета Јовановска, Бренд солушн, која е една од десетте финалисти од нашата земја.

Best Online Assistant е платформа за едукација, професионален развој и вработување лица со попречености. Елизабета Јовановска ни откри нешто повеќе за овој проект…

Како се роди идејата за оваа платформа?

Уште како тинејџерка бев гласна активистка за инклузија и подобрување на условите за живот на лицата со попреченост. Дојде природно. Од мојот братучед Никола, лице со Даунов синдром, научив многу за проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, нивните проблеми со институциите и тешкотиите во остварувањето на нивните основни човекови права, а да не зборуваме за напредок.

Идејата за Best Online Assistant се роди за време на ковид-пандемијата и почна само како работа од дома, а денес, Best Online Assistant е светски наградена платформа од Zero Project и Обединетите Нации за најиновативен модел во 2023 година.

Сакам да изразам огромна благодарност до мојот тим Даниела Џинговска и Бранкица Димитровска – лица со попреченост, кои се грижат услугите кон другите лица со попреченост да бидат целосно адаптирани и да ги задоволуваат нивните потреби.

На каков одѕив наидовте од страна на компаниите кога ја стартувавте платформата, а каква е вашата соработка сега?

Best Online Assistant се состои од 3 дела: академија каде што лицата со попреченост посетуваат сертифицирани курсеви и стекнуваат вештини; потоа отвораат свои профили и нудат своите услуги, а во третиот дел, ние директно ги поврзуваме со компаниите, нудејќи им квалификуван и подготвен кадар. На самиот почеток, прво селектиравме на кои компании да им пристапиме.

На наше изненадување, некои големи компании кои се истакнуваа на своите веб-страници дека се инклузивни, не беа расположени за поддршка во пракса. Но, за среќа, од поголемиот дел наидовме на одличен одѕив. Со оглед на тоа што нашите обуки се целосно бесплатни за лицата со попреченост, секоја поддршка ни е значајна.

Колкав е вашиот досегашен придонес во креирањето еднакви можности за вработување за секого?

Во 2022 година обучивме 10 лица, од кои седуммина се во редовен работен однос. Во 2023 година обучивме вкупно 203 лица – вклучувајќи и други ранливи категории – 72 од нив успеавме да ги поврземе со компании и да ги вработиме.

Кои се вашите идни цели и како планирате да ги остварите?

Во моментов сподготвуваме 4 нови курсеви кои сметаме дека се потребни како работни места и лицата со телесна попреченост ќе можат да ги посетуваат. Со тоа можеме да одговориме на потребата на компаниите за пополнување на новите работни места.

Исто така, од оваа година, не само лица со телесна попреченост, туку бенефити од платформата ќе можат да имаат и лица со други попречености, затоа што пополека ги адаптираме можностите и за останатите лица.

Секоја компанија која сака да биде инклузивна, социјално одговорна или пак да се адаптира за потребите на оваа категорија наши сограѓани, можат да добијат целосна услуга од нас, од адаптација на простор и услови по ISO-стандарди до квалификуван кадар.

И има уште едена новина, која засега не ја откриваме, а треба да се реализира во следниве неколку месеци, а е навистина голем чекор, како за нас, за целиот образовен систем и најважно за лицата со попреченост, за еднаквоста и инклузијата и креирање на еднакви можности за сите во Македонија.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.