#РамкаЗаПомош Сашко Јованов: Инклузивна грижа за лицата со попреченост

Извршен директор на Здружение за поддршка и развој „Хуманост“

„Хуманост“ е здружение создадено од граѓаните за граѓаните кои се изложени на ризик од осиромашување и општествено исклучување, меѓу кои се и лицата со попреченост. Нивниот проект Inclusive Care има цел да воспостави иновативен центар за дневен престој што ќе ги задоволи потребите на лицата со попреченост.

Повеќе за ова дознајте од нашиот разговор со Сашко Јованов, извршен директор на Здружение за поддршка и развој „Хуманост“.

Кои проекти ги имате реализирано досега во служба на лицата со попреченост?

Значајни проекти на кои сме горди се зајакнување на отпорноста на старите лица и лицата со попреченост за време на ковид-19 и идните катастрофи; поддржано живеење во заедницата во Демир Капија (ОАСИС) со што го поддржавме процесот на преселба на лицата со интелектуална попреченост во станбени единици; исто така, на територијата на град Скопје ја испорачуваме социјалната услуга лична асистенција на лица со попреченост на возраст од 6 до 65 години.

Што сè планирате да застапите во Центарот за дневен престој, кој е дел од проектот Inclusive Care?

Пред сè, чест ни е што НЛБ Банка преку проектот „Рамка за помош“ ни овозможи да ја создадеме оваа можност и да продолжиме со нашата мисија.

Нашиот центар ќе се стреми да направи значајна разлика во животот на лицата со попреченост обезбедувајќи им средина за поддршка и зајакнување, каде што ќе можат да напредуваат, да растат и да го постигнат својот максимален потенцијал.

Ќе ги задоволиме пропишаните нормативи и стандарди, во согласност со законските и подзаконските акти, и ќе понудиме низа сеопфатни услуги кои ќе бидат приспособени за да ги задоволат различните потреби на лицата со попреченост.

Ова подразбира помош за лична нега, исхрана, обезбедување моторна и говорна терапија, како и специјализирани програми дизајнирани да ја подобрат физичката, когнитивната и емоционалната благосостојба на децата, младите и на возрасните лица со попреченост.

Центарот за дневен престој во Демир Капија ќе биде  целосно достапен и опремен со адаптивна технологија за да бидеме сигурни дека лицата со попреченост целосно можат да учествуваат во сите активности.

Од вашите сознанија, колкав е степенот на инклузија на лицата со попреченост во нашето општество? Како да се развие свеста за овој проблем кај јавноста?

Степенот на инклузија на лицата со попреченост е во процес и не e многу прифатен. Потребата од инклузија на овие лица е огромна и не треба да се гледа од друг агол, зато што сите сме исти во општеството.

Покрај обезбедувањето на престој/грижа во нашиот центар, ние активно ќе се ангажираме во пошироката заедница за да промовираме свесност, прифаќање и вклучување на лицата со попреченост преку организирање теренски настани, отоврени денови, базари, работилници и партнерства со локалните самоуправи, организации.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.