Разговор со Анастасја и Елизабета Трајковски: „Го живееме сонот!“

Инспиративна приказна

Јавноста ги запозна преку луксузниот бренд „Анастасја Трајковска“, кој се одликува со елегантни, гламурозни и оригинални креации. Повеќе од десет години ја испишуваат својата успешна модна приказна на релацијата Австрија – Монако и велат дека го живеат својот сон. Реализирани и отмени – која е тајната на сестрите Анастасја и Елизабета Трајковски?

Моментално се подготвуваат за филмскиот фестивал во Кан, но тоа за нив не е нешто ново или невообичаено. Всушност, креациите на брендот „Анастасја Трајковски“ редовно се присутни на црвените килими низ светот. Минатата година ја прославија десетгодишнината од нивното постоење со јубилејна лимитирана колекција, чие заштитно лице е познатата германска актерка и моделка Вилма Елес, а тоа е повеќе од доволен доказ за нивниот успех. Модните ревии и високата мода се дел од нивниот професионален живот, но Анастасја и Елизабета не се доживуваат себеси како јавни личности и приватно не живеат на тој начин. Напротив, нивното секојдневје е исполнето со вообичаените обврски на секоја урбана жена, со посебен акцент на грижата за себе, која велат дека е неопходна за сечиј развој и напредок. Иако одамна не живеат во Македонија, признаваат дека им недостига родната земја и со задоволство поминуваат време во Скопје. Ве запознаваме одблизу со основачките на брендот „Анастасја Трајковски“ и ви го откриваме нивниот рецепт за успех, како и тајните на добриот моден стил…

Кои се Анастасја и Елизабета Трајковски?

И за двете сестри образованието е исклучително важно, па, така, Анастасја завршила психолошки и филозофски факултет, а Елизабета студирала јавен менаџмент и право. Во согласност со тоа, Анастасја е задолжена за покреативниот дел од работата, со многуте свои визии и идеи. Себеси се опишува како одлучна и независна, со голема љубов за животните. Елизабета, пак, ги исполнува административниот дел и маркетингот на брендот. За себе вели дека е комуникативна, реална, отворена и дружељубива. И двете уживаат во литературата и уметноста и учествуваат во голем број хуманитарни проекти и женски семинари.

Семејството и патувањата им се особено значајни и иако живеат далеку од Македонија, не ги забораваат своите корени: „Ние често сме во Скопје и го доживуваме на сосема поинаков начин од самите Македонци. Константно сме во Австрија последниве две години поради пандемијата. Животот во Австрија е поорганизиран, деновите се подолги и луѓето се подистанцирани. Ние, Македонците, дефинитивно сме поопуштени, посрдечни и поотворени. Секако дека би сакале да останеме подолг период во Македонија“, велат тие и откриваат што најмногу им недостига од животот во нивната родна земја: „Многу сме носталгични и со задоволство се сеќаваме на нашето детство во Скопје. Најмногу ни недостигаат семејството, јазикот, музиката, животниот стил, како и македонските специјалитети“. Редовно ја следат и македонската модна сцена, за која сметаат дека нуди многу талентирани дизајнери и квалитетни македонски брендови, со голем потенцијал за експанзија. И покрај тоа што моментално се фокусирани на австриската и интернационалната клиентела, голема желба им е да ги видат и Македонките во нивни креации!

Неколку модни совети

Со оглед на тоа што модата е нивната експертиза, не можевме а да не ги прашаме што е во мода оваа сезона. „Во колекциите за пролет/лето 2022 година на светските модни писти ќе биде присутна белата боја во комбинација со интензивни бои. Мини-здолништето ќе доживее големо враќање на сцената, како и драматичните модни парчиња со асиметрични кроеви“, откриваат Анастасја и Елизабета. Нивната актуелна колекција не отскокнува многу од трендовите, па, така, во неа доминираат транспарентни материјали во нежни бои, а фокусот е ставен на белата боја.

Но моменталните модни диктати доаѓаат и си заминуваат, па повредна е облеката што се смета за безвременска и која никогаш не излегува од мода. Токму затоа, нè интересираше и кои се парчињата што треба да бидат задолжителен дел од плакарот на секоја урбана дама: „Не е грешка да се поседува убава бела блуза и кошула, црни панталони со висок струк, тренч-мантил, мало црно фустанче и фармерки. Неизбежни се високите потпетици. Модните додатоци како чанта и очила за сонце, исто така, не смеат да изостануваат“, советуваат нашите соговорнички.

Физичка активност + нега на кожата = младешки изглед

Кога ќе ги погледнете Анастасја и Елизабета Трајковски, веднаш се воочува нивниот негуван и младешки изглед. Сите знаеме колку е лесно да се запоставиме себеси на сметка на многуте обврски и брзиот начин на живот, но тоа е недозволиво за овие две дами. „И двете сме многу активни. Ана секој ден му посветува време на нејзиниот коњ и обожава да јава, а практикува прошетки и со нејзиното куче. Редовно џогира и танцува. Јас вежбам јога и пилатес, двете возиме велосипед и скијаме. Исхраната ни е исто така важна и поминуваме многу време во испробување нови рецепти. Претпочитаме чиста исхрана со многу кашести сокови, а шишето со вода постојано е со нас“, објаснува Елизабета.

Покрај одржувањето на линијата, од клучно значење е и негата на кожата. „Нашата рутина за нега и убавина вклучува големо количество храна богата со витамини, редовна хидратација и различни третмани и масажи. Секогаш гледаме да одвоиме време за грижа за себе и за дишење чист воздух. Одбегнуваме алкохол, но не можеме без чоколадо“, признаваат сестрите.

Хигиената на психата е најважна

Често се вели дека надворешниот изглед во голема мера зависи од внатрешното чувство, а Анастасја и Елизабета се согласуваат со оваа констатација, па затоа многу сериозно ја сфаќаат грижата за менталното здравје: „Од изразот на лицето се чита внатрешното чувство и вистинската убавина на човекот. Медитацијата и рефлексијата се многу важни за хигиената на нашата психа, како и комуникацијата со инспиративни и позитивни луѓе. Многу читаме книги и редовно им се посветуваме на нештата што нè исполнуваат, како што се семејството, животните, пријателите, спортот, нашата пасија, нашиот бренд…“

Својата работа ја гледаат како задоволство, а не како обврска, и уживаат во секој нејзин сегмент: „Многу патуваме поради работата, а тоа го сметаме за благослов, бидејќи ни го шири хоризонтот и ни дава инспирација за нови уникатни парчиња. Истовремено трошиме многу енергија на секакви настани, на кои од нас се очекува да бидеме продуктивни, инспиративни и расположени. Токму затоа, многу ни е важно да го одржуваме нивото на енергија високо и да ја негуваме нашата внатрешна убавина“, заклучуваат Анастасја и Елизабета.

 

Не е доволна само вербата во себе

Денес го живеат својот сон, но нивните почетоци во туѓа земја, каде што никој не ги познава, не биле лесни. Морале постојано да се докажуваат за да ја придобијат довербата на клиентелата во Австрија, а потоа и пошироко, но со формирање лојален тим и со трпеливо работење на квалитетот и автентичноста, тие успеале да ја реализираат својата визија. „Да, ние го живееме нашиот сон. Го доживуваме интензивно и благодарно, затоа што знаеме каков ни беше почетокот. Првиот предизвик со кој се соочивме беше самата селидба во Австрија, а подоцна и опстанувањето во тамошниот моден свет, кој е неверојатно брз и полн со критицизам“, потврдуваат Трајковски.

Немале големи очекувања, но никогаш не престанале да веруваат во себе и се едни од ретките што се осмелиле да го следат својот животен порив и да ги реализираат своите замисли. Па, кој е нивниот рецепт за успех? „Прво, треба да се запознаете себеси. Визијата е важна, но мора деноноќно да се работи на нејзината реализација. Самата верба во себе не е доволна. Правете редовна рефлексија на сите ваши одлуки и достигнувања. Неуморно работете на себе и не отстапувајте од конечната цел“, порачуваат Анастасја и Елизабета, а ние ве охрабруваме да го следите нивниот совет и да се осмелите да го живеете вашиот сон.

Приказната на овие отмени и успешни дами нека ви послужи како инспирација да си посветувате доволно време на себе, да се грижите за вашата надворешна и внатрешна убавина и да работите на остварувањето на вашата визија, бидејќи тоа е единствената формула за исполнет и среќен живот.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: АЊА ВУРМ

Мода без граници: Јубилејна колекција на луксузниот бренд „Анастасја Трајковска“
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.