Пробајте ги овие едноставни рецепти и уживајте во искуството слично на она во спа/козметички центар, но сега во сопствениот дом…

Нега во домот

Додавањето свежи или суви билки ќе ги подобри терапевтските придобивки од пилингот од домашната работилница.

Третманите „направи сама“ се совршено дополнување на вашиот редовен третман на нега.

ОСНОВЕН ПИЛИНГ ЗА ТЕЛО

Направете пилинг помешувајќи 225 г крупна кристална сол, 4 лажици маслиново масло и сок од 1 лимон. Еднаш неделно втријте ја добиената смеса во кожата на телото, концентрирајќи се на проблематичните делови – колена, стапала и лакти. Потоа, истуширајте се.

Овој пилинг можете да го користите и за омекнување на заноктиците на рацете и на нозете. За дополнителни терапевтски придобивки, додајте малку свежи или суви билки во пилингот. На пример:

  • гавез – за подмладување и омекнување на кожата
  • цветови од лаванда – за мирен сон
  • нане – за свежо и закрепнувачко чувство
  • рузмарин – заради антибактериските својства

ДЛАБИНСКИ ТРЕТМАНИ ЗА ЧИСТЕЊЕ ЛИЦЕ

За месечно длабинско чистење на лицето, во голема чинија прелејте грст листови лисичинка со зовриена вода. Префрлете крпа над главата и парете го лицето десетина минути. Ако ви стане топло, тргнете ја крпата и вдишете малку свеж воздух. На крајот, измијте го лицето со студена вода.

МАСКА ЗА ЛИЦЕ ОД ЈАГОДИ

Рецептот е мошне едноставен – изгмечете јагоди, па добиената смеса распоредете ја рамномерно врз кожата, внимавајќи да не ви падне од лицето. Измијте се по 20 минути.

МАСКА ОД МЕД И АНАСОН

Експертите велат дека оваа комбинација е совршена за превенција од брчки. Цветот и листовите од анасон исечете ги многу ситно, па помешајте ги со 2 лажици стегнат мед и нанесете на лицето. Оставете ја маската да дејствува 15-20 минути, а потоа измијте го лицето.

БАЊА СО ТЕРАПЕВТСКИ ЕФЕКТ

За да ги намалите болките во нозете, додајте процеден чај од лавров лист во топлата бања. Слободно додајте и свежи листови лавор или, за поздрава кожа, сипете шолја чај од рузмарин во водата за бањање.

ОСВЕЖИТЕЛЕН УТРИНСКИ ТРЕТМАН ЗА ТЕЛО

Додајте изронети листови пелин во оцет и оставете да отстојат. Чувајте ја смесата во стаклен сад со капак што не е од метал. Наутро, додајте малку од смесата во водата за бањање – за совршен и закрепнувачки старт!

СОЛ ЗА БАЊАЊЕ

Крупната сол не е само одличен пилинг туку и добар „омекнувач“ на водата за бањање. Наполнете тегла со природна крупна сол и додајте маслиново или друго масло, по избор. Маслото од лаванда е одличен избор доколку се користи навечер, поради релаксирачкото дејство. За да направите оригинална сол за бањање, можете да додадете и различни билки, свежо или суво цвеќе.

Наш предлог: пробајте масло од рузмарин или од роза со суви пупки од роза. Ако употребите свежи билки или цвеќе, искористете ја приготвената сол во рок од една до две недели – пред да ја изгубат бојата листовите и латиците.

НАПРАВЕТЕ ВРЕЌИЧКА ЗА БАЊАЊЕ

Додајте органски овесни снегулки во бањата и ќе добиете совршено средство за омекнување на кожата. Затоа ви предлагаме да направите една или вреќичка за бањање (одлична опција за подарок!) и наполнете ги со снегулки. Еве како:

Потребно:

газа

органски овесни снегулки

органско масло, цвеќе или гранчиња

Постапка:

Исечете неколку квадрати газа со димензија 20 X 20 см.

Врз секој квадрат газа ставете грст овесни снегулки сосе цветовите од растенијата или гранчињата што сте ги избрале. Соберете ги краевите на газата и заврзете ги со лента или коноп за да формирате вреќичка.

Лентата нека биде доволно долга за да можете да ја заврзете за славината, така што топлата вода од неа да ја натопува вреќичката. Алтернативно, само спуштете ја вреќичката во кадата, нурнете се во водата и нежно стиснете ја за да ја испушти содржината.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.