„За подобар свет“: Едукација на најмалите за соживот со кучињата

#РамкаЗаПомош

Разговор со Роберт Петрушевски, Здружение за едукација и подигнување на социјална свест „За подобар свет“

Здружението за едукација и подигнување на социјална свест „За подобар свет“ се стреми да создаде нови генерации на деца кои од најмала возраст ќе знаат да живеат со кучињата во својот дом и во непосредната околина, преку организирањето едукативни интерактивни работилници. Роберт Петрушевски ни раскажа нешто повеќе за нивниот проект…

Како изгледаат вашите работилници?

Со поддршка на Општина Гази Баба и Крушево веќе се реализирани 95 работилници со повеќе од 2.800 деца. Една интерактивна работилница од 40 минути ефективно се одржува во училишниот двор со една паралелка од 25-40 ученици. Започнуваме со малку историја за припитомувањето на дивото куче, разговараме за тоа како дресираните кучиња можат да помогнат во критични ситуации и ги набројуваме специфичните професии во кои кучето им е најверниот колега на луѓето.

Во практичниот дел ги учиме децата како правилно да се грижат за домашните миленици, кои се придобивките од заедничкиот живот со кучето, во кои ситуации треба да се одбегнува контакт со куче, начини како да му се пријде на домашно или на улично куче и како треба да реагираат во случај на напад од куче или од глутница улични кучиња.

Како може да се поттикне желбата за вдомување куче кај учениците?

Тоа мора да биде одлука на сите членови од семејството, бидејќи кучето не е подарок-играчка за роденден, која за една недела ќе се замени со друга. Животот со куче е секојдневна обврска и голема новина за секој член на семејството, без исклучок. Главна поента на нашите работилници е децата да разберат дека многу кучиња бездомници се на улица поради несовесно однесување на човекот.

Советуваме редовно да посетуваат ветеринар и да се запознаат со законските обврски што ги имаат како одговорни сопственици.

Кои се вашите идни планови?

Нашето име во друштво на десетте финалисти во проектот „Рамка за помош“ е, пред сѐ, обврска да продолжиме понатаму со поголем ентузијазам и веќе сме во контакт со неколку училишта во општините Аеродром, Центар и Кисела Вода за да реализираме најмалку 25 работилници до крајот на училишната година, токму благодарение на оваа помош од НЛБ Банка.

Сите наши идни работилници ги посветуваме на смртно задавеното дете во Пинтија од кучето на соседот во несреќни околности. Основната цел на нашите работилници е никогаш да не се повтори такво зло.

Со огодинешниот проект „Рамка за помош“, НЛБ Групацијата им дава регионална можност на оние кои работат за доброто на луѓето. Избрани се 10 финалисти, кои понатаму ќе се натпреваруваат со финалистите од другите пазари каде што работи НЛБ Групацијата, за една од вредните парични награди.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: приватна архива, ПР

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.