Мода без граници: Јубилејна колекција на луксузниот бренд „Анастасја Трајковска“

Нејзината приказна

Новата колекција ѝ е посветена на жената што не се предава и која како феникс оживува со нов сјај и сила, а заштитно лице е германската актерка и моделка Вилма Елес

Стациониран во Австрија, престижниот бренд со македонски корени „Анастасја Трајковска“ (@anastasjatrajkovska) се залага за автентична мода што не познава граници. Страниците од неговата приказна почнуваат да ги испишуваат сестрите Анастасја и Елизабета Трајковски во 2011 година, па оваа година е особено значајна за нив, бидејќи слават десет години постоење. Круна на нивниот јубилеј е најновата колекција што го слави космополитскиот стил на живот, а чие заштитно лице е познатата германска актерка и моделка Вилма Елес (@wilmaelles1)…

„Во брзиот моден свет , полн со критицизам, опстанувањето не беше бајка“

Десет години елеганција, оригиналност, квалитет и висока мода. Креациите на брендот „Анастасја Трајковска“ може да се видат на гламурозни настани, како што е Канскиот филмски фестивал, но сепак за основачките Анастасја и Елизабета најголем успех е задоволството што се јавува кај клиентките додека ги носат нивните дизајни. Почетокот, како и на секој млад бренд, им бил релативно тежок, но со формирање лојален тим и со трпеливо работење на квалитетот и автентичноста, тие успеале да ја реализираат својата визија…

Анастасја Трајковска на Канскиот филмски фестивал
„Знаев дека моите фустани ќе се најдат на црвениот тепих“

Анастасја уште како дете била свесна за своите модни афинитети: „Се сеќавам на моето рано детство во Скопје, кога им се воодушевував на модните магазини и на излозите на познатите брендови во стариот ГТЦ. Мајка ми, која исто така беше вљубеничка во модата, нè шеташе мене и сестра ми Елизабета по бутици и кројачки ателјеа, каде што ни шиеја облека по наша желба и замисла. Така облечени шетавме низ градот и секогаш им велев дека ќе се најдам на некој црвен тепих и дека фустаните ќе го носат моето име“.

Елизабета Трајковска на Канскиот филмски фестивал

Сонот на Анастасја станал реалност, но во сосема друга земја, која воопшто не е позната по високата мода: „Не беше лесен почетокот во Австрија. Овде жените не се интересираат толку за мода, комплицирани се кога треба да инвестираат во својот изглед и сметаат дека модата треба да биде практична, брза и едноставна. Често ни беа поставувани прашањата ‘од каде сте, зошто да ги носиме токму вашите модели’ и слично. Моравме дупло да се докажуваме. Во тој период прејдовме на таков стил за да останеме на модната сцена, додека истовремено работевме на модели од високата мода, без големи очекувања, но со огромна сатисфакција“, раскажува Анастасја.

„Креации посветени на елегантните космополити“

Со текот на времето, публиката ги прифатила  и почнале да добиваат нарачки за свечени фустани, венчаници и деловни костими. „Сега славиме 10-годишнина со бренд што го носи нашето име, иако ни беше препорачано да го смениме за да звучи поинтернационално. Сега сме етаблирани на модната сцена, а особено горди сме на тоа што целата продукција се извршува во нашата модна куќа, од фабричкото производство, па до финалните подготовки“, открива Анастасја.

Што се однесува до самите дизајни, чувството на моќност и грациозност е честа тема во нивните колекции, посветени на елегантните космополити што живеат живот без граници. „Нашите креации  се карактеризираат со грандиозен раскош, кој изискува да биде вистински забележан. Елеганција за жени што не се плашат да бидат женствени“, сликовито опишува таа.

„Силата и нежноста доминираат “

Јубилејната лимитирана колекција на брендот „Анастасја Трајковска“ покрај тоа што е олицетворение на силната жена, која зрачи со елеганција и грациозност, истовремено носи и моќна порака: „Новата колекција ѝ е посветена на жената што не застанува, не се предава и која како феникс оживува со нов сјај и сила. Зошто токму феникс? Последниве две години, животот нè потсети колку е сè ранливо. Истовремено ни покажа дека и од кризите постои можност да настане нова шанса. Ковид-19 ја врати модната бранша на самиот почеток, а за некои значеше и тажен крај. Полни сме со емоции и благодарни сме за сите достигнувања периодов. Силата и нежноста истовремено доминираат во оваа колекција“.

Сосема разбирливо е тоа што токму германската актерка и моделка Вилма Елес е одбрана како заштитно лице на оваа колекција. Според дизајнерката, Вилма е пример за жена со космополитски животен стил и затоа таа била нивниот неприкосновен прв избор: „Слободата и можностите на жената се безгранични, а Вилма го има докажано тоа во нејзиниот живот. Таа зрачи со неверојатна грациозност и женственост, а истовремено поседува дијамантска цврстина. Соработката течеше лесно. Ние трите сме исти. Страсни и истрајни перфекционистки. Ние сме вистинскиот женски тим!“

„Би сакале да ги видиме Македонките во наши креации“

Иако моментално се фокусирани на австриската и интернационалната клиентела, Анастасја и Елизабета сепак би сакале да ги видат и Македонките во нивни креации и се интересираат за македонскиот пазар: „Ја следиме македонската модна сцена. Има многу талентирани дизајнери и квалитетни македонски брендови, кои имаат голем потенцијал за експанзија. Најважното нешто во овој свет се вербата во себе и издржливоста, како и соработката со квалитетни и лојални луѓе. Македонија е една мала и прекрасна земја, но, за жал, недоволно признаена во модниот и уметничкиот свет. На многу таленти не им се дава шанса за да се покажат. Искрено се надеваме тоа ќе се смени во иднина“.

Кога сме кај иднината, ги прашавме и како го гледаат својот бренд за неколку години, кои се нивните планови и очекувања од светската мода генерално. „Ја отворивме новата декада, сè е можно! Работиме на неколку проекти. Во однос на светските трендови, се надеваме дека брзата мода ќе премине во (по)бавна мода. Ова се однесува на процесите и ресурсите што се користат при изработката на облека и подразбира купување поквалитетни материјали што подолго траат, како и правилен однос кон луѓето, животните и планетата.“

Благодарение на нивното истанчено чувство за естетика и огромната посветеност на квалитетот и деталите, сестрите Анастасја и Елизабета Трајковски се вистински пример за тоа дека и најголемите соништа може да станат реалност, само треба да верувате во себе. Нивната успешна модна приказна нека ви послужи како инспирација за да започнете со остварувањето на вашата уникатна визија!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: АЊА ВУРМ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.