Рамка за помош на НЛБ – Борче Стаменов: Компјутер за секое дете

Со годинешниот проект #РамкаЗаПомош, НЛБ Банка им дава регионална можност на оние кои работат за доброто на луѓето. Избрани се 10 финалисти, кои понатаму ќе се натпреваруваат со финалистите од другите пазари каде што работи НЛБ Групацијата, за една од вредните парични награди.

Проектот „Донирај компјутер“ се роди за време на пандемијата на ковид-19, кога наставата се одвиваше онлајн, и имаше цел да обезбеди компјутер за секое дете. Но овој проект функционира и ден-денес, а за да продолжи и понатаму да се залага за својата кауза, неопходна му е поддршка.

Разговаравме со главниот „виновник“ за оваа иницијатива, Борче Стаменов, кој е еден од десетте финалисти од нашата земја кои особено се имаат истакнато со своите општествено-одговорни проекти и кои се во трка за победа на регионално ниво.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате при реализацијата на вашата хумана замисла?

Искрено, нема предизвик кој не сме го решиле. Ни требаше сопствен транспорт, имаме. Ни требаше спонзор за гориво, го имаме. Бесплатни патарини – исто така имаме. Баравме партнер кој ќе ни помогне да собираме компјутери од цела држава – имаме.

Луѓето ја препознаваат нашата искреност, транспарентност и нашата борба за подобро и еднакво образование за сите деца во Македонија и сами ни приоѓаат. Истиот случај е и со НЛБ банка, каде што сме полуфиналисти со награда од 1.000 евра и кандидати за финалето, каде што наградите се многу поголеми. Тоа ќе ни помогне да застанеме на нозе, да имаме зголемен број на донации и да не мислиме на финансиите во наредните 2-3 години.

Кој е тимот на „Донирај компјутер“ и што планирате следно?

Во „Донирај компјутер“ речиси постојано волонтираат по околу 30 лица. Во кавадаречката работилница сме јас, Гордана Клинчарова и Ѓорѓи Костадинов. Покрај нас, во согласност со договорот кој го потпишавме со локалното техничко училиште „Киро Спанџов Брко“, секојдневно имаме нивни ученици кои доаѓаат кај нас на практична настава. Веќе ни е подготвена и скопската работилница. Инаку, секој кој сака да научи нешто или има претходно знаење, секогаш е добредојден да се приклучи и да помогне. Ние немаме редовни приливи на средства.

Повикот на НЛБ ни дојде во вистинско време. Со средствата кои ги добивме како полуфиналисти планираме да набавиме резервни делови кои ќе ни бидат потребни за досредување на компјутерите или за да ја опремиме скопската работилница со алат за поправки.

Која е вашата мисија?

Ние како цел си имаме зацртано дека ниту едно дете во нашата земја не треба да остане без техничка опрема. Немањето услови и алат за работа и учење се едни од главните причини за иселувањето, а и за неквалитетното образование. Ова доведува до лица кои ќе останат необразовани, кои нема да можат да најдат подобро платена работа, кои веројатно ќе завршат како социјални случаи и ќе бидат на товар на државата. Нашиот проект се бори да не дојде до тоа.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: Инстаграм, приватна архива

Прочитајте и

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More