Финалистка на проектот „Рамка за помош“ Ина Гаврилова: Да се подигне свеста за потребите на лицата со аутизам

Проект на НЛБ Банка кој им дава регионална можност на оние кои работат за доброто на луѓето….

Од година на година расте бројот на лица со аутизам, но степенот на инклузија во нашата држава сè уште е низок. Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во Мојот Свет – Скопје“ се залага за социјална интеграција и инклузивно образование на оваа популација, а на оваа тема зборувавме со Ина Гаврилова, една од десетте финалисти на проектот „Рамка за помош“ на НЛБ Банка.

Каков е степенот на инклузија на лицата со аутизам во нашето општество?

Иако има напредок со законските промени и постоењето на ресурсни центри за поддршка во училиштата, инклузијата на лицата со аутизам во нашето општество сè уште е предизвик. Недостигот на доволно квалификувани асистенти и дефектолози во основните училишта и нивното отсуство во средните училишта значи дека многу деца не добиваат потребна поддршка за успешно учење. Треба да се усоврши системот за да може секое дете да добива соодветна образовна поддршка и можност за инклузивно образование.

Како вашето здружение придонесува за решавањето на овој проблем?

Здружението функционира преку три центри за рана интервенција и третман за деца со аутистичен спектар и атипичен развој, кои преку мултидисциплинарен пристап спроведуваат рана детекција и третман. Организираме трибини, конференции, работилници за подигнување на јавната свест и знаењето за аутизмот. Преку соработка со родителите, нудиме информации за дијагнозата, третманот и подготовката за училиште.

Отвораме прв Центар за млади и адолесценти со аутистичен спектар во Македонија, кој ќе функционира како социјален клуб за стекнување животни и работни вештини. Активностите планирани за овој Центар се поддржани од НЛБ Банка преку проектот Рамка за помош. Благодарни сме ѝ на НЛБ Банка која со отворено срце ги препозна искрените ангажмани на нашиот тим и ни дава поддршка заедно да изградиме подобро општество за сите.

Што треба да се направи во нашата држава за да се подигне свеста за потребите на лицата со аутизам?

Потребно е да се воведе регистар за лица со аутистичен спектар и да се организираат редовни скрининзи во рана возраст за навремено детектирање и почеток на ран третман. Постојаното обезбедување финансиран третман од страна на Фондот за здравство ќе ги олесни финансиските тежини на родителите.

Вработувањето доволен број на логопеди, специјални едукатори и рехабилитатори е неопходно, како и обезбедување асистенти во сите училишта и вработување стручен кадар. Дополнително, отворањето дневни центри за работно оспособување на адолесценти и возрасни со аутизам ќе овозможи максимално искористување на нивните способности.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: Инстаграм, приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.