Women in Business – уникатен бизнис пакет од ПроКредит Банка и ЕБОР за поддршка на жени претприемачи

Препознавајќи ги предизвиците со кои се соочуваат жените во бизнисот, ПроКредит Банка воведе сеопфатен бизнис пакет создаден да го зацврсти и поддржи растот на малите и средни претпријатија коишто се управувани од жени или се во нивна сопственост.

Програмата Women in Business е креирана во соработка помеѓу ПроКредит Банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а има за цел да им ги обезбеди на жените претприемачи потребните ресурси за да ги надминат предизвиците во бизнисот и да го реализираат својот целосен потенцијал.

Статистиките покажуваат дека жените во Македонија поретко се одлучуваат да започнат сопствен бизнис споредено со мажите, а најголем процент на бизнисите кои се основани од жени, се микро бизниси со големина до пет вработени. Тоа е доказ дека потенцијалот на жената како претприемач е недоволно препознаен и искористен во земјава. Од друга страна, истражувањата покажуваат дека жените како раководители се повеќе склони кон градење тим, структура и долгорочна стабилност за компанијата, квалитети кои се потребни во македонското претприемништво.

Од ПроКредит Банка нагласуваат дека жените претприемачи се соочуваат со низа предизвици, вклучувајќи ја родовата пристрасност, ограничениот пристап до финансии и недостатокот на приспособени производи и можности за вмрежување. За нив, пристапот до финансии е од суштинско значење за инвестирање во нивниот бизнис и постигнување на нивните деловни цели. За таа цел, ПроКредит банка креираше комплетна понуда, специјално дизајнирана да одговори на нивните потреби.

Поддршката на жените во претприемништвото е клучнa за создавање одржлива и инклузивна економија. Охрабрувањето на повеќе жени да заземат претприемачки и лидерски позиции не е само прашање на промовирање на родовата еднаквост,  туку и на женското претприемништво кое може дополнително да придонесе за развојот на економијата во нашата држава. Преку оваа иницијатива, жените претприемачи имаат можност да добијат олеснет пристап до кредити без потреба од хипотека, со флексибилни рокови на отплата и грејс периоди.  Со тоа им обезбедуваме пристап до финансиски ресурси со услови специјално креирани да одговараат на нивните бизнис планови. Секоја жена сопственик на бизнис ќе има свој банкарски советник, кој со стручни насоки и поддршка ќе помогне  и поттикне раст и развој на бизнисот“ – изјави Емилија Спировска, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка.

Програмата Women in Business опфаќа и целосен пакет на банкарски услуги приспособени да ги задоволат потребите на жените претприемачи, од решенија за целосно дигитално банкарство до кредитни картички, како и пристап до работилници, менторство и настани за вмрежување, овозможувајќи поврзување со истомисленици и проширување на своите професионални мрежи.

Александра Вукосављевич, Директор на финансиски институции, Западен Балкан, ЕБОР, изјави:

Женското претприемништво игра клучна улога во создавање работни места и поттикнување на економскиот раст. Ние цврсто веруваме во тоа дека создавањето еднакви можности за жените во бизнисот не е само прашање на родова еднаквост, туку и економски приоритет. Затоа во земјите каде што работиме ги поддржуваме жените претприемачи да ги остварат своите цели и да бидат повеќе инволвирани во бизнис заедницата“.

Родовата еднаквост, инклузивноста и еднаквите можности се  принципи во ПроКредит Банка поставени уште од нејзиното основање и остануваат основни темели на нивната корпоративна култура до ден денес. Потврда за тоа е 84% учеството на жени на раководителски позиции што е далеку повисоко во однос на просекот во банкарскиот сектор.

Овој факт сам по себе зборува дека на жените не им е дадена само шанса да се вработат, туку и можност за развој, кариера, напредување и вреднување на нивниот труд. Преку промоција на овие вредности и надвор од институцијата, преку поттикнување инклузија и женско претприемништво во локалната економија, банката има за цел да придонесе кон креирање работни места и стимулирање на економскиот развој преку иновации, конкурентност и понапредни деловни практики.

Сите информации и услови за новиот бизнис пакет за жени претприемачи е достапен на следниот линк.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе