Разговор со модната дизајнерка Моника Коцарева Ергиќ: „Се стремам кон нови успеси“

Жени што инспирираат

Ателјето „Коцарева“ се грижи за модниот печат на многу дами уште од почетокот на 2016 година. Станува збор за креации кои се препознатливи по својот уникатен дизајн и врвна изработка, а наменети се за храбри жени што сакаат да се издвојат од толпата…

Моника Коцарева Ергиќ започна да го зацврстува своето влијание на нашата модна сцена пред осум години, а сега несомнено важи за една од најпочитуваните и најбараните модни дизајнерки кај нас. Борбена и силна во работата, а нежна и грижлива во домот, таа постојано се стреми кон постигнување нови успеси. Покрај тоа што ќе ви го претставиме првиот дел од нејзината најнова колекција за пролет/лето 2024, ќе ви откриеме и кои се нејзините тајни на успехот.

Отсекогаш ли знаеше дека модниот дизајн е твојот животен повик?

Уште од најрани години, уметноста ми беше најсилна страна. Покрај многуте уметнички слики што ги имам насликано на платно, одлично ми оди и дизајнирањето ентериери, па сметам дека сите овие уметнички гранки имаат нешто заедничко и го отсликуваат стилот и карактерот на еден уметник. Сепак, отсекогаш доминирала љубовта кон модата. Во основно училиште почнав да шијам креации и да ја менувам функцијата на парчињата облека, следејќи ги најновите трендови – така започнав да ја развивам мојата приказна која подоцна се претвори во животна професија.

Со какви предизвици се имаш соочено во твојата работа?

Секој ден претставува нов предизвик, но мојот прв и најтежок предизвик беше наоѓањето добар тим со којшто ќе можам да ги реализирам моите креации. Потоа, голем предизвик ми беше проширувањето на бизнисот по 4 години работа, односно отворањето второ ателје во град во којшто не живеам. Третиот голем предизвик што можам да го издвојам беше опстојувањето на бизнисот за време на пандемијата на коронавирусот. Во тој период неуморно работевме на производство на маски од природни материјали, кои ги дониравме на болници и на сите граѓани што доаѓаа кај нас да ги подигнат. Почнавме со работа и на креации „ready to wear”, кои можат секојдневно да се носат, па повторно почнавме да продаваме свечени креации за мали прослави. Тоа беа тешки денови и гледавме на секој можен начин да опстоиме со две ателјеа, бидејќи не знаевме колку ќе трае.

Кој твој успех би го издвоила како најголем на професионален и на приватен план?

Морам да ги одвојам професионалното и приватното, бидејќи тоа се две сосема различни личности. На приватен план, мојот најголем успех е тоа што сум мајка. На професионален план, најголем успех ми е секој задоволен клиент. Постојано сум на релација Охрид – Скопје, но одржувам добар баланс помеѓу работата и она што се случува во домот. Дома сум нежна и грижлива мајка, додека на професионален план сум борбена и силна жена, која се стреми кон нови успеси.

Што ти помага најмногу да го постигнеш тој фамозен баланс меѓу работата, мајчинството и грижата за себе?

Мојот сопруг. Без него немаше да постигнам ништо од ова што сум денес. Тој е мојата најголема поддршка, исто како и моите родители. Преку недела работам во Охрид, а за викенди најчесто сум на работа во Скопје. Потребна е навистина добра организација за да присуствувам и на настани и да патувам и да се грижам за себе. Секогаш кога можам, ја земам ќерка ми со мене, па кога сум работно во Скопје, на пример, времето по работа ѝ го посветувам нејзе.

Ја имаме честа да го претставиме првиот дел од твојата најнова колекција за пролет/лето 2024. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за неа?

Оригиналноста на секоја креација во новата колекција се содржи во префинетите материјали, уникатните кроеви и изразените детали, во согласност со последните светски трендови. Во оваа колекција доминираат високи шлицови, корсети и везени материјали. Секој модел си е своја приказна, но заедничко кај сите нив е тоа што ја отсликуваат женственоста и елеганцијата. Сите мои колекции се за храбри жени кои сакаат да остават печат со својот стил и да бидат запаметени. Целна група се девојки и жени на возраст од 18 до 50 години, кои претпочитаат уникатност и врвна изработка.

Овој период работите и на венчаници за 2024. година. Кога ќе излезе новата колекција и што ќе биде актуелно?

Новата колекција ќе биде готова на почетокот од декември оваа година. Го дадовме најдоброто од себе, па едвај чекам да ви ја претставиме. Креациите содржат многу рачна изработка, а обрнавме и големо внимание на деталите. Колекцијата содржи А-кроеви, сирена-кроеви и широки модели, така што секоја невеста ќе може да ја пронајде својата венчаница од соништата. Тантелата што ја користевме за изработка е со најдобар можен квалитет, а од материјали користевме француски тул, микадо, свила, американски сатен, француски сатен и слично.

Твои топ 5 модни лекции што секоја млада девојка треба да ги знае?

1. Никогаш не носете бело на свадба, доколку не сте невестата.

2. Никогаш не одбирајте кич наместо едноставност. Едноставниот стајлинг секогаш можете да го збогатите со смел накит.

3. Никогаш не носете лажна облека или чанта, тоа ќе направи да изгледате многу евтино.

4. Не треба по секоја цена да следите трендови, доколку не ви прилегаат и не ви стојат добро.

5. Најважното нешто кај една жена е да биде самоуверена!

 

Покрај модата, имаш ли и друга пасија во животот?

Можам да кажам дека пасија ми се патувањата. Често патувам и уживам во тоа. Имам посетено многу држави. Секогаш ја земаме ќеркичката со нас, па еве, на нејзини 2 години има видено 10 држави и два континента. Слободните денови гледам да му ги посветам на семејството. Нема поважно нешто на светот од тоа. Миговите поминати заедно претставуваат најголема среќа за мене и ми даваат сила и мотивација во животот.

Имаш ли своја животна филозофија што те води напред?

Никогаш не сум се споредувала со никого. Не само на професионален план, туку и на приватен. Тоа го сметам за моја силна страна. Секогаш одев само напред, без разлика какви предизвици ќе ми постави животот. Кога паѓав, станував и продолжував двапати посилна од претходно.

За што сонуваш? Кои цели се стремиш да ги достигнеш во иднина?

Немам соништа, едноставно го живеам животот што го сакам и уживам во него. Уживам во тоа да ја гледам ќерка ми како расте, уживам во мојата креативна работа и секојдневно се трудам да бидам подобра од вчера. Нашите креации може да се најдат на канадскиот албанскиот и косовскиот пазар. Секојдневно работиме на ширење на брендот. Тоа ми е целта – да станеме што поголеми и поуспешни.

 

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: АНТОНИО СТАНКОВ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.