Оливер Илиевски: „Мирисот и топлината на моите две мали ангелчиња и денес се врежани длабоко во мене“

Од поинаков агол

Оливер Илиевски е дипломиран економист, сопруг и татко, работел како професор, менаџер и директор, а сега е кандидат за градоначалник на Куманово. Разговаравме за предизвикот да се „жонглира“ со приватните и службени обврски, но и за неговата визија за модерно живеење.

Истакнавте дека не сакате да ве нарекуваат „татко на градот“, затоа што претпочитате да се чувствува како човек што е избран од своите сограѓани за да работи во нивни интерес. Но вие сте им татко на 12-годишните Моника и Марија, па кажете ни што значи да се биде родител?

Повеќе години се обидувавме да добиеме дечиња и, по некое време, Бог нè награди со близнаци. И денес паметам дека, кога доцна вечерта се упативме кон болницата, посакував сè да биде во ред и се прашував дали ќе умеам да држам толку мали и кревки суштества во раце. Мирисот и топлината на прегратката од моите две мали ангелчиња и денес се врежани длабоко во мене.

Дали вашата сопруга и вие имавте помош во одгледувањето на децата од страна на бабите и дедовците или некое стручно лице?

Поддршката за чување беше повеќе од очигледна од сите страни на фамилијата – затоа што бевме млади родители, кои немаа искуство со чувањето на децата. Но имав искуство во давање љубов, кое и денес го негувам кон нив.

Со кои предизвици се соочувате одгледувајќи ги децата до денешно општество?

Во оваа нова ера и едно доста опасно време и ние возрасните, како и децата, изложени сме до секој вид информација, па сопругата и јас настојуваме да ги селектираме информациите и постепено една по една да ги пласираме до нив.

Немаме табу-теми и секогаш отворено разговараме како се чувствуваме. Тоа ми е најважно. Многу е важно да ги научиме децата на вистинските вредности, како лојалност, истрајност, доверба, почитување на својот, а и туѓиот збор.

Како успевате да „жонглирате“ меѓу семејните и професионалните обврски?

Секако дека треба умешност да ги споите професионалните и семејните обврски, но кога и двете работи ги сакате, може да се направи добар распоред за да не трпи ниту едното, ниту другото. Семејните обврски се нешто на што сум посветен и оттаму ја црпам целата позитивна енергија за да можам што поуспешно да ги завршам своите професионални обврски.

Понекогаш е истоштувачки, но, сепак, на крајот на денот, сфаќате дека и двете работи се составен дел од вашиот живот.

Кои се вашите идеи за подобрување на условите за раст и развој на младите кумановци?

Мислам дека на младите им треба малку да се оттргнат од социјалните мрежи. Потребни им се повеќе катчиња за игра. Им требаат креативни работилници, каде што ќе можат да ги развиваат своите креативни идеи и на тој начин да се запознаваат со можностите што ова општество ги нуди. На прашањето што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, децата не можат да одговорат, затоа што не знаат какви сè можности имаат за избор на сопствените професии.

Па токму овие проекти што ќе ги понудиме ние ќе дадат можност децата се оттргнат од нивните мобилни телефони и креативно да го исполнат своето време.

Кој е вашиот став за масовното заминување на младите од државата во потрага по подобри услови за живот? Што би им кажале на вашите деца доколку еден ден ви соопштат дека сакаат да си ја пробаат среќата „преку барата“?

Секако дека тоа е голем проблем кој постои во нашата земја. Од една страна, ги разбирам младите дека сакаат да заминат, да видат нова култура, да посетат нова земја, да се доедуцираат, можеби и да се обидат професионално на некој друг простор, поинаков од нашиот, сето тоа е потребно и разбирливо, но имаме проблем кога младите трајно сакаат да заминат од својата држава и кога не ги задоволуваат условите тука.

Доколку моите деца сакат да заминат, би ги посоветувал дека никаде не може да им биде поубаво од дома.

Каде го гледате тригерот за оваа појава присутна не само кај нас туку и во земјите во регионот? Дали проблемот го лоцирате во лошите економски услови, кои наметнуваат ниски примања, непостоењето на соодветни образовни институции или во недостигот на работни места?

Проблемот е покомплексен и многу фактори влијаат на него, меѓутоа не смееме само да го детектираме, туку мора да почнеме и да го решаваме. Да им овозможиме иднина на младите, да им создадеме услови во секој ќе може да успее, да бидат конкурентни, да имаат борба на идеи. Секако дека битен чинител во сето ова се и финансиите, затоа треба и се трудиме да овозможиме подобри работни места, кои ќе бидат соодветно платени за трудот што го вложуваат младите.

Како изгледа еден работен ден на Оливер Илиевски?

Работниот ден ми почнува во седум часот наутро, кога ги започнувам своите обврски. На работа имам професионален тим што ми помага и знаеме сите заедно да изнајдеме решение за предизвиците со кои се соочуваме. Тука е и постојаното излегување на теренски активности, бидејќи од Водостопанство Куманово зависи во каква состојба се речните корита во градот и надвор од него, па затоа доста често сме на терен, каде што се среќаваме и со граѓаните и го слушаме нивниот глас.

Колку често одите на семеен одмор?

Сосема доволно за да можеме да се одмориме и да ги наполниме батериите. Многу често знаеме да заминеме некаде и на еден ден, што е сосема доволно да другаруваме со природата и да  добиеме позитивна енергија.

Дали сметате дека кумановци имаат каде да одат за да се рекреираат во слободното време?

Во Куманово ги имаме околните излетнички места Кисела вода, Студена вода и малку подалеку комплексот Пелинце и Липковското Езеро. Во градот можеме да прошетаме на градскиот кеј, но секако дека град како Куманово има потреба од многу рекреативни патеки нови паркови, уредување на постојните и места на кои би се рекреирале нашите сограѓани.

Земајќи предвид дека „Убавина и здравје“ е списание што го чита женската популација, ме интересира дали гледате еднаков потенцијал за работа и успех и кај колешките, како кај колегите?

Секако, воопшто и не помислувам на таква поделба, за мене постои само добар посветен работник или работничка и колега, и оној кој ревносно си ги извршува своите задачи. Секој има потенцијал да ја искаже својата креативност само ако му се дадат одврзани раце за да може успешно да работи. Така што потенцијал за работа има кај секого од нас, само треба целосно да се вложиме.

Кое е првото нешто што би го смениле како градоначалник на Куманово? Што ве поттикна да се кандидирате?

Па прво би го разрешил сообраќајниот хаос што владее во градот, би направил повеќе слободен простор за пешаците, а тоа и ќе го спроведеме со поврзување на двата плоштади – проект што ќе го реализираме во првиот мандат. Исто така, сакаме да ги асфалтираме сите улички во градот кои сè уште се неасфалтирани за да не газат луѓето во кал. Тоа го ветуваме и ќе го реализираме.

На кандидатурата ме поттикна тоа што едноставно знам дека во Куманово може да се живее поинаку и дека овој град, кој е крстосница на правците север – југ и исток – запад и ја има една од најдобрите местоположби на Балканот, мора да функционира подобро и мора да направиме град во што секој ќе сака да дојде.

Текст: Убавина издравје

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.