ОКОСКУВАЊЕ: Не дозволувајте болеста да ве скрши

Ве учиме на самоистегнување на сите делови на ’рбетот

Доколку подвижноста на ’рбетот ви е ограничена или имате чувство на стегање во вратниот дел, не дозволувајте болеста да напредува. Во оваа фаза остеохондрозата, како што се нарекува стручно ова нарушување, не само што може да се запре туку може и да ѝ се смени текот. Со едноставни вежби спречете го понатамошното окоскување

Водечките стручњаци од Институтот за натуропатија препорачуваат достапни, безопасни и ефикасни методи на домашно лекување на остеохондрозата, како што се: самомасажа, вежби, диета и лекување со треви.

Ве учиме на самоистегнување на сите делови на ’рбетот:

* Во случај на остеохондроза и сколиоза на лумбално-сакралниот (тртниот и долниот дел на ’рбетот) дел, истегнувањето е многу едноставно: свртете два стола со грбот еден кон друг, па потпрете се на нив со дланките за да ги опуштите грбните мускули. Стапалата свиткајте ги така што со ножните прсти ќе го допирате подот. Потрудете се во таа положба да останете најмалку пет минути. Одморете се 30 секунди, па повторете ја вежбата уште три-четири пати.

* Самоистегнувањето на торакалните (средниот дел на ’рбетот) и лумбално-сакралните делови најдобро се прави со висење на прачка: на врата прицврстете дрвена или метална прачка со пречник 2,5–3 см и должина 70–80 см. Фатете се за прачката опуштајќи ги грбните мускули најмалку една минута (почнете со половина минута). По одморот, повторете ја вежбата пет-шест пати. Истегнувајте се пет пати во текот на денот.

Самомасажа

Освен истегнувањето, многу е важна и самомасажата. Неопходно е мускулите да ви бидат максимално опуштени, што се постигнува со лежење на стомакот. При вратна, градна и лумбално-сакрална остеохондроза масажа можете да правите и во седечка положба, малку наведнати нанапред.

* Во случај на вратна остеохондроза масажата почнете ја со нежно милување на задниот дел на вратот – од темето кон рамената. Потоа, со бочната страна на дланката (од страната на малиот прст) со триење поминете го истиот вратен пат, прво со десната, а потоа со левата дланка. Потоа вкрстете ги трите средни прста од левата и десната рака и направете спирално гмечење на вратот. Потоа со дланките притискајте го рамениот дел, а потоа стискајте го со палецот и показалецот. Масажата правете ја одозгора надолу, прво со десната, па со левата рака. Завршете со галење. Повторувајте ја секоја техника за почеток по 20 пати, а потоа зголемете на 30.

* Самомасажата на лумбално-сакралното подрачје се прави на истиот начин: милување, триење со бочната страна на дланката (овој пат од страната на палците) и длабоко триење со врвовите на средните прсти на десната рака додека на нив се потпрени истите прсти на левата рака. Ставете тупаница на тупаница така што со левата ќе ја притискате површината на десната. Тријте ја половината одозгора надолу. Уште една техника се покажа ефикасна: со врвовите на средните прсти притискајте го пределот на ’рбетот потпирајќи се со палците на половината. По притискањето преминете на милување. Оваа самомасажа е одлична подготовка за тераписка гимнастика.

 

Тераписка гимнастика

1 Почнете со статична (изометриска) гимнастика што ги развива внатрешните мускули на вратот.

* Ставете ги дланките под брадата и обидете се да ја спуштите главата, во што ве спречуваат подигнатите дланки.

* Рацете ставете ги на темето и обидете се да ја подигнете главата, совладувајќи го отпорот на дланките. Исто така, со ставање на левата дланка на левото уво обидете се да ја наведнете главата налево, потоа истото тоа направете го со десното уво, тилот, челото. Вежбите со поместување на главата се повторуваат од 8 до 12 пати.

2 Потоа преминете на динамичка гимнастика, наведнувајќи ја главата лево-десно, напред-назад. Вежбата правете ја 10 пати.

3 Завршете ја гимнастиката со подигање на главата држејќи ја со дланките пред ушите (палците да бидат зад ушите). Туркајте кон тилот опуштајќи ги вратните мускули. Завршете со галење на вратот одозгора надолу.

4 Пред крајот правете вежби за истегнување: наведнување на торзото напред-назад, бочно ротирање, свиткување на ’рбетот во лежечка положба, бочно свиткување на нозете свиткани во колената итн.

5 Комплексот вежби можете да ги завршите со триење на грбот со тркалезен масажер.

Текст: Валентин Дубин, натуропат

Фото: pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.