Анксиозно срце (како да ја задржите контролата и да останете здрави)

Прочитајте… Да, и вие што сè уште не сте си признале дека имате проблем!

Контролирањето на анксиозноста може да го подобри квалитетот на вашиот живот и да го отстрани стресот од вашето срце. Затоа што, ако ги имате овие проблеми, веројатно сте загрижени за срцето во ситуациите „бори се или бегај“ – прашувајќи се дали е доволно силно за толкаво забрзување. Дали сме во право?

Од анксиозно нарушување страдаат 19,1% од возрасните во САД, според последните статистички податоци, но кај нас ситуацијата е уште поалармантна – третина од населението во Македонија се смета за ментално ранливо, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Германското здружение за меѓународна соработка, а анксиозноста е најчестиот проблем за менталното здравје.

Некои видови анксиозност може да вклучуваат и физички симптоми. Срцебиењето (медицински: палпитации) е еден од физичките симптоми – вообичаен за паничното растројство.

Затоа е важно да се знае дека контролирањето на анксиозноста може да ја намали и зачестеноста на нападите на паника, регулирајќи ги палпитациите како резултат.

Дали сте запознаени со следнава ситуација? Ве обзема бран на необјаснив страв – срцето ви трепери, како да ви вибрира во градите, чука толку силно што го слушате во вашите уши, или имате впечаток дека срцето ви прескокнува и излегува од ритам, и не можете да дојдете до здив. Чувствувате болка во градите. Овие класични симптоми на анксиозност често погрешно се поврзуваат со срцев удар.

Иако, би рекле, постои оправдана причина за таа поврзаност: емоционалните превирања предизвикуваат ослободување на хормони на стрес кои дејствуваат на истите области на мозокот кои ги регулираат кардиоваскуларните функции, како што се отчукувањата на срцето и крвниот притисок.

Токсична мешавина и ефекти врз срцето

Стресот, анксиозноста и депресијата може да се набљудуваат како семејство на поврзани проблеми, велат експертите. Всушност, анксиозноста и депресијата се веројатно различни изрази на заедничката основна биологија, а долготрајниот, непопустлив стрес може да биде претходник на двете состојби, според истражувањето на Медицинскиот факултет Харвард.

Но какви се нивните ефекти врз срцето? И дали има простор за загриженост?

Врската помеѓу здравјето на срцето и депресијата одамна е добро документирана. Исто така, постојат сè поголеми докази за одредена врска помеѓу анксиозноста и срцевите заболувања. Особено интересно се чини дека луѓето со општо анксиозно растројство може да развијат поголем ризик од срцев удар и други кардиоваскуларни епизоди со текот на времето.

Ефектот е поизразен кај луѓето кои веќе имаат дијагноза на срцеви заболувања, а ризикот се зголемува со интензитетот и зачестеноста на симптомите на анксиозност.

Една статија во American Family Physician сугерира дека срцевите палпитации поради анксиозност се почести кај луѓето кои секојдневно доживуваат многу иритации и кои се осетливи на сензациите во своето тело.

Постојат неколку теории за тоа како овој тип анксиозност може да влијае на кардиоваскуларниот систем, според веб-страницата на Harvard Health Publishing Harvard Medical School.

Анксиозните нарушувања можат да го променат одговорот на телото на стрес, комбинацијата на хормонални и физиолошки реакции кои им помагаат на сите животни да се борат или да избегаат од реалните закани. Неисправниот одговор на стрес, исто така, ги оштетува ѕидовите на артериите со текот на времето и ја поставува основата за создавање коронарна болест.

Луѓето што се борат со анксиозност имаат и ниски нивоа на омега-3 масни киселини, а тие пониски нивоа се поврзани со поголем ризик од срцеви заболувања. Исто така, присуството и на анксиозност и на депресија тромбоцитите ги прави „полепливи“, така што крвта има поголема веројатност да се згрутчи и да формира тромб.

Врската помеѓу анксиозноста и здравјето на срцето се движи и во друга насока.

Дијагностицирањето срцеви проблеми веројатно ќе ја зголеми анксиозноста на човекот, велат експертите. Дополнително, луѓето кои се вознемирени може да усвојат и нездрави навики (како што се пушење или прејадување), кои исто така го зголемуваат ризикот од срцев удар.

Значи, има многу да се каже за тоа како анксиозноста влијае на срцето, а нејзините штетни ефекти – заедно со стресот и депресијата – не треба да се игнорираат.

Колку е опасно срцебиење предизвикано од анксиозност? Иако палпитациите на срцето можат да бидат алармантни, тие главно не се опасни – според кардиолозите. Вашиот пулс може да се зголеми како одговор на одредени стресни ситуации.

За среќа, овие срцеви палпитации обично исчезнуваат откако ќе помине ситуацијата што предизвикува анксиозност. Колку е често срцебиењето предизвикано од анксиозност, веројатно би било вашето следно прашање до експертите.

Анксиозноста е најчеста причина за палпитации кои не се поврзани со срцеви проблеми. Многу е вообичаено и нормално да се чувствувате вознемирено, особено за време на стресни ситуации.

Анксиозноста ја активира реакцијата на телото „бори или бегај“ како дел од одговорот на автономниот нервен систем, кој ги регулира телесните функции, како што се варењето, отчукувањата на срцето и дишењето. Кога се чувствувате непријатно заради некоја ситуација, автономниот нервен систем се активира, зголемувајќи го вашиот пулс.

Овие ситуации може да вклучуваат интервјуа за работа, јавни настапи или летови со авион. Покрај срцевите палпитации, може да се јават и скок на крвниот притисок, гастроинтестинални проблеми (гасови и дијареја), забрзано дишење, потење, тремор, мускулна напнатост и исцрпеност. Во повеќето случаи, овие вознемирени чувства се кратки епизоди – обично исчезнуваат за неколку минути.

Меѓутоа, ако често или долго време имате чувство на анксиозност, разговарајте со вашиот лекар. Може да имате анксиозно нарушување (чувство на прекумерна или постојана загриженост) или панично растројство. Анксиозното растројство значи дека прекумерната анксиозност влијае на вашиот секојдневните активности, како одење на работа или средба со пријателите.

Третманот со лекови, психотерапија или нивна комбинација може да помогне во ублажување на симптомите. Поретко, палпитациите на срцето може да бидат и знак за сериозен здравствен проблем, како што се аритмија (неправилен срцев ритам, атријална фибрилација), потоа миокардитис, воспаление на срцевиот мускул поради вирусна инфекција, проблеми со тироидната жлезда, вклучувајќи и хипертироидизам, но и некои структурни проблеми на срцето.

Овие палпитации може да предизвикаат анксиозност, наместо да ја придружуваат. Ако имате срцебиење придружено со болка во градите, отежнато дишење, вртоглавица или конфузија, експертите советуваат веднаш да побарате лекарска помош.

Како се дијагностицира срцебиење предизвикано од анксиозност? Но прво – кога треба да побарате лекарска помош за палпитации и анксиозност? Секогаш разговарајте за сите нови симптоми со вашиот лекар.

Веднаш побарајте помош доколку имате палпитации, но и: болка или непријатност во градите, отежнато дишење или други проблеми со дишењето.

Потоа, посетете лекар ако исто така чувствувате вртоглавица или збунетост, особено ако сте доживеале губење на свеста или несвестица. Оток на екстремитетите, особено на нозете, глуждовите и стапалата, како и невообичаен или ненадеен замор се исто така симптоми кои не треба да се игнорираат.

Вашиот лекар ќе ги изврши сите потребни тестови за да ги исклучи другите состојби пред да дијагностицира срцеви палпитации предизвикани од анксиозност. Ќе ви го провери срцето за шум или други сомнителни звуци. Ќе ве праша дали и какви лекови земате, вклучувајќи и хербални суплементи. Ќе ве праша за вашите навики, вклучувајќи го и внесот на алкохол и кофеин, бидејќи можат да предизвикаат палпитации.

Ќе ја прегледа вашата медицинска историја и симптомите што ги доживувате. Ќе ви предложи да направите тест на крвта за да го провери нивото на железо и калиум. Исто така, треба да ви ги провери тироидните хормони и сè друго што може да предизвика срцебиење.

Потоа, треба да направите и ЕКГ, а може и ехо на срцето (ултразвук на срцето), како и холтер-монитор за снимање на активноста на вашето срце во текот на 24 часа. Рентген на градниот кош за проверка на срцето и белите дробови исто така може да биде корисен.

Ако се сомневате дека друга медицинска состојба предизвикува вашите палпитации – со или без анксиозност – разговарајте со вашиот лекар. За ублажување на симптомите, важно е вашиот лекар да ја третира причината. Може да имате корист и од терапии за ослободување од анксиозност.

Фото: Getty Images

Како дo решение?

Посетете кардиолог за да бидете сигурни дека вашето срце е во добра форма. Анксиозноста е почеста отколку што мислите, и поверојатно е да станува збор за анксиозност отколку за срцев проблем.

Значи, ако сè е во ред со срцето, време е да донесете одлука да користите една од техниките за забавување на пулсот. Истражувавме кои терапии за самопомош се клучни за забавување на отчукувањата на срцето:

1 ДИШЕЊЕ Кога дишете издишувајте подолго отколку што вдишувате за да го забавите пулсот. Вдишете длабоко низ нос и издишете преку уста најмалку десет пати по ред. Длабоко, континуирано дишење со контролирано темпо му кажува на вашиот парасимпатичен нервен систем да го опушти телото.

Пробајте и абдоминално дишење. Ставете ја едната рака на копчето од панталоните, а другата на градите. Вдишете во пределот на папокот, за да се крене раката на копчето, а не онаа на градите. Дишењето од стомак е најефективен начин на дишење.

2 ФОКУСИРАЊЕ Посветете одредено време од денот за да се фокусирате на она што ве загрижува. Можете да ги запишете вашите грижи во тетратка или на парчиња хартија и да ги ставите во тегла. На тој начин повеќе нема да ви се вртат низ главата. Фокусирањето на умот е исто така здрава практика дури и кога не сте под стрес, за да ја помогнете вашата секојдневна благосостојба.

3 МЕДИТАЦИЈА Многу ефикасна алатка за излегување од анксиозноста, а како резултат на тоа се забавува пулсот. Ова е нешто што треба да го правите секојдневно. Ако недостатокот на слободно време е она што ве ограничува, петминутна медитација е подобра отколку ништо. Исто така, можеби ќе биде и доволна.

4 ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ Нема потреба да вклучувате интензивно вежбање, доволно е 30 минути пешачење секој ден, само движете се каде и кога можете. Лесна прошетка, идеално во природа, може да ви донесе свеж воздух и да ве ослободи од напнатоста. Бавното одење е најдобро за забавување на пулсот.

5 ХИДРАЦИЈА Дехидрацијата на телото може да ги влоши срцевите палпитации. Погрижете се да пиете доволно вода и да ги надополнувате електролитите доколку сте вежбале. Избегнувајте кофеин, бидејќи предизвикува уште поголема вознемиреност и срцеви палпитации.

ДАЛИ ВИ ТРЕБА ПРОФЕСИОНАЛНА ПОМОШ?

Ако имате срцебиење предизвикано од хронично (долготрајно) анксиозно нарушување, постои надеж – можете да управувате со вашата анксиозност со правилен третман. Од витално значење е добро да се грижите за вашето физичко и ментално здравје, бидејќи стресот и анксиозноста можат значително да влијаат на вашиот живот.

Особено ако вашата анксиозност вклучува напади на паника. Одредени проблеми со срцето, како што рековме на почетокот, имаат слични симптоми со нападите на паника, што ги наведува луѓето да побараат помош доцна. Но добар тим здравствени работници секогаш може да ви помогне да изградите стратегија за справување.

А еве што значи тоа:

1 Терапиите со разговор, како што е когнитивната бихејвиорална терапија, се фокусираат на тоа како вашите мисли, ставови и верувања влијаат на вашето однесување и чувства. Тие ве учат на нови вештини за справување со вашите проблеми. Применетата терапија за релаксација ве учи како да ги опуштите мускулите за време на стресни ситуации.

2 Лековите можат да им помогнат на некои луѓе. Можеби ќе ви требаат антидепресиви, а понекогаш и бета-блокаторите помагаат во лекувањето на физичките симптоми, како што се забрзан пулс и висок крвен притисок. Во случај на тешка анксиозност, може да бидат неопходни бензодиазепини, како што е алпразолам, но бидејќи предизвикуваат зависност, се пропишуваат само за повремена употреба.

3 Дополнителни здравствени третмани: биофидбек и неврофидбек-третмани, терапија со масажа и други техники можат да ви помогнат да се опуштите. Анксиозноста секогаш може да се појави кога најмалку ја очекуваме, но со овие ефективни совети, се надеваме дека кога повторно ќе се сретнете со неа, ќе се чувствувате поподготвено да ја вратите смиреноста и да го доведете пулсот на здраво ниво.

Пишува: Јелена Белимарковиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.