Дали сум бремена? Овие рани симптоми ќе ви помогнат да откриете!

Имајте во предвид дека многу од раните симптоми на бременост се слични со симптомите на ПМС!

Првите симптоми кои укажуваат на тоа дека сте бремена се различни кај различните жени. Всушност, тие може да варираат и кај една иста жена за време на различни бремености. Покрај задоцнување на менструацијата, на листата на најчести рани симптоми на бременост можат да се вклучат и следниве знаци:

Гадење, утрински мачнини

Повеќето трудници започнуваат да имаат утринско гадење во шестата недела од бременоста, но кај некои гадењето се појавува многу порано. Иако мачнините се нарекуваат утрински, всушност можат да се појават во кој било период од денот и не се задолжително проследени со повраќање.

Чести главоболки

Зголеменото ниво на хормони за време на бременоста може да биде причина за појава на чести главоболки.

Замор и поспаност

Се чувствувате изморени и не можете да си објасните зошто сте толку поспани? Можно е тоа да се должи на зголеменото ниво на хормони во вашето тело. Кај многу жени заморот продолжува во текот на целото прво тримесечје од бременоста. Ако се сомневате дека сте бремени, не го „лечете“ заморот со кафе, туку послушајте го телото и одмарајте.

Чувствителни, отечени гради

Уште во втората или третата недела од бременоста може вашите гради да станат поголеми и почувствителни. Ставањето на градникот може да ви стане еден вид мало измачување, бидејќи ќе ви причинува болка. Исто така, веројатно и вените на градите ќе станат повидливи.

Често мокрење, особено во текот на ноќта

Ако не поминува ноќ без да сте принудени да го посетите тоалетот, тогаш можно е телото да ви сигнализира дека ќе станете мајка.

Болки во долниот дел на грбот

Иако поретко, сепак се случува болките во грбот да започнат уште во првите недели од бременоста. Лошата вест е што ако сте бремени, нема да се ослободите од болките сè до породувањето.

Изострено сетило за мирис

Бремените жени се почувствителни на миризби. Наеднаш може парфемот на вашата пријателка да ви стане одбивен, да не можете да го поднесете вашиот омилен гел за туширање или да ви пречи миризбата од кантата за ѓубре која е на голема оддалеченост од вас.

Грчеви во долниот дел на стомакот

Чувствувате болки и грчеви во долниот дел на стомакот? Може да се работи за ПМС или пак вашата матка се подготвува за бременоста. Сепак, тешко е да се каже со сигурност која е вистинската причина.

Промени во расположението

Започнувате Трета светска војна без причина? Можеби вашето бунтовништво се должи на промените во вашето тело предизвикани од бременост.

Задишување

Некои жени кога ќе останат бремени многу лесно се задишуваат затоа што им е потребен повеќе кислород поради растењето на фетусот. Колку една жена е во понапредна бременост, толку задишувањето станува почесто.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.