За љубителите на интензивни вкусови: Пилешки крилца со пикантен сос

За 4 лица, приготвување: 60 минути, плус 2-12 часа за маринадата

Гастро-мајсторот Дејан Главчев ни го приготви овој неодолив рецепт

Пробајте ги пикантните пилешки крилца на Дејан Главчев, а уште негови рецепти можете да најдете на неговиот инстаграм-профил @glavcevdejan.

Состојки:
  • 1 кг пилешки крилца
  • 2 лажичиња чаден црвен пипер
  • 1 лажиче оригано
  •  1 лажиче нане
  • 1 лажиче лук во прав
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажиче мешан зачин за пилешко
  • 1/2 лажиче куркума
  • 1/2 лажиче ѓумбир
  • 5 лажици маслиново масло

За пикантниот сос:

  • 80 г чили-сос за скара
  • 1/2 сок од лимета
  • 2 лажичиња сос ворчестер
  • 1 лажиче чаден црвен пипер
  • 2 лажичиња балсамико
  • 1 лажиче мед
  • 1 лажиче лук во прав
  • 1/2 лажиче чили во прав

И уште:

  • 100 мл павлака за готвење
Приготвување:

1. Најпрво, пригответе ја маринадата за крилцата. Измешајте ги сите суви зачини во еден сад, потоа премачкајте ги крилцата со маслиново масло и додајте ги зачините. Убаво промешајте, завиткајте ги во растеглива фолија и оставете ги во фрижидер да отстојат 2-12 часа (најдобро е да ја приготвите претходната вечер, за да стои подолго во фрижидер и убаво да се впијат сите зачини).

2. Наредете ги крилцата во плех (заедно со целата течност што ја испуштиле) и печете ги во загреана рерна 45 минути на 190˚Ц.

3. Во меѓувреме пригответе го пикантниот сос, така што убаво ќе ги измешате сите состојки за сосот.

4. Извадете ги крилцата од рерната и сета течност што ја испуштиле истурете ја во тавче. Премачкајте ги крилцата со пикантниот сос и вратете ги во рерната уште 15 минути на 210˚Ц, да се потпечат (така ќе добијат поинтензивен вкус).

5. Разредете ја течноста од крилцата со 1/2 чаша вода и редуцирајте ја на тивок оган. Кога ќе почне да врие, додајте ја павлаката за готвење и непрекинато мешајте додека добиете кремлив сос.

6. На крајот декорирајте со ситно сечкан магдонос, а по желба може и со сусам. Гответе со љубов и нека ви е на здравје!

Извор: Добра храна

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.