ГЛАСНО, ПОГЛАСНО! Некој вреска на вас? Еве како да реагирате

Со спуштање на гласот на другите им сугерирате кој тон на разговорот е прифатлив и му ставате точка на викањето.

Некои луѓе викаат затоа што немаат добро развиени способности за соочување со стресните ситуации. Таквиот пристап во животот понекогаш може да донесе и победа на краткорочен план, додека, пак, на долгорочен може само да им наштети на односите, па и на нас самите. Како во изреката на Марк Твен:

Бесот е киселина што им нанесува поголема штета на садовите од кои истекува одошто на садовите во кои истекува.“

Чувството на губење контрола врз ситуацијата исто така може да предизвика своевиден бес. Во мигови на општа конфузија поради, да речеме, недостиг на факти или решение за конкретниот проблем, некои луѓе викаат за да воспостават контрола. Субјективно, по викањето можеби и чувствуваат дека ја вратиле контролата над ситуацијата, но факт е дека многу малку проблеми можат да се решат на овој начин.

Меѓучовечките конфликти во кризните ситуации обично нè оддалечуваат од решавањето на проблемот поради кој избил судирот. Постојат луѓе што со својата незаинтересираност можат да предизвикаат реакција на викање кај другите луѓе, кои наидувајќи на ѕид кога разговараат со нив со мирен тон, се принудени да викаат за да бидат слушнати, но и тоа не е идеално решение. Исто така, има и такви што викаат бидејќи се дел од некаква синџиреста реакција.

Поради тоа се случува менаџерите да врескаат на своите соработници откако генералниот менаџер врескал на нив. Конечно, некои луѓе едноставно се агресивни. Ако на вас почне да вика некој што не го познавате доволно (или воопшто не го познавате), бидете внимателни, бидејќи можеби е личност склона и на физичка конфронтација. А во таквите ситуации од клучно значење е да останеме смирени бидејќи се работи за личност навикната на „борба“ бидејќи ужива во неа.

ВОСПОСТАВУВАЊЕ АВТОРИТЕТ КОГА РАБОТИТЕ ЌЕ „ИЗЛЕЗАТ ОД КОНТРОЛА“

На пример, водите состанок со соработници во чие работно опкружување повишениот тон е секојдневна појава. На дневниот ред доаѓа прашање околу кое доаѓа до судир на мислењата меѓу две групи. Почнува препирка, судирот почнува да се оддалечува од темата, тензијата расте, луѓето почнуваат да се прекинуваат едни со други, мигот кога ќе постигнете договор станува се подалечен. Што ќе направите?

Викањето на други луѓе никогаш не е најдобро решение, но доколку подвикнете, можете да го пренасочите текот на разговорот. А за тоа не е доволно да кажете „доста“, иако во филмовите поминува. Сепак, доколку подвикнете, сите ќе погледнат во вас, особено ако не сте некој што вика. Значи, вниманието  сте го насочиле кон себе и сега имате неколку секунди да ја вратите ситуацијата на „почетната точка“.

Тогаш можете да го истакнете неприфаќањето на неконструктивната комуникација и да укажете на евентуалните последици доколку се повтори истиот циркус. За сето тоа ви се доволни 40 секунди, не повеќе. Ако сте подвикнале, тоа не значи дека сте се испразниле над другите, а со тоа и не вршите агресија.

По вашето подвикнување, луѓето веројатно ќе замолчат. Тогаш можете да го спуштите тонот и да кажете дека со проблематичната тема ќе се позанимавате кон крајот на состанокот и на дневниот ред, на пример, да поставите некое прашање што не е предмет на расправии.

Со спуштање на гласот на другите им го сугерирате тонот на разговорот што е прифатлив и му ставате точка на викањето, а со привремено менување на темата им оставате простор на соговорниците со „вжештени глави“ да се „изладат“. Се разбира, важно е притоа никого да не навредите лично.

СЕПАК, КОГА ДА ВИКАМЕ?

Некои од најдобрите менаџери на сите времиња, како Стив Џобс, Бил Гејтс, Марта Стјуард и Фергусон викале и тоа не го криеле. Резултатите што ги постигнале се јасно видливи. Покачениот тон може да значи е дека ви е многу важен нечиј личен развој, со него ја поттикнувате страста кај соговорникот и иницирате максимални резултати. Се разбира, границата е многу тенка. Некои луѓе се чувствуваат помотивирано по викањето доколку го доживеат како „викање поради загриженост“.

На пример, тренерот што со повишен тон му се обраќа на играчот: „Добро си? Супер, браво… Подобар си од повеќето, но сакам да бидеш најдобар! Самиот ми кажа дека го сакаш тоа. Тогаш, што ти е, по ѓаволите? Зошто се задоволуваш со просечното?“. Во поголемиот број случаи, спортистот нема да му се налути на тренерот по ваквиот „разговор“, напротив – можно е да му биде благодарен.

Сепак, ваквото обраќање не претставува напад, туку своевиден близок повик на акција. Добриот тренер нема да дозволи по излагањето спортистот да се чувствува неспособно и лошо, туку мотивирано и „раздрмано“. Истото важи и за менаџерите.

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.