Како да ја зголемите енергијата на работа за да бидете попродуктивни?

Безенергичните утра и поспаните попладниња се вистински убиец на продуктивноста на работното место...

Кога енергијата ќе замре и истоштени ќе дремете над бирото, не мора повторно да се фаќате за кафето како давеник за сламка. Вратете си ја концентрацијата и способноста за фокусирање со зголемување на енергијата на следниве начини:

Исправете го ‘рбетот!

Кога енергијата ни е на минимум, автоматски потонуваме во столот. Но, подгрбавеното седење ги истоштува мускулите, не дозволува белите дробови да го снабдат телото со максималното количество кислород, а може и да предизвика главоболка. Правилното исправено седење помага за зголемување на енергијата и активноста на мозокот.

Накратко поразговарајте на телефон со блиска личност

Доволно е да поразговарате неколку минути со саканиот, децата или верна пријателка за да ви се намали стресот, да ви се подобри расположението и да добиете нови сили за работа. Без причина јавете се некому и разговорот ќе ви делува како енергетска бомба.

Слушајте весела музика

Ако имате можност, пуштете песни кои ви го забрзуваат срцето и ви будат убави емоции (на пример, летни хитови). Подобреното расположение ќе ви ги врати ентузијазмот и мотивацијата да останете активни.

Дистанцирајте се од „цицачите“ на енергија

Си мислите дека не може да ви наштети разговор со здодевната колешка која секој ден се жали, критикува и омаловажува? Грешите. Некои луѓе се толку негативни, што можат да ве „испразнат“ за неколку минути. Ако се сомневате дека некој ви ја цица енергијата како вампир, подобро е да го избегнувате максимално.

Напијте се чаша ладна вода

Ставете коцка мраз во водата и испразнете ја чашата. Дехидратацијата е чест и подмолен крадец на енергијата. Ниската температура на водата ќе го разбуди телото и ќе го фокусира умот.

Имајте обилен појадок, но лесен ручек

Обилниот појадок е најдобар почеток на денот, затоа што нè снабдува со енергија уште од утрото, но обилниот ручек ја поттикнува дремката. Прејадувањето ќе ви ја зголеми мрзеливоста и ќе ви ја намали ефективноста на работното место. Подобро е да изберете полесен ручек од којшто нема да ви биде тешко.

Подигнете се неколку пати на прсти и истегнете се

Станете за момент, подигнете се неколку пати на прсти и протегнете ги рацете. На тој начин ќе си ја подобрите циркулацијата низ целото тело, а со тоа ќе ѝ кажете збогум на поспаноста.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.