Невработена сте? Совети кои ќе ви помогнат како да се справите со оваа ситуација!

Оваа непријатна појава е еден од најголемите проблеми во нашата држава, па и во светот...

Невработеноста е стресно искуство коешто ја уништува самодовербата, создава финансиски проблеми, а во некои случаи носи со себе депресија и проблеми во семејството.

Следуваат неколку совети кои можат да ви помогнат да ги ублажите последиците од невработеноста или пак во најдобар случај – да ја победите.

Реагирајте веднаш!

Без разлика дали сега сте ја изгубиле работата или пак тукушто сте ја зеле дипломата од факултет, невработеноста е проблем за којшто треба да реагирате веднаш. Колку подолго едно лице е невработено, толку потешко му е да си ја изгради потребната желба за да бара работа, да оди на интервјуа и да се претставува во најдобро светло. Затоа, веднаш откако ќе добиете статус невработена, активирајте ги сите расположливи ресурси за да си најдете нова работа.

Променете го начинот на живот

Ако сте во финансиска криза поради вашата невработеност или ако имате за исплаќање некаков долг, треба да го промените начинот на живот и да го прилагодите кон новата ситуација. Започнете повеќе да штедите. Излегувањето сведете го на минимум и занимавајте се со активности кои не бараат трошење на мало богатство.

Надградете ги вашите способности и знаење

Искористете го тоа што сте слободни и започнете да изучувате нов јазик, подобрете ги вашите компјутерски способности, запишете се на курс за придобивање на одреден сертификат или диплома. Или пак започнете да читате повеќе книги за областа во која сакате да ја продолжите вашата кариера.

Осигурете се дека располагате со силно CV и мотивационо писмо

Документите за кандидирање го формираат првото мислење на работодавците за вас. Тие се средство за реклама, кое ако го искористите правилно, може веднаш да ви донесе нова работа. За да бидете сигурни дека имате соодветни документи, консултирајте се со ваш искусен пријател кој ќе ви даде реална оценка.

Побарајте поддршка

Секој човек сака да ги сподели своите проблеми, затоа што кога ќе го направи тоа, сè ќе изгледа полесно. Разговарајте со вашето семејство и пријателите за проблемите со кои се соочувате додека сте невработени.

Искористете ги вашите контакти

Кажувајте им на сите каква работа барате и прашувајте ги дали имаат информација за некоја фирма која бара лица со вашите способности. Многу луѓе наоѓаат работа токму преку своите пријатели или роднини. Кога сте невработени не е време да бидете срамежливи.

Бидете оптимисти

Ако сте невработени, лесно можете да се разочарате и да западнете во депресија. Доколку помине подолго време, а вие сè уште немате среќа, голема е веројатноста да започнете да се сомневате во вашите способности и на моменти да си мислите дека не вредите за ништо. Но, таквиот став е најлошото нешто што можете да си го направите, затоа што ќе се демотивирате и вработувањето ќе премине во невозможна мисија. Борете се против лошите мисли со поголема доза оптимизам и позитивно размислување.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.