ГЛАСНО, ПОГЛАСНО! Некој вреска на вас? Еве како да реагирате

Со спуштање на гласот на другите им сугерирате кој тон на разговорот е прифатлив и му ставате точка на викањето.

Земајќи предвид дека светот, официјално, не е џунгла, директен судир што ќе доведе до точка на вриење не е решение, но не е добро ни да дозволиме некој да се празни на нас. Па што да правиме тогаш?

Замислете дека некој вреска на вас. И тоа трае, како галоп, тонот се покачува, почнуваат да се нижат и навреди. Која е вашата природна реакција на вербален напад? Без разлика дали станува збор за расправија со партнерот, член на семејството, за конфликт на работното место или за ненадеен излив на гнев од страна на човекот што сте му го зазеле паркинг-местото, дали инстинктивно одите во контранапад, надвикувајќи го напаѓачот?

Или се повлекувате, премолчувајќи, со надеж дека ескалацијата на бесот ќе престане, по што останувате во шок со непријатно чувство во стомакот? И двете реакции се природни, речиси нагонски, но и ирационални. Во превод, можеме и подобро од тоа! Во првиот случај, со сопственото викање го оправдувате конфликтот што не сте го иницирале, долевајќи масло на огнот, без да размислувате за последиците.

Второто сценарио ве става во позиција на личност што дозволува врз неа да се врши енергетска агресија, па поради шокот дозволувате некој да го испразни сиот гнев врз вас, а потоа останувате сами со непријатното чувство во себе.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО НАШИОТ МОЗОК ВО КРИЗНИТЕ СИТУАЦИИ

Кога некој манифестира вербална агресија над нас, особено онаа што подразбира викање, се активира лимбичкиот систем кој на вревата реагира како на своевидна опасност. Првата реакција е нагонска. Добар пример за тоа е случајно активирање на алармот при влегување во куќата – иако знаеме дека не постои опасност бидејќи слујано сме ја згрешиле шифрата, нашиот мозок реагира на бучавата.

Затоа голем број луѓе по деактивирање на алармот се чувствуваат вознемирено, и покрај тоа што ништо не се случило.

Според слично сценарио реагираме и на викање. Рационалните функции на мозокот паѓаат во втор план, а текот на мислите, кој инаку го контролираме, паѓа во своевиден шок во траење од неколку секунди. Во зависност од структурата на личноста, ќе почувствуваме нагонска реакција која ќе оди во насока на борба или на повлекување.

Земајќи предвид дека светот, официјално, не е џунгла и директната конфронтација што ќе доведе до точка на вриење не е решение, а не е добро и да му се попушти на некој што се празни врз нас – што да правиме тогаш?

Како да постапиме кога ќе доживееме викање на работното место? Менаџерот што вреска може да стане предмет на тужба за мобинг, но секогаш постојат и „сиви зони“. Тоа што некој викал еднаш, попуштил под притисокот и го повишил тонот не значи дека е агресивна личност, на пример.

КАКО ДА КОНТРОЛИРАМЕ НЕНАДЕЕН СУДИР НА РАБОТО МЕСТО

Во мигот кога претпоставениот почнува да вика, прво треба да ја контролираме својата нагонска реакција. Значи, вдишете длабоко. Лицето што вика обично има изразена невербална комуникација, со нагласена мимика, можно е да прета со рацете… Регистрирајте ја фрустрацијата што ја чувствува, набљудувајте ја, но не дозволувајте фрустрацијата да се пренесе на вас. Што всушност ја вознемирило конкретната личност? Дали сте токму вие тригерот? Што се обидува да постигне врескајќи на вас?

Набљудувањето на лицето што вреска делумно ќе ве подмести од полето на тензијата, која ја шири околу себе. Но не правете го тоа како да гледате „будала“, затоа што на тој начин ќе долеете масло на огнот. Бидете рационални и над ситуацијата. Дозволете му на лицето што ви е луто да го исфрли гневот, но тоа не би требало да трае подолго од неколку минути. Кога ќе ја слушнете поентата, замолете за кратка пауза. Можете да кажете дека сте вознемирени и дека мора да одите до тоалетот, на пример. На тој начин му ставате до знаење дека викањето повлијаело врз вас, а му оставате време да се смири, можеби дури и да се покае поради тонот со кој ви се обратило.

По паузата, почнете го разговорот со смирен тон, со што го воспоставувате тонот на разговорот во натамошната комуникација. Објаснете му на соговорникот дека викањето има негативно влијание врз вас, бидејќи не сте во можност да размислувате кога некој користи повишен тон. Комуникациските курцшлуси како излив на бес можат трајно да ја оштетат довербата меѓу две лица и да го нарушат професионалниот однос, па затоа е пожелно да се „измазни“ ситуацијата додека е „жешка“, особено доколку постои простор за тоа.

Суштината на владеењето со кризни ситуации како оваа, особено на работното место, е да не дозволуваме нечиј излив на гнев да повлијае на нашиот внатрешен мир и на рационалното реагирање.

ЗОШТО НЕКОИ ЛУЃЕ ВИКААТ?

Кога некој манифестира бес преку викање, причините можат да бидат различни, па невозможно е да се направи список на конкретни причинители и на идеални реакции. Се разбира, не се сите луѓе што понекогаш го повишуваат тонот агресивни и лоши.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.