Дали е доволно само да се наспиете? И дали знаете дека има дури седум видови одмор?

Искористете го „заспаниот“ период на годината за да се одморите квалитетно!

Според д-р Саундра Далтон-Смит, за да се одмориме вистински и да ги „наполниме батериите“, потребно е да се опуштиме на неколку нивоа – дури тогаш можеме да кажеме дека сме на вистинскиот пат да избегнеме исцрпеност.

Дали некогаш сте се разбудиле по девет часа сон и сте се чувствувале полошо отколку кога сте легнале? Или сте се фатиле себеси како зјапате во далечината наместо да се фокусирате на работата или да разговарате со пријателите?

Сигурни сме дека тоа ви се случува сè почесто, во секојдневието затрупано со обврски и нови задачи, како на деловен така и на приватен план. Во денешниот свет исцрпеноста стана почеста, стресот хроничен, прекувремената работа нормална поради неможноста да се исклучиме – благодарение на технологијата достапни сме 24/7 – а сето тоа води до чувство на исцрпеност, и физичка и психичка.

Многу исцрпува кога не се чувствувате одморено. Уште повеќе фрустрира кога не можете да разберете зошто – не се чувствувате одморено и покрај тоа што спиете доволно. Имено, д-р Саундра Далтон-Смит, лекар по интерна медицина и мајка на две мали деца, и покрај тоа што добро спиела, се чувствувала истоштено и исцрпено.

Затоа одлучила да го истражи проблемот подлабоко. Имено, некои нејзини пациенти се жалеле и на чувство на немир, па резултатите од истражувањето биле зачудувачки – д-р Далтон-Смит открила дека на многу пациенти им недостигаат дури седум различни видови одмор: физички, ментален, духовен, емоционален, сетилен, социјален и креативен. Своите заклучоци детално ги опишала во книгата „Светиот одмор: вратете го вашиот живот, обновете ја енергијата, вратете го вашиот разум“.

Во неа зборува за различните причини за исцрпеност, истакнувајќи дека на нашето тело му е потребна енергија не само за физичка активност туку и за размислување, чувства, креативност и комуникација со другите. Ако се чувствувате како да ви треба еден тип одмор, ќе ви требаат неколку.

Вклучувајќи ги сите седум видови одмор на д-р Далтон-Смит и со симнување на акцентот од едноставниот сон, се запознаваме со нешто што треба да нè оддалечи од исцрпеноста и да нè воведе во она што таа го нарекува „револуција на одморот“.

Па, каков одмор најмногу ви треба во моментов? Што е тоа што би ве опуштило и би ве исполнило со енергија? Време за себе, време за драгите луѓе, време во природа, за патување, време за книга… Прво да прочитаме што вели д-р Далтон-Смит:

1 ФИЗИЧКИ ОДМОР Според д-р Далтон-Смит, спиењето не е ни посебна категорија на одмор – спиењето е во категоријата физички одмор, која се состои од две подкатегории – активен и пасивен. Пасивниот физички одмор, покрај сон, вклучува и релаксација и дремка. Ова е пауза од физичките активности кои нè заморуваат. Активниот физички одмор се однесува на лесни активности, како што се јога, истегнување или масажи.

Знаци дека ви недостига активен физички одмор се болки во телото, грчеви во нозете и стапалата, отечени нозе, болки во грбот итн. Еве како да бидете сигурни дека добивате доволно физички одмор: воспоставете распоред за спиење. Знаеме дека ова може да биде тешко, ако работите, на пример, во смени, во тој случај пробајте некоја друга тактика.

Создадете удобна средина за спиење со инвестирање во добар душек и перници. Почнете со лесно истегнување или јога пред спиење за да ги опуштите вашите мускули. Избегнувајте кофеин и тешки оброци пред легнување, како и гледање во екран (пробајте да читате книга наместо тоа).

Фото: Getty Images

2 МЕНТАЛЕН ОДМОР Личноста на која ѝ недостига ментален одмор генерално има тешкотии да се смири, да ги организира своите мисли или да заспие. Иако одењето на одмор може да помогне при овој тип замор, д-р Далтон-Смит се залага за поодржливи долгорочни решенија, како што се паузи на секои неколку часа во текот на денот за да го одморите мозокот. Менталниот одмор значи дека вашиот ум почива од постојана стимулација и мисли.

Што помага друго? Медитирајте за да ги смирите мислите. Фокусирајте се на дишењето или практикувајте релаксирачки активности, како што се читање или пешачење. Ако сте креативна личност, одвојте време да бидете креативни. Исто така, можете и да ги запишувате своите мисли во текот на денот или пред спиење за да го исчистите умот.

3 ДУХОВЕН ОДМОР Духовниот одмор е потешко да се дефинира бидејќи духовните потреби се разликуваат од личност до личност. Без оглед на вашите верувања, универзалните духовни потреби вклучуваат потреба за цел, љубов од другите и чувство на припадност. Некој на кој му недостига духовен одмор може да чувствува дека она што го прави е секојдневно и монотоно. Духовниот одмор значи поврзување на подлабоко ниво со нешто поголемо од нас самите.

Ова може да значи додавање молитва, медитација или цел во нашите животи. Поминувајте време во природа за да се чувствувате поврзани со светот околу вас. Најдете начин да направите нешто во кое длабоко верувате дека има смисла. Тоа може да биде нешто корисно за општествената заедница или за луѓето околу нас, важно е да чувствуваме дека придонесуваме.

4 ЕМОЦИОНАЛЕН ОДМОР Доколку некој ве праша како сте откако ќе препознае дека сте видно вознемирени, а вие одговорите со: „добро“, таквото потиснување на емоциите ви создава дополнителен внатрешен притисок. Наместо тоа, треба да си дозволиме да бидеме автентични, кажувајќи како навистина се чувствуваме. Емоционалниот одмор вклучува да си дозволиш да ги чувствуваш и изразиш своите емоции без осудување.

Со други зборови, емоционално одморените луѓе можат полесно да ја спуштат одбраната. Кога ќе ги покажеме нашите чувства, ќе ни  биде полесно да работиме на емоционалната рамнотежа. Споделете ги чувствата со пријател или терапевт. Сочувствувајте со себе и потсетете се дека е во ред да се чувствувате преоптоварено или под стрес.

Вклучете се во активности што ви носат радост и ви помагаат да се ослободите од потиснатите емоции, како што се танцување или сликање. Поставете граници со луѓето што можеби ве исцрпуваат емотивно.

5 СЕНЗОРНА ПАУЗА Звукот на телефонот постојано ѕвони, пресилна е светлината од нашиот компјутер или телефон, во канцеларија има врева додека се обидувате да се концентрирате на завршување на извештајот, децата постојано ве прашуваат нешто додека се обидувате да работите од дома, постојани известувања на вашиот мобилен телефон… Сите овие сензорни дразби, доколку ги има премногу, може да предизвикаат синдром на сензорно преоптоварување.

Првиот начин на кој повеќето од нас реагираат на преоптоварувањето на сетилата се знаци на иритација, возбуда и нетолеранција. „Повеќето од нас не се свесни колку сетилната средина може да влијае на нашите чувства, личност, па дури и на нивото на енергија“, вели д-р Далтон-Смит. Обидете се да возите дома во целосна тишина или ако се чувствувате особено под стрес, пронајдете мирен простор во средината на работниот ден каде што ќе можете да ги затворите очите и да останете сами со вашите мисли неколку минути.

Сетилниот одмор вклучува намалување на дразбите врз нашите сетила за да се спречи сензорно преоптоварување. Користете слушалки за поништување на бучавата во работните средини. Вежбајте техники за длабоко дишење или за концентрација кои ќе ви помогнат да се фокусирате.

6 СОЦИЈАЛЕН ОДМОР Овој одмор се однесува на наоѓање рамнотежа помеѓу потребата за дружење и осаменоста. Дали примате енергија од другите или се чувствувате исцрпено откако ќе поминете време со нив? Затоа, негувајте врски исклучиво со луѓе кои ве креваат и поддржуваат. Поставете граници и кажете ги вашите потреби од дружбата.

Не плашете се да кажете „не“ за социјалните настани ако не се чувствувате удобно. За социјален одмор, поминувајте време со оние луѓе во вашиот живот кои едноставно сакаат да бидат околу вас, ништо повеќе. Покрај тоа, внимавајте на вашиот календар кога договарате состаноци и собири. Исто така, важно е да разговарате со вашиот партнер за ова бидејќи луѓето имаат различни прагови на социјална толеранција.

Едниот партнер може да биде подготвен да ја напушти забавата за два часа, додека другиот само што почнал да се загрева.

7 КРЕАТИВЕН ОДМОР Креативниот одмор е процес на полнење со креативна енергија и пронаоѓање инспирација. Го доживуваме секогаш кога уживаме во убавината, објаснува д-р Далтон-Смит – во убавината на природата, културните знаменитости на патувањата, уметничките дела или во музиката. Кога креативно се одморате, не размислувате премногу и не ја анализирате околината. Понекогаш треба само да уживате во убавината околу вас.

Затоа, изложете се на нови искуства, како одење во музеи или посета на работилници. Најдете време за фантазирање. Читајте книги, слушајте музика или гледајте филмови што ве инспирираат. Со разбирање и вклучување на сите седум видови одмор во вашиот живот, можете ефикасно да се борите против исцрпеноста и да одржувате здрава рамнотежа.

Сепак, најважно е да се одреди областа во која најмногу ви треба одмор во овој момент и да почнете – за почеток – токму оттаму. Запомнете дека одморот не е луксуз туку неопходност за општа благосостојба.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.