Дали прељубата е грев што не се простува?

Добар договор спречува прељуба

Постои ли шанса нарушените партнерски односи да се нормализираат, па дури и да станат поквалитетни? Одговорите на овие прашања ги добивме од нашиот психолог

По долгогодишна борба за потомство, конечно добивме дете и изгледаше дека нашиот брак добил нова смисла. Презафатена со секојдневните обврски не забележав дека во нашата хармонична заедница почнаа да се појавуваат пукнатини. Требаше да помине доста време за да сфатам дека имало и премногу предупредувачки сигнали…

Детето ни наполни една година, почнав да работам, па со маж ми често се гледав на кратки “брифинзи“ на кои разменувавме информации за нашето девојче и за домот. Почнавме да се оддалечуваме, а брзото животно темпо како да ги затапи моите сетила…

Тоа лето маж ми ми соопшти дека нема да може да оди со нас на море, бидејќи има многу работа, и јас прифатив мирно. Клопчето почна да се одвиткува откако ќерка ми и јас се вративме од одмор. Излеговме во град и дури забелешката на младата келнерка, која очигледно добро го познаваше мојот сопруг („Ох, мислев дека ваша сопруга е онаа убава, црна госпоѓа…“) ги активира сите мои аларми.

Не помина долго и дознав дека со месеци се гледал со таа жена, дека доста луѓе од нашето опкружување знаеле за неа, но никој немал срце да ми го каже тоа. Тој негираше се, оправдувајќи се дека му е само добра пријателка, што дополнително ме разгневи, па отидов кај адвокат и поднесов тужба за развод. Кога виде дека не се шегувам и дека детето, за кое е многу врзан, веројатно ќе ми припадне мене, ја смени плочата, почна да не излегува од дома, цело слободно време го поминуваше со нашата ќерка и константно ме молеше да не се разведеме. И по три години, се’ уште немам доверба во него, но и јас не сум истата. Цело време ловам сигнали што би ми укажале на тоа дека ме изневерува. Сомнежот едноставно не ми дава мир.

(Маја, 42)

МИСЛЕЊЕ НА ЕКСПЕРТОТ

Во овој случај нарушена е довербата: се укажува на тоа дека сопругот бил со друга жена, а тежнеењето да се потврди сомнежот претставува жива рана во брачниот однос, кој заради тоа нема добри темели. Ние психолозите советуваме оној што изневерил на овој или на оној начин, да ја признае прељубата:

Да, вистина е, згрешив, извини, жал ми е, нема да ми се повтори.“

Кога ќе го направи тоа, на другиот му е многу полесно да прости, бидејќи тоа е можно само ако се признае грешката. Меѓутоа, тоа не значи дека секој е подготвен да премине преку прељуба, но големи се шансите, особено ако двојката спроведува брачна терапија, односот на партнерите да стане поквалитетен и од порано.

ПРЕЉУБАТА како „карактерна црта“

Маж ми отсекогаш важел за голем заводник, неговите „швалерски подвизи“ со години се прераскажуваа на нашиот факултет. Јас во почетокот од врската наивно верував дека вистинската љубов ќе го смени. Мислев дека сум центар на неговиот свет, а кога ме побара за жена, верував во она „додека смртта не не раздели“. Каква заблуда!

Подоцна дознав дека на денот на нашата венчавка спиел со моја колешка, а неговите љубовници за време на нашиот 5-годишен брак се нижеа една по друга како на филмска лента. Не се ни трудеше да ги скрие своите врски, но и понатаму ми ги исполнуваше сите мои желби. Бев и останав, како што ми кажа, „единствената кралица на неговото срце“. Околината ме сожалуваше, се чувствував понижено, но се уште верував дека ќе се смени, особено по раѓањето на нашето дете. На крај не можев да издржам и го оставив. Не му се веруваше. Денес сум среќно разведена жена, а мојот бивши маж очајнички сака да ми се врати…“

(Ивана, 35)

КОМЕНТАР

На некој чуден начин, овој маж ѝ бил верен на жена си, бидејќи сексот стриктно го разделува од емоциите. Изневерените сопруги различно реагираат во ваква ситуација: на едни најважно им е мажот да не им се врзе за љубовницата, а други страдаат и чекаат поволен момент да е разведат. Најчест тригер во оваа ситуација е срамот. Тој прави нешто неморално, сите знаат за тоа и жената во еден миг чувствува должност да реагира, не сакајќи да ги изневери очекувањата на околината.

Мажот е шокиран, бидејќи мислел дека неговата сопруга е подготвена вечно да го толерира неговото „швалерисување“. Се разбира, ништо не би се сменило ни кога би и се вратил на бившата жена, бидејќи таквиот начин на живот му е многу важен.

ПРЕЉУБА со сродната душа

По 30-години брак, за кој не можам да кажам дека е промашување, но беше далеку од успешен, доживеав нешто што ретко се случува на мои години – вистинска љубов. Човекот на мојот живот го познавав со децении, но се препознавме откако и двајцата загазивме во 50-тите и сосема полудевме еден по друг. Една година бевме во тајна врска, и ни стана јасно дека не можеме еден без друг. И двајцата имавме возрасни и самостојни деца, па конечно дојде времето да мислиме малку и на себе.

Кога на маж ми и на ќерките им кажав дека заминувам, сите беа шокирани. Сфатија дека сум сериозна откако почнав да се пакувам, па моите ќерки поразговараа со мене и заклучија дека не треба да ја пропуштам љубовта на мојот живот. Мојот маж достоинствено се повлече и му благодарам за тоа. Со новиот партнер живеам во хармонија и во ниеден миг не зажалив поради мојата одлука.

(Нада, 52)

КОМЕНТАР

Секој човек треба да знае во кој филм сака да живее, да има свое животно сценарио и на основа на него да го избира главниот актер или актерка. Меѓутоа, луѓето се хипнотизирани од претставата за љубовта што ги прави среќни, па кога ќе се почувствуваат вљубени мислат дека го пронашле вистинскиот/вистинската и по правило – грешат. Кога со тек на време ќе се покаже дека партнерот е далеку од „розовата претстава“, следува разочарување.

Ако не е преголемо, двојката останува во некој полуоднос, потоа купува стан, раѓа деца и останува во заедница заради нив. Но кога децата ќе пораснат и ќе се осамостојат, тогаш проблемот меѓу сопружниците повторно избива на површина. Оваа госпоѓа не била среќна во бракот, влегла во врска со маж што повеќе и одговара и се воспоставило дека постапила правилно. Како што поминува времето, луѓето повеќе се запознаваат себеси и лицата од своето опкружување, па помудро избираат.

Добар договор спречува прељуба

Партнерите, кога живеат заедно, мора да се договорат околу некои работи и да дефинираат некои правила во својот однос. Прељуба се случува ако некој од нив не се придржува до тој договор. Она што им недостига луѓето го бараат надвор од заедницата, а откако ќе ги разоткријат, многумина сфаќаат дека многу подобро им било во бракот, дека се повеќе врзани за стариот отколку за новиот партнер и се обидуваат да го спасат тој однос.  Во тој случај се склучува нов психолошки договор, кој го содржи ветувањето на прељубникот дека прељубата нема да му се повтори.

Текст: Бојана Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.