Болести на зависности: Има ли излез од пеколот?

Меѓу зависниците има многу млади што немаат цврста поддршка во семејството, но не е занемарлив ни бројот на оние што почнале да се дрогираат од досада. Прв услов за лечење е цврста одлука да се излезе од тој страшен лавиринт.

Кога некоја светска ѕвезда ќе умре од дрога, таблети, алкохол или од сето тоа заедно, сите се шокираат. Но по неколку дена, весниците ги преплавуваат други теми, а болестите на зависности остануваат грижа на семејствата на оние што со години наназад талкаат низ лавиринтот од кој само малкумина излегуваат. Затоа побаравме совет од нашите експерти по адиктологија: како полесно да се пронајде патот кон излезот од маѓепсаниот круг на зависностите.

 НАРКОМАНИЈА

 Кои дроги се најприсутни на домашниот нарко-пазар?

Најзастапени се најевтините дроги, како екстази и хероин. Во последно време цените се уште пониски и подостапни. Квалитетот на хероинот е полош, но луѓето масовно го консумираат. Повеќето зависници го шмркаат, а помалобројни се оние што го вшприцуваат во вена. По хероинот, најбарани се синтетичките дроги, пред сè екстази, која се прави во „импровизирани“ лаборатории, во разни подруми. Кокаинот е релативно скапа дрога, па затоа остана привилегија за имотните. Не постојат точни податоци за бројот зависници во Македонија. Можеме да зборуваме само за оние што се пријавиле на лекување во специјализираните установи, а тоа е екстремно мал број и не одговара на реалната состојба. Во нашата земја се смета дека само 15% од зависниците се хоспитализирани.

На која возраст младите луѓе првпат пробуваат дрога? Дали по неа полесно посегнуваат момчиња или девојчиња?

Постои нешто што може да се нарече класично сценарио. Дрогата обично првпат се пробува на крајот на тинејџерската доба, околу седумнаесеттата, а најдоцна до дваесет и втората година. За повеќето тоа „огнено крштевање“ не е пријатно искуство, па забораваат на таа приказна. По неколку месеци или години, повторно се наоѓаат во ситуација да пробаат дрога, а потоа и сè почесто. Тинејџерите се ризичната група, иако сме сретнале и 11-годишни деца што тргнале по тој пат. Малку повеќе се момчиња од девојчиња, но незначително, бидејќи болеста не избира пол.

Обично колку време поминува од првото земање до создавање зависност?

Во просек две до три години. Во почеток, непосредно по земање на дрогата чувството не е пријатно, се јавуваат гадење, повраќање… Затоа многумина прават подолга пауза до следната проба, а кога ќе ги „откријат ѕвездите“, тоа станува честа навика.

Како се третираат младите што посегнуваат по наркотици само за време на викендите, кога излегуваат? Дали се тие зависници?

Се разбира дека се, тоа се т.н. „викендаши“. Зависник е оној што нема никаква контрола над земањето, без разлика дали го прави тоа секој ден или со нетрпение ќе го чека викендот за да си даде оддишка. Дури и ако земаат еднаш неделно, сепак се зависници.

Како најблиското опкружување да препознае кога некој консумира дрога?

Први знаци се стеснети зеници, отсутност со духот, бавност, неодговорност… Често се поставува прашањето – како родителите не забележале дека детето им се сменило? Едноставно, тие промени во семејството се внесуваат полека, ден по ден, па потребно е одредено време за да се увиди дека нешто не е во ред. Родителите често и „замижуваат“ пред она што го гледаат, сè додека детето еден ден јавно не покаже дека дрогата му е на прво место.

Порано наркоманите велеа дека се определиле за тој пат затоа што семејството немало разбирање за нив или пак ги занемарувало, затоа што не успеале да се приспособат во околината… Дали е исправен заклучокот дека тие мотиви повеќе не се примарни, дека сега дрогата е „ин“ или слично?

Сè почнува од досада. Децата немаат конкретни обврски, па имаме 16-годишни тинејџери што не знаат што да прават. Неодамна имавме случај на момче на кое требаше да му се вгради блокатор. Ни кажа: „Се согласувам под услов да добијам ’бемве’.“ Утредента пристигна во клиниката со нов автомобил. Кога на татко му се обидов да му укажам дека тоа не е вистинскиот начин да ги решава проблемите на својот син, тој ми одговори: „Јас му давам 3.000 евра месечно, па нека прави што сака со нив. Само да не ми е пред очи!“ Од друга страна, родителите се поставуваат премногу заштитнички спрема своите деца. „Само да не се мачи, како што се мачев јас“, велат многу мајки, па потоа дома чуваат 25-годишен маж, кој не знае што да прави во животот. Мајка му му носи појадок во кревет, а тој се дрогира за да биде фраер во друштвото.

Болестите на зависност доаѓаат во центар на вниманието на медиумите дури откако ќе почине некоја позната личност од предозирање.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.