Болести на зависности: Има ли излез од пеколот?

Меѓу зависниците има многу млади што немаат цврста поддршка во семејството, но не е занемарлив ни бројот на оние што почнале да се дрогираат од досада. Прв услов за лечење е цврста одлука да се излезе од тој страшен лавиринт.

ТАБЛЕТОМАНИЈА

Секаде во светот лековите се земаат на рецепт. Но сепак се пронаоѓа начин за нивна злоупотреба. Најбарани се бензодиазепамите, кои им се даваат на луѓето што се возбудени по некој емотивен стрес. Се користат пократко време, додека не се постигне целта за која е лекот предвиден, а подолготрајна употреба предизвикува зависност. Физиолошката зависност трае до две недели. Таблетоманите најчесто се претставници на средната генерација, иако ги има и меѓу младите, кои пилулите ги комбинираат со хероин. Типично е по хероинот луѓето да се „навлечат“ на седативи и на алкохол, бидејќи се работи за исти рецептори.

 АЛКОХОЛИЗАМ

Дали е некој зависник од алкохол, се проценува како и при која било друга зависност. Главен параметар е – дали човекот има контрола над ситуацијата. Алкохолизмот се лекува како и секоја друга зависност. Скандинавците се нација што најмногу пие, Французите пијат вино од раѓање…

Податоците укажуваат дека кај нас алкохолизмот е помалку застапен од опијатите. Многу е поголем бројот на 23-годишни луѓе што се зависни од хероин, отколку од алкохол. Процентуално, односот меѓу мажите и жените алкохоличари е 70% наспрема 30%. Дали некој ќе стане алкохоличар ако татко му бил?

Постои модел на однесување што се копира, но не мора да значи. Можеме да зборуваме за предиспозиции да се развие одредено однесување, доколку личноста што е склона на некој порок се најде во одредени услови. Ако времето го поминува на колеџ, каде што нема ништо друго освен учење, човекот ќе седи и ќе учи. Од друга страна, тешко ќе му одолее на искушението ако се најде на фестивал на пивото.

Многу од тие деца се „дезориентирани“, немаат самодоверба, не можат да го поднесат товарот на животот… Затоа на децата од најрана возраст треба да им се покажува дека се сакани. Исто така, треба и да се поттикнат навреме да почнат да ги развиваат креативните навики, како и да се насочат да работат нешто во што ќе уживаат.

Дали трагичните случаи, како што е смртта на Ејми Вајнхаус, влијаат за зголемување на бројот зависници што бараат помош за лекување?

Не постои наркоман на кој барем еден познаник не му се предозирал. Тоа што ѝ се случи на Ејми, им се случило на многу луѓе. Фактот што некоја позната личност починала на тој начин на наркоманот само ќе му го зацврсти убедувањето дека целиот свет се дрогира. Тие така гледаат на тоа.

Кој е нивниот најчест мотив да почнат да се лекуваат?

Начесто им се смачува кога животот ќе им се сведе на тоа да обезбедат пари за дневната доза хероин. Кога ќе потрошат сè, почнуваат да ги продаваат работите од дома, а потоа и да крадат. Тоа е патот по кој поминуваат сите зависници. Нив не ги интересираат семејството, родителите, децата… Само дрогата. За жал, најчесто се случува зависникот да избегнува да увиди дека зависноста се продлабочува, па поради таквата природа на проблемот, речиси е невозможен самостоен излез. Освен непосредно учество на самиот зависник, неопходен е ангажман на стручно лице, семејството и на најблиските.

Колку фази има лечењето?

Болестите на зависност се сложени заболувања, кои сериозно го нарушуваат психичкото и физичкото здравје на лицето, како и неговото севкупно функционирање во семејното и социјалното опкружување. Лечењето зависи од видот дрога што се користел, а започнува со детоксификација, т.е. со чистење на организмот од присуството на психоактивни супстанции. Во зависност од супстанцијата што е користена, овој период трае меѓу пет и петнаесет дена. Потоа се поминува на превенција на рецидиви – фармакотерапија, која подразбира терапија со лекови и психотерапија, која може да биде групна, индивидуална и семејна.

На тој начин се спречува рецидив, односно враќање на користењето психоактивни супстанци. Конечно, следува фаза на рехабилитација, во рамките на која се применуваат низа тераписки и социјални интервенции, со кои лицето се подготвува за функционален живот без психоактивни супстанции. Најважно е болниот да сака да се лечи.

Дали организмот навистина може сосема да закрепне по лекувањето?

Најновите истражувања покажаа дека промените во мозокот на ниво на клетки, создадени под влијание на адиктивните супстанции, се реверзибилни, што значи дека можат да се вратат во нормална про-активна состојба по воспоставување апстиненција. Времето потребно за закрепнување на мозочното ткиво варира од три месеци за кокаин и за алкохол, до речиси една година за хероин. Значи, мозокот се рехабилитира, но проблем е што болниот кога се почувствува добро заборава низ што поминал, па доаѓа до рецидиви. „Ќе земам само вечерва“, е реченицата што зависниците ги воведува во нов пеколен круг.

Дали некогаш може да се каже дека наркоманот е излекуван?

Тешко е да се одговори. Станува збор за хронична болест, која бара одреден режим на живот. Тоа е товар од кој човек не може да се ослободи, но може да го спакува во кеса за ѓубре и да не го допира.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.