Проектот „Рамка за помош“ повторно им дава поддршка на микро и малите претпријатија кои го подобруваат нашето општество и решаваат предизвици како што се: родова еднаквост, сиромаштија, инклузија на лицата со попреченост, грижата за менталното здравје и други. Во продолжение ве запознаваме со еден од десетте финалисти од нашата земја, кои особено се имаат истакнато со своите општествено-одговорни проекти и кои се во трка за победа на регионално ниво.
Разговор.мк е апликација за грижа за менталното здравје, каде што корисниците можат анонимно да пребараат лиценцирани психолози и да закажат сесија онлајн. Ова е прв и единствен ваков продукт кај нас.
Георги Михаилов ни раскажа нешто повеќе за нивните тековни планови…
Како придонесувате за дестигматизација на грижата за менталното здравје?
Најдобриот начин да се урне стигмата за одењето на психолог е да се поразговара со психолог. Со тоа што им овозможивме на нашите корисници да останат анонимни, а понудивме и пристапни цени, многу луѓе можат барем да се обидат и да видат какво е искуството.
Речиси 65 отсто од нашите клиенти првпат разговарале со психолог во животот токму преку нашата мобилна апликација. Покрај тоа, секојдневно креираме едукативни содржини кои ги читаат или посетуваат илјадници луѓе на месечно ниво.
Кога треба да се побара помош од психолог?
Сите луѓе треба да размислат за посета на психолог барем еднаш месечно или на секои два месеца. Сите некогаш се чувствуваме преоптоварени од секојдневните обврски и стресови, губиме интерес за активностите кои претходно нѐ радувале. Сите некогаш чувствуваме страв од неизвесноста или имаме проблеми со спиењето…
Исто така, важно е да се бара професионална помош при големи животни промени, како развод или смрт на близок. Не треба да се чека состојбата да ескалира до посериозен психички проблем.
Имате ли планови да ја збогатите вашата апликација со уште повеќе алатки и можности за вашите корисници?
Веќе некое време работиме на новата верзија на нашите апликации. Врз база на коментарите од клиентите и психолозите, создаваме уникатно решение, кое нескромно ќе кажеме дека е со светски квалитет. Секако, нашата цел е да се пробаме на глобалниот пазар и да создадеме македонски продукт кој ќе го користат милиони луѓе.
Една од нашите цели е да го дигитализираме целиот процес и да овозможиме точно следење на прогресот од советувањето и психотерапијата. Со ова ќе ги подобриме и самите терапевти, а и драстично ќе ги зголемиме шансите за позитивни резултати од терапијата. Би сакал да ја изразам нашата благодарност до НЛБ Банка за нејзината поддршка во рамките на проектот #РамкаЗаПомош.
Медиумското внимание кое ни го овозможи ни значи, а се надеваме и на некое од првите три места и на парична поддршка, која ќе ни даде ветер во грб.
Разговарала: Марија Лукаревска
Фото: приватна архива