Како загадениот воздух не’ убива и психички и физички: Ги предизвикува овие 13 здравствени проблеми!

Предупредување!

Научниците откриле дека загаденоста на воздухот може да предизвика големи здравствени и ментални проблеми

Животот во загадени градови предизвикува многу поголем ризик од депресија, па и од самоубиство, бидејќи отровите може да го оштетат мозокот, тврдат научниците.

Истражувачите од Универзитетот во Лондон го анализирале влијанието на вдишувањето отровен воздух врз менталното здравје на луѓето од 16 различни земји. Резултатите покажале дека стапката на суицидност и депресија расте како што расте и стапката на загаденост.

Се смета дека отровните честички кои ги емитираат автомобилите и индустриите, преку дишењето продираат во крвотокот и влијаат врз нивото на хормонот за стрес, а сето тоа е поврзано со лошото ментално здравје.

Анализите покажале дека просечната изложеност на ситни отровни честички, кои се мерат како „партикулате матер“ (ПМ) од 2,5 (што одговара на најситните честички), била 44 микрограми по кубен метар. На секои 10 микрограми над оваа количина имало 10 отсто повеќе случаи на депресија и два отсто повеќе самоубиства.

Загадувањето го поттикнува и порастот на дегенеративни болести, како што се Алцхајмерова болест и други форми на деменција, тврдат експертите.

1. Изложеноста на загадување доведува до намалена интелигенција кај децата: Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, откриле во мај 2019 дека децата родени од мајки кои живеат во загадени подрачја имаат интелигенција која е до седум бодови пониска од онаа на децата што живеат во места каде што се внимава на чистотата на воздухот.

2. Ја намалува способноста за помнење кај децата: Истражувачите од Институтот за глобално здравје од Барселона откриле дека децата што се изложени на загаденост поголема од 2,5 ПМ уште во матката, полошо поминувале на тестовите за помнење до нивната десетта година.

3. Го забавува развојот на децата; Младите кои живеат во близина на прометни улици два пати почесто полошо поминуваат на тестовите за комуникациски вештини во првата година од животот, откриле истражувачите од Националниот институт за здравјето на децата. Истражувањето покажало дека кај нив постои поголема веројатност дека ќе имаат полоша координација на рацете и очите.

4. Доведува до анксиозност кај децата: Научниците од Универзитетот во Синсинати тврдат дека загадувањето може да ја промени структурата на детскиот мозок и да доведе до анксиозност.

5. Го скратува животот: Децата родени денес ќе изгубат речиси две години од животот поради загадувањето на воздухот, се наведува во извештајот на американскиот Институт за здравје од Универзитетот во Британска Колумбија.

6. Го зголемува ризикот од аутизам. Истражувачите од Универзитетот Монаш во Австралија откриле дека младите кои живеат во високо загадени делови на Шангај имаат 86 отсто поголеми шанси за развој на нарушувања од спектарот на аутизмот.

7. Предизвикува астма кај децата. Четири милиони деца ширум светот годишно развиваат астма поради загадувањето, покажало големо истражување на експерти од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Иако мислењата околу тоа што предизвикува астма се поделени, научниците се согласуваат дека изложеноста на загадување во детството го зголемува ризикот од оштетување на белите дробови.

8. Влијае на таложењето масти. Експертите од Универзитетот во Јужна Калифорнија откриле дека десетгодишниците кои живееле во загадени подрачја кога биле бебиња биле во просек околу 1 килограм потешки од оние што растеле во места каде што постојат прочистувачи на воздухот. Загадувањето може да го наруши процесот на согорување масти, истакнуваат научниците.

9. Доведува до стерилитет кај жените. Научниците од Универзитетот во Модена објавиле во мај 2019 дека загадувањето го забрзува пропаѓањето на јајце-клетките кај жените, исто како и пушењето.

10. Го зголемува ризикот од спонтан абортус. Научниците од Универзитетот во Јута објавиле истражување кое укажува на тоа дека трудниците кои живеат во подрачја со високо загадување имаат околу 16 отсто поголема веројатност дека ќе доживеат абортус.

11. Расте ризикот од рак на дојка. Научниците од Универзитетот во Стирлинг откриле дека кај жените кои работат во близина на прометни улици постои повисок ризик дека ќе заболат од рак на дојка во рок од три години по вработувањето. Се претпоставува дека причината за тоа е што загадувањето го уништува BRCA генот кој е задолжен за спречување на растот на туморот.

12. Ја оштетува спермата. Бразилските научници од Универзитетот во Сао Паоло откриле дека глувците изложени на токсичен воздух имаат помалку сперма со полош квалитет во споредба со спермата на глувците кои дишеле чист воздух од раѓање.

13. Ја уништува сексуалната желба. Истражувачите од Универзитетот Гуангжоу во Кина откриле дека стаорците изложени на загадување на воздухот имале повеќе проблеми со постигнување сексуална возбуда.

Се претпоставува дека загадувањето исто така дејствува и на луѓето, бидејќи вдишувањето отровни честички може да предизвика воспаление во крвните садови и да доведе до тоа гениталиите да останат со помалку кислород, што влијае на можноста кај мажите да постигнат сексуална возбуда.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.