Најдобратa храна за настинато дете

Храната мора да биде лесна и лесносварлива: варена а не пржена, рендана или во вид на пире

Со доаѓањето на студот почна и сезоната на настинки. Дали детето лесно ќе го поднесе настинувањето и ќе ја победи вирусната инфекција – многу зависи од неговата исхрана во текот на болеста. Најважно е да му обезбедите посебна храна. Послушајте ги советите на руските педијатри!

РЕЖИМ НА ПИЕЊЕ ТЕЧНОСТИ

При инфективно заболување проследено со покачена телесна температура детето страда од интоксикација, големо губење течности и згрутчување на крвта. Затоа е потребно, пред сѐ, да му обезбедите доволно количество течности. Тоа може да биде вода, чај или компот. Многу се корисни напивки збогатени со витамини: чај со лимон, одвар од шипка, коктели од зрнести плодови, но не многу кисели ни слатки.

Добри се и одварите од лековити билки со диуретско дејство доколку детето се согласи да ги пие. Најнеутрален вкус имаат одварите од камилица и од липов цвет.

> Се советува на болното дете сите напивки да му ги давате топли, а доколку чувствува мачнина или повраќа, тогаш малку оладени.

ВИТАМИНСКА ПОДДРШКА

Сите инфективни заболувања изискуваат зголемена потрошувачка на биолошки активните супстанции, особено на витамините А, Ц и оние од Б-групата. А во текот на болеста детето јаде помалку, што го намалува и количеството витамини што доаѓаат со храната.

Потоа, земањето антибиотици ја уништува цревната микрофлора, која создава витамини од Б-групата, што уште повеќе го засилува дефицитот од овие витамини. Затоа дополнителниот внес на витамини (барем витамини Ц, А и од Б-групата – Б1, Б2, Б6, Б9, ПП) во каков било облик ќе овозможи да се олесни состојбата на детето и да се забрза неговото оздравување.

Посебно внимание бара земањето лекови на база на сулфонамид. Доколку на детето му се пропишани такви лекови, тогаш, покрај витамини, треба да му се дава и алкална течност. Тоа може да бидат минерални овошни води или свежо цедени сокови.

Станува збор за тоа што во кисела средина, а за време на болест кисело-базниот баланс на организмот секогаш малку се поместува во кисела страна, сулфонамидите може да создадат камења во бубрезите и уринарниот тракт. Базните минерални води и природни сокови помагаат да се спречи оваа непријатна појава.

ЛЕКОВИТО ГЛАДУВАЊЕ

Поради високата телесна температура, апетитот често се нарушува или дури сосема исчезнува. Тоа е нормално, бидејќи така организмот се обидува да ја зачува силата за борба со болеста, а не да ја троши на варење на храната. Затоа педијатрите препорачуваат лекувањето да го почнете од ограничување на храната, а во случај температурата да е повисока од 39 степени – комплетно да ја исфрлите храната и да го зголемите количеството течности.

Ова, секако, не важи за доенчињата, бидејќи мајчиното млеко претставува најдобар лек за малото. Но за доенчињата исто така е корисно обилното внесување течности, особено доколку поради намалениот апетит не ја испијат својата вообичаена доза млеко.

ПОТТИКНЕТЕ ГО ВАРЕЊЕТО

Откако ќе помине високата температура и на детето ќе му се врати апетитот, почнете да го храните шест-седум пати дневно во мали порции. Ваквиот рамномерен распоред на мало количество храна во текот на денот ќе обезбеди подобра апсорпција на храната, што ќе овозможи побрзо обновување на нарушените функции на организмот.

Храната мора да биде лесна и лесносварлива: варена а не пржена, рендана или во вид на пире.

Посебно значење во диетата на детето што страда од акутно инфективно заболување имаат кисело-млечните производи.

Во исхраната задолжително вклучете кефир, домашно кисело млеко или јогурт. Ваквите напивки организмот лесно ги вари, бидејќи тие за своето разградување бараат помало количество сокови за варење отколку полномасното млеко и, покрај тоа, ја нормализираат микрофлората на цревата.

Извор: Руски доктор

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.