Дали се корисни какаото и чоколадото?

Да се јаде или не?

Во случај на предозирање (а за секого дозата е индивидуална) со чоколадо може да се јават мачнина и повраќање.

Сите ги сакаме од мали нозе. Најпрво нѐ заплашуваат со расипување на забите, потоа со дебелеење, но овие вкусни производи може да предизвикаат уште поголеми проблеми. Но, не е сѐ толку црно…

Дури и Индијанците пиеле топло чоколадо од рендани какао-бобинки и чили-пиперка како свечена напивка и лек. Во облик на табла чоколадо се појавило дури на средината на 19 век.

Денес природно и лековито чоколадо практично нема. Дури и ако производителите (и продавачите) напишат дека производот е направен од рендано какао и дека содржи до 50%, тоа, за жал, не е така. А ако на прво место во составот на производот е наведен шеќер, не ни помислувајте дека тоа е корисна намирница.

Лешниците и другите додатоци исто така го прават чоколадото банално слатко со многу калории, без корист по здравјето. Освен тоа, со неговото консумирање енергијата краткорочно се дополнува, а се пополнуваат резервите од масти.

Што се однесува до какао-путерот, тој е доста осетлив во текот на транспортот, не може долго да се чува, така што често го заменуваат со палмино масло и со она од репка.

Гурманите и познавачите одат по природно чоколадо во Белгија и во Швајцарија. Таму навистина е реална гаранцијата дека ќе добиете максимално квалитетна намирница, која е навистина и корисна.

УПОТРЕБА

Чоколадото е најдобро да се јаде во првата половина од денот, бидејќи има изразено тонизирачко, стимулативно дејство. Тоа во организмот го лачи хормонот на среќата. Многу спортисти го употребуваат во текот на напорните подготовки и натпревари. Има изразен антистресен ефект. Кај некои деца (и возрасни) чоколадото може да предизвика неконтролирано возбудување и силна главоболка.

Децата од три години во исхраната може да употребуваат по 10 г природно чоколадо на ден еднаш-двапати неделно, а младите и возрасните по 20–25 г два-три пати неделно или дури и поретко.

Некои луѓе, млади и не толку млади, поради разни причини при стрес навечер јадат цела табла чоколадо или грст чоколадни бонбони. Кај едни таквите напади на прејадување слатки некое време поминуваат без последици, додека кај други се јавува гастритис или панкреатитис. Постои и симптомот „појас“ на стомакот, на чија основа (веќе при визуелниот поглед) доктор може да му каже на пациентот дека во детството сакал да јаде слатко и дека останало така и до денешни дни.

Во случај на предозирање (а за секого дозата е индивидуална) со чоколадо може да се јават мачнина и повраќање.

ПРЕДНОСТИ

Научниците сметаат дека со умерена употреба на природно чоколадо се спречуваат исхемиска болест на срцето, артериска хипертензија, стенокардија, па дури и срцев и мозочен удар.

Чоколадото исти така ја подобрува состојбата на кожата, косата и на ноктите – поради минерално-витаминската разновидност го хармонизира коскеното ткиво, особено кај младите, а маските и бањите од чоколадо на изглед ги прават кожата и косата здрави.

МАНИ

* Обичните чоколади од продавница донесуваат вишок калории и насобирање килограми, а чоколадните бонбончиња се едни од најштетните производи.

* На трудници и на доилки чоколадо и какао не им се препорачуваат поради тоа што се силни алергени.

* Овие намирници може да предизвикаат ждригавица, болести на зглобовите, да го засилат создавањето камен во бубрег, да предизвикаат главоболка и возбуденост.

* Какао-напивката е корисна за нервно-мускулниот тонус и коскеното ткиво само кога ќе се приготви од нерастворлив супстрат, кој се вари како кафе.

* Растворливиот какао-прав го стимулира нервниот систем и може да го засили либидото, што за децата не е умесно.

* Напивката од какао-прав треба да се разблажи со поголемо количество млеко и да се пие само еднаш неделно.

* Топлото чоколадо што се прави од какао е вкусна напивка, но не е корисна за здравјето.

* Чоколадите од продавница воопшто не се корисни. Затоа, ако не можете да купите квалитетно чоколадо, подобро немојте ни да го употребувате. Тоа ќе ве посоветува секој гастроентеролог.

Јадете само квалитетно чоколадо, и тоа само горчливо и исклучиво наутро.

Текст: Т. Богунова

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.