Сѐ што ве интересира за протезите: Кои крунички се подоверливи? Какви навлаки да избереме?

Совети од стручно лице

На постари години, за жал, многумина мораат да стават забни протези. Кога е вистинското време за тоа и какви треба да одберете – прочитајте во продолжението на текстот.

Како да се одреди правата протеза

За тоа каква протеза да се избере – онаа што се вади или фиксна – не одлучува само стоматологот туку и самиот пациент по прегледот. Во што е разликата?

Во случај на целосно или делумно губење на забите можно е да се направат протези што се вадат или фиксни мостови, кои ја пополнуваат забната низа или се потпираат на импланти претходно вградени во коскеното ткиво на вилицата.

За одредување на можноста за вградување импланти се користи компјутерска томографија на вилицата. Понатаму ортодонтот, заедно со хирургот имплантолог, прави план за лекување.

Вградувањето на имплантот во виличната коска се врши под локална анестезија. По некое време доаѓа до зацврстување на имплантот во коската и се јавува можност за негово понатамошно оптоварување со крунички и мостови.

Може ли да се јави алергија на круничките и мостовите и како се проверува тоа?

За жал, може да се јави, и тоа многу често. Заради одредување на алергиската реакција на материјалите од кои се направени ортодонтските конструкции лекарот ве упатува кај алерголог на алерголошки проби, претходно наведувајќи ги видовите на материјалот од кои планира да ја направи идната конструкција.

Се прават ли денес златни крунички?

Ретко, но може да се направат на многу клиники. Исто така се изработуваат според алерголошките индикации – тогаш кога постои алергија на сите други видови легури, или со естетска цел (изгледот е поприроден со подлога со топла боја): легурите што содржат злато се користат за правење крунички или мостови, така што подоцна на нив се ставаат керамички навлаки (керамика на злато).

Кои крунички се подоверливи? Какви навлаки да избереме?

Круничките се прават од метални легури и на база на циркониум-диоксид. Потоа од нив се прави навлака во вид на керамичка маса. Сега активно се користи системот ЦАД/ЦАМ заради попрецизно правење на круничките. Скенирањето на моделот и изработката се прават во лабораторија, со користење дигитални технологии на мелење и нанесување на металот.

ПРОТЕЗИ ШТО СЕ ВАДАТ

Кога се прават протези што може да се вадат?

Доколку лицето нема неколку заби во низата или ниеден, се користат протези што се вадат. Таквите протези се вградуваат со помош на специјални придржувачи.

Сега активно се рекламираат еластичните протези. Како се држат тие и во кој случај се ставаат?

Еластични ги нарекуваме протезите што се прават од термопласт, а тоа се материјали како што се најлон, ацетал, брефлекс, перфлекс и други. Благодарение на еластичната структура на протезите, можно е да се направат естетски поубави придржувачи наместо металните куки или копчиња. Овие придржувачи имаа светлорозова боја, која целосно се вклопува во нијансата на природните непца.

Треба ли протезите да се вадат ноќе?

Пожелно е.

СОСТАВОТ НА ПРОТЕЗИТЕ

Пластичните протези што се вадат се прават од акрилни пластични маси или од термопласт и се потпираат на парцијални протези – од метални легури во комбинација со акрилни пластични маси. А фиксните протези во облик на крунички и мостови се прават од метални легури и циркониум-диоксид, додека за обложување се користи керамика или пластична маса.

…………………………………………………………

По секој оброк извадете ја и добро исчистете ја протезата од остатоците од храната, кои може да предизвикаат непријатност и да бидат причина за непријатен здив.

………………………………………………………….

Помагаат ли геловите за фиксирање?

Ова прашање особено е актуелно кога станува збор за протези за долната вилица што се вадат, а кои се ставаат во случај на целосно губење на забите. Обично и не може да се помине без дополнителни средства за фиксирање. Таквите препарати имаат ограничен рок на дејствување и е потребно повторно нанесување.

ОДРЖУВАЊЕ НА ПРОТЕЗИТЕ

Како да водиме сметка за протезите што се вадата?

Ноќе чувајте ги во сад со чиста превриена и оладена вода или за тоа користете специјални кутичиња, кои се продаваат во аптека. Вештачките заби, како и самата протеза, треба да ги миете и чистите со четка, независно од усната празнина. За чистење може да послужат и специјални таблети што се раствораат во чаша вода – протезата стои во тоа прекуноќ.

Користете четка и паста за заби, како и антибактериски течности за плакнење на устата. За чистење употребувајте само четкички со меки влакна за да избегнете појава на гребаници. Пастата може да биде каква било, освен онаа за избељување, бидејќи содржи абразивни компоненти. Најдобро е протезите да ги чистите наутро и навечер.

Како уште може да се чистат протезите?

За чистење во домашни услови можете да набавите ултразвучен апарат. Во случај на упорни нечистотии посетете стоматолошка клиника, која ќе го реши вашиот проблем. Постои таква услуга.

Може ли за чистење да се користи прав за заби или сода?

Не е пожелно. Тие го оштетуваат горниот слој, па при нивното користење површината на протезите може да потемни и да го загуби својот првобитен сјај, што придонесува за уште поголеми естетски недостатоци.

Кои протези се најотпорни?

Оние што имаат метална рамка или метална основа.

…………………………………………………….

Посетете лекар во случај на непријатност при користење протези што се вадат. Во зависност од клиничката слика, тие изискуваат задолжителна замена во рок од три до пет години.

…………………………………………………

Може ли протезите да се преправаат со оглед на тоа што со годините доаѓа до промена во непцата?

Корекција на протезите е можна, но не и безгранична. Со текот на времето доаѓа до промени поради кои е потребна нивна замена. Тоа се случува при намалување на непцата, на кои се потпора протезата. На тој начин протезата што не одговара на промената на обликот на непцата предизвикува чувство на болка и непријатност.

Текст: Олег Гаврилов, ортодонт, Санкт Петербург

Фото: Pexels

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.