Андреа Силвестри: Во 2024-та нè чекаат предизвици

„Изборите се основата на демократијата и затоа се надевам дека тие ќе се одржат во најдобар ред“, пишува амбасадорот на Италија во својата колумна во Економист: Светот во 2024-та.

„Првиот предизвик е политички. Во 2024 година Северна Македонија ќе треба да се соочи со претседателски и парламентарни избори. Изборите се основата на демократијата и затоа се надевам дека тие ќе се одржат во најдобар ред, се разбира, во границите на природната политичка дијалектика меѓу различните страни“, го почнува своето излагање Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Италија во Република С. Македонија.

Во овој контекст е исто така  важно, и покрај разликите, европската перспектива да остане заедничка цел за повеќето политички сили, и да не биде предмет на иструментализација. Се работи за стратешка цел за земјата, уште повеќе во актуелниот геополитички контекст, со војната во Украина и повторното актуелизирање на процесот на проширување.

Накратко, се надевам дека Северна Македонија ќе продолжи со елан по патот на преговорите што ги очекуваше многу, премногу години. Како и да е, патеката кон пристапувањето е трасирана.

Брзината со која ќе напредува  процесот зависи, пред сè, од раководството на Северна Македонија, од тоа колку брзо ќе ги усвои уставните промени и ќе продолжи со останатите реформи неопходни за усогласување на националното со европското законодавство, но и за модернизација на земјата.

Притоа мислам на реформите кои се однесуваат на борбата против корупцијата и владеењето на правото, на јавната администрација и судскиот систем, но и на животната средина. Се работи за реформи кои се корисни за граѓаните, кои можат да ја вратат довербата и да отворат можности, особено за младите, за да се спречат отселувањето и депопулизацијата, кои се можеби и најголемиот проблем на земјава.

Што се однесува до економијата, потребно е да се реализираат мерките што ќе овозможат побрзо  закрепнување и да се продолжи со  консолидација на буџетот. Енергетскиот предизвик – што се должи на војната во Украина предизвикана од Русија – сè уште постои, така што и Северна Македонија мора да продолжи со активностите за диверзификација и за поттикнување  на обновливите извори на енергија, со цел да ја намали својата зависност од странски земји, подобро да се интегрира во европската мрежа и да ги почитува  целите кои ги наметнува борбата против климатските промени.

Исто така, важно е да се продолжи  со регионалната интеграција и единствениот пазар, овозможувајќи добра бизнис клима, со цел да се привлечат повеќе странски инвестиции. Од оваа гледна точка, исто така, ќе биде неопходно максимално да се искористат дополнителните финансиски можности што во моментов се активираат на европско ниво.

Во сите овие предизвици, Северна Македонија може да смета на Италија, вашиот цврст политички и економски партнер, кој секогаш силно ги поддржувал евроатлантските интеграции на земјата. Таа заедничка цел е одлучно потврдена од актуелната влада; како што повеќепати истакна нашиот Министер за надворешни работи Тајани, иднината на Западен Балкан е во Европската Унија.

Токму затоа, во текот на 2023 година, нашата земја организира многубројни настани посветени на регионот. Меѓу другото, во септември во Бриндизи беше покрената иницијативата VIII, која ги обединува Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија, земји низ кои минува Коридорот VIII, стратешка инфраструктура во чиј потенцијал силно веруваме.

Всушност, нашата билатерална соработка е одлична на сите нивоа, вклучувајќи го и културното, за што сведочи и богатата програма што ја организиравме за да ја прославиме 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Постои голем интерес за Италија, на кој сакаме да му излеземе во пресрет.

Во таа смисла, планираме да ја зголемиме и трговската размена на инвестициите, преку зајакнување на инфраструктурните врски и преку проекти за техничка и финансиска помош во рамките на инструментите кои ни се на располагање.

Текст: Економист – Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.