Светот во 2024-та: Србија ја гледа Северна Македонија како еден од своите најблиски соседи

Колумна на Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија во Република С. Македонија, за годишното издание на престижниот Економист.

„Годината зад нас беше обележана со продолжување на позитивниот тренд во развој на соработката меѓу Србија и Северна Македонија“, вели Н.Е. Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија, и додава:

Земјите продолжија со негување добрососедски односи и унапредување на меѓусебните односи во сите области од заемен интерес, поаѓајќи од заедничката идеја за континуирано подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани и градење перспективна иднина за целиот наш регион, која, убедени сме, треба да почива врз начелата на мир, стабилност и меѓусебна поврзаност, пред сè, економска.

Србија ја гледа Северна Македонија како еден од своите најблиски соседи. Нашите народи се блиски, а за меѓусебната поврзаност можеби најдобрo зборува тоа што според многубројните студии на јавното мислење, токму најголемиот број граѓани на Северна Македонија ја сметаат Србија за најголем пријател.

Нашите земји делат заедничка историја, но пред сè, делат желба за создавање заедничка европска иднина, што се рефлектира во создавањето услови за понатамошен развој на нашите економии и општества во целина.

За продлабочување на нашите односи придонесува и иницијативата „Отворен Балкан“, а динамиката и ефикасност на конкретни проекти во рамки на оваа иницијатива сведочат за нејзините повеќекратни позитивни резултати кои доведоа до зголемување на конкурентноста во регионот.

Во претходната година беа реализирани неколку важни проекти и договори (како воспоставувањето интегриран систем на електронска наплата на патарина, или како потпишаниот Меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси, која ќе овозможи изградба на брзата пруга Ниш-Скопје), кои директно ќе се одразат врз подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани, придонесувајќи за нивна поголема поврзаност.

Горди сме што вкупната размена на стоки меѓу Србија и С. Македонија е на рекордно ниво и изнесува речиси 1,5 милијарда евра, што е за 28% повеќе од претходната година.

Нашата соработка беше потврда и при реализација на годинешниот саем на вино „Винска визија Отвореног Балкана“ во Белград. Со импресивен број на изложувачи од нашиот регион, но и многубројни гости од Европа и светот, покажавме дека гордо може да застанеме „рамо до рамо“ со некои од најреномираните светски производители на вино, а нашиот регион е претставен како богата ризница, која сите посетители „ги остава без здив“ и прави секогаш да сакаат повторно да нè посетат.

Дополнителна можност за промоција на нашиот регион секако ќе биде и специјализираната светска изложба ЕКСПО, која ќе се одржи во Белград во 2027 година. Особено задоволство ни е што на неа ќе се претстави и Северна Македонија.

Изминатата година, светот не стана подобро или побезбедно место, а глобалниот мир и стабилност продолжуваат да бидат загрозени. Во услови на вакви сложени геополитички настани, клучен приоритет за Србија продолжува да биде зачувувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата, како и заштитата на виталните национални интереси.

Република Србија, на чело со претседателот Александар Вучиќ е длабоко посветена на зачувување на регионалниот мир и безбедност, негување добрососедски односи, како и решавање на сите отворени прашања по мирен пат и дијалог.

Во овој контекст, продолжувањето на нагорната траекторија на развој на билатерални односи со Северна Македонија зазема значајно место. Во наредната година остануваме посветени на негувањето на нашите партнерски и пријателски односи, со надеж дека негувајќи ги позитивните тенденции, во 2024 ќе сведочиме на нови, иновативни заеднички проекти и потези, на обострана корист на нашите држави и сите наши граѓани.

Текст: Економист – Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.