Таа е вистински синоним за префинета и природна убавина, а нејзината нега е доста едноставна

Тајните на нејзината убавина

Оваа шпанска актерка многупати ја понесе титулата за најубава жена на планетата.

Пенелопе Круз израснала во салонот на својата мајка, за кој вели дека за многумина претставувал и психијатриска ординација (многу жени ги раскажувале своите проблеми додека им ја правеле фризурата), но и школа за трансформации, чии правила и самата ги применувала подоцна во глумата.

Набљудувала како жените во едно издание, а и расположение, влегувале во салонот, а излегувале во сосема друго – поубаво и со многу поголема доза на самодоверба. Тогаш сфатила колкава е моќта на козметиката и на третманите за разубавување.

Дневна + ноќна нега Нејзината секојдневна рутина на нега се состои од темелно чистење на лицето, како и редовна употреба на кремови и серуми против стареење на кожата. И не користи многу шминка. Освен на дневната, големо внимание ѝ посветува и на ноќната нега, бидејќи ноќта е време кога кожата се обновува.

Нега на коса Во салонот на мајка си научила мошне корисни фризерски трикови, благодарение на кои сама ја скротува својата коса. На шега вели дека слободно може и да потстрижи некој, се разбира – под услов да го прифати ризикот. Големо внимание ѝ посветува на негата на косата, редовно применува маски за коса.

Ах, тие киксови! Се лажете ако мислите дека катастрофите во разубавувањето не им се случуваат на познатите дами. Имено, како тинејџерка, сакајќи да изгледа како Џулија Робертс, Пенелопи направила „минивал“, кој многу ѝ ја оштетил косата.

Златен совет за убавина Го добила од мајка си. Имено, таа секој ден ѝ го истакнувала значењето на здравата исхрана и здравиот сон. Иако тогаш ја нервирало тоа, денес истото им го повторува и на своите деца.

На менито… Пенелопе избегнува шеќер и глутен. Консумира многу овошје и протеини. Настојува да пие што е можно повеќе течности, иако во една пригода призна дека во минатото и не било така. Не консумира алкохол, а се откажала и од цигари.

Освен здрава исхрана, верува и во моќта на суплементите, па редовно пие пробиотици, ензими и витамини. Се разбира, во консултација со својот лекар.

Фитнес-рутина Редовно вежба бикрам-јога, за која тврди дека целосно ѝ го реобликувала телото.

Најубав одраз во огледалото Најубаво си изгледа кога е спокојна и опуштена.

Задолжителен производ Почесно место во нејзиниот несесер има маскарата. Логично, бидејќи погледот придонесува во карактерот на актерот.

Мириси & сеќавања И парфемите имаат значајно место во нејзиниот живот – ги врзува за одредени настани. Се враќа во некои минати времиња и сеќавања, а омилени ѝ се Lancôme Trésor и Poeme.

Икона на убавината Убавината на италијанската актерка Изабела Роселини оставила силен впечаток врз Пенелопе поради вредноста што им ја пренела на идните генерации: кај неа немало клишеа и граници!

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Инстаграм

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.