Aмбасадорката на САД: Заложбата на Македонија за регионален мир и стабилност

Светот во 2024-та

„Земјата има многу со што да се гордее“, порачува Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на САД, за годишното издание на престижниот Економист.

Од осамостојувањето на 8 септември 1991 година, Македонците воспоставија динамична демократија, ја надминаа речиси граѓанската војна во 2001 година, преземаа тешки жртви во 2018 година на патот кон членството во НАТО и сега повторно се подготвени да направат клучни избори кои ќе влијаат на нивната иднина.

Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на САД во Р. С. Македонија; Фото: Петр Стојановски

За само три години како НАТО сојузник, Северна Македонија ја покажа својата сила и вредност како глобален безбедносен партнер. Оваа земја одигра витална улога во актуелните настани, најпрвин со кризата во Авганистан, а сега и со неиспровоцираната, целосна инвазија на Русија врз Украина.

Северна Македонија работи со остатокот од меѓународната заедница за да се справи со предизвиците кои имаат последователен ефект не само во Европа, туку и во целиот свет.

Земјата продолжува да биде сила за мир и стабилност на Западен Балкан. Таа, исто така, ја унапредува регионалната економска интеграција и спроведува енергетски реформи.

Северна Македонија прави извонредна работа претседавајќи со Организацијата за безбедност и соработка во Европа во клучен момент во историјата, предводејќи ја принципиелната поддршка на ОБСЕ за Украина и спротивставувајќи се на дезинформациите на Русија.

Покрај тоа, одигра важна улога во одржувањето на клучниот состанок во рамките на Дијалогот помеѓу Косово и Србија, олеснет од ЕУ, претходно оваа година.

Предизвикот на Северна Македонија во 2024 година е да продолжи со економските реформи и да се фокусира на корупцијата. Со тоа ќе се развие разновидна работна сила за да одговори на глобалните шокови од пандемијата, инфлацијата, војната на Русија против Украина, како и војната помеѓу Израел и Хамас.

Проширувањето на регионалната економска интеграција ќе ги намали трошоците за водење бизнис, ќе го зголеми пристапот до ресурсите потребни за раст на претпријатијата и ќе промовира иновации.

Иднината е во рацете на Северна Македонија, и како земја мора да придонесе за решавање на најголемите предизвици кои ги спречуваат инвестициите, ја попречуваат модернизацијата и создаваат економска нестабилност.

Важно е Македонците да бараат вистинско владеење на правото, да помогнат да се стави крај на широко распространетата корупција и да се залагаат за подобрена инфраструктура.

Една неодамнешна анкета на јавното мислење вели дека корупцијата е главниот двигател на миграцијата на младите надвор од Северна Македонија. Во 2024 година, лидерите на земјата мора да најдат начини да ја ограничат корупцијата и да стават крај на кризата во судството преку реформи, спроведување на меѓународни стандарди, спречување на лошо однесување и надзор на правните процеси.

Од 2001 година, населението на Северна Македонија е намалено за околу 185.000 граѓани, што е значителна загуба во земја со 1,8 милиони жители и јасен пример за „одливот на мозоци“ што негативно влијае врз технолошкиот сектор, висококвалификуваното производство и медицинската индустрија.

Соединетите Американски Држави потрошија стотици милиони долари за обука на судии, обвинители и полицијата во Северна Македонија и воведоа визни ограничувања и санкции за локални поединци и ентитети поврзани со злоупотреба на владини позиции за приватна корист.

Соединетите Американски Држави ќе продолжат да промовираат одговорност за корумпираните актери преку санкции и визни ограничувања и ќе ги поддржуваат напорите за зајакнување на владеење на правото, но не можеме за вас да ја поправиме епидемијата на корупција во Северна Македонија.

За Северна Македонија да создаде посветла иднина, мора да има политичка волја. Во било која земја, одредени одлуки бараат од власта и опозицијата да работат заедно – да ја остават настрана политиката и да го направат она што е најдобро за граѓаните.

Иако, за жал ретко, но политичките спротивности можат да соработуваат за да се остварат некои работи, и тоа треба да се случува многу почесто, така што политичарите ќе им служат на најдобрите интереси на граѓаните.

Светот се наоѓа на историска точка на пресврт. Превирањата во кои се наоѓаме, овој момент на глобален хаос, е нешто што ретко се појавува. Оваа турбуленција бара храброст, интегритет, морална јасност и вистинско лидерство. Тоа бара од нас да ги оставиме настрана политичките препукувања, личните интереси и небитните работи.

Сум видела како луѓето во Северна Македонија порано го правеле токму тоа, и убедена сум дека можат да се соочат со предизвиците од 2024-та година за да ја направат оваа земја посилен, попросперитетен, подинамичен дом за сите нејзини граѓани.

Текст: Економист – Светот во 2024-та

Фото: Петр Стојановски

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе