Ако не се сеќавате кога последен пат сте „безделничеле“, време е да почнете да практикувате „никсен“!

Осмели се да не правиш ништо!

„Ужасно тешка работа е да не правиш ништо“ – Оскар Вајлд

Кога последен пат не сте правеле ништо? Не мислам на тоа кога последен пат сте „скролале“ на социјалните мрежи, сте гледале Нетфликс или сте се преокупирале со работите што ви се случиле во текот на денот. Мислам буквално на неправење ништо, едноставно постоење во моментот без никаква цел.

Пробав да го направам тоа изминатиот викенд, откако сфатив дека си го планирам слободното време до најситни детали. Јас сум од луѓето што обожаваат да прават листи и да ги запишуваат во различни нотеси. Имам нотес за планирање на времето, за планирање на моите фитнес-активности, за бележење што сум јадела во текот на денот, за водење евиденција кои книги сум ги прочитала, а сопругот се шегува дека сигурно некаде имам и нотес за да запишам во кои сѐ нотеси сум пишувала дента (немам ама кај и да е…).

Како и да е, се фатив себеси, во сабота наутро, како се обидувам да ја пополнам секоја минута од денот со некаква активност за којашто вообичаено немам време во текот на работната недела. Секако, на крајот се почувствував преплавено од сите обврски што самата си ги наметнав на ден што би требало да е ослободен од секакви планови и очекувања. Ништо од тоа не направив, туку времето го поминав во гледање инстаграм-видеа од луѓе кои се неверојатно продуктивни и организирани. Неизбежно, тоа направи да се чувствувам депресивно и безвредно. Зошто едноставно не можев да си дозволам себеси да не правам ништо?

Ако сте како мене, веројатно ви е многу тешко да се сетите кога последен пат сте си дозволиле таков луксуз. Дури и да сте си го дозволиле, дали би го признале тоа? Во брзиот начин на живот, каде што општеството ја става продуктивноста на пиедестал, правењето ништо значи дека сте си го потрошиле времето залудно.

 

Време е да го научите зборот „никсен“

За среќа, Холанѓаните измислиле збор што ја опишува состојбата на задоволство во миговите кога не правиме ништо и придобивките што можат да произлезат од тоа – „никсен“. Во превод буквално значи „да не правиш ништо“ и многу психолози и социолози потврдуваат дека оваа „вештина“ има позитивни ефекти на менталното здравје. Тие се согласни дека имаме тенденција да си го преполнуваме слободното време, без да си оставиме ни минута за да не правиме ништо. Дали е тоа толку лошо? Според нив, да, бидејќи не му оставаме простор на мозокот да ги процесира сите информации што ги добил во текот на денот и не можеме да почувствуваме што навистина ни треба во моментот. Накратко, се губиме себеси на некој начин. Па, време е да ја усовршиме вештината на не правењето ништо!

Како да практикувате „никсен“?

За да практикувате „никсен“, треба да „безделничите“ одредено време. Звучи лесно, но во пракса е многу потешко. На пример, работите од дома и сте одлучиле да ги измиете садовите за време на паузата. Тоа не е никсен. Добро, можеби сте „скролале“ малку на Инстаграм. Ни тоа не е никсен, бидејќи сте го искористиле времето за да се информирате што се случува онлајн. Дури и ако само седите и не правите ништо, вашиот ум може да заталка и да почне да ги планира вашите идни активности. Тоа повторно не е никсен. Па, што може да биде никсен? Зјапањето низ прозорецот и набљудувањето на птиците е никсен. Уживањето во аромата на првото утринско кафе. Слушањето музика, комплетно ослободени од мислите на сите обврски што ве чекаат.

Всушност, не постојат строги правила, тие мигови треба да бидат спонтани и неограничени со временска рамка. Токму не правењето ништо ќе ве наполни со потребната енергија за да ги завршите сите обврски во денот, ќе ви ја зголеми продуктивноста и ќе ви ја поттикне креативноста. А, сега одам да „безделничам“, пардон, да правам „никсен“! (Добро, можеби и ќе измијам некоја чинија во меѓувреме, но чекор по чекор…)

       Пишува: Марија Лукаревска

                                                                                   

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.