Колумна на Дуда Алапача: Вонредна ситуација – доаѓа свекрвата!

Кога свекрвата на Дуда доаѓа во посета, настапува вонредна ситуација. Овој пат ќе преспие кај нив, па прашањето е колку ќе може злобната жена да ја трпи онаа храбрата и најспособна?

Доаѓа мама”, кажа. „Чија мама?” „Како чија?” „Па не знам, на светов има неколку милијарди различни мами, па да прашам за секој случај…“ „Мојата мајка доаѓа…“ „Што?“ „Им пукнала цевка во зградата, три дена нема да им работи греењето, па ќе престојува кај нас додека се среди тоа.“ „Аууу… А кога ќе се среди?“ „Не знам, се јавиле во станбено, ги упатиле во општината… Многу си злобна жена, Дубравка! Уште не дошла, а ти веќе ја бркаш од дома.“ „Добро, извини. Кога ќе дојде?“ „утре.“ „Аха, во ред.“ „Каде одиш?“ „Да се убијам! Сè е во ред, седи си ти…“.

Храбра жена, способна!

МАМА ДОАЃА… Боже мој, мајка му доаѓа! Тоа значи вонредна состојба, спиење на каучот, гледање на Кралицата Мајка по цели денови. Тоа значи дека уште еднаш ќе поминеме низ сè од почеток, мајката ќе нè прошета низ сиот материјал, од Едиповиот комплекс па наваму. Повторно ќе поминеме низ оној сончев ден, пред 42 години, кога почувствувала контракции додека стоела во ред за леб, го запалила „фиќото“ и се упатила во болницата. Бидејќи таа е многу храбра жена, за разлика од денешните шмизли, кои изведуваат бесни глисти и бараат некакви си епидурални анестезии.

Потоа внимателно ќе нè прошета низ целото породување, уште еднаш ќе слушнеме во кој пресуден миг ѝ пукнал водењакот, па како ѝ кажала на акушерката да се тргне бидејќи ѝ пречи, како таа сама подобро ќе го извлече бебето, како стиснала заби и се породила без ничија помош, без збор да каже, а не пак да плаче, како потоа сите по ред ѝ честитале, а лекарите, за време на визитите, ја покажувале на студентите на четврта година со образложение дека станува збор за една храбра, способна и многу прибрана жена.

Леб преку погача

Повторно ќе слушаме предавања на тема: денешната младина, како врска немаат од живот и ич не ѝ се допаѓаат, како девојките не знаат што сакаат, бараат леб преку погача, па сакаат да учат, да студираат – наместо да се омажат на време и да родат деца. А потоа мудро ќе забележи дека немаме бело брашно дома, туку само интегрално – толку многу генерации израснале на бело брашно, а ние сега сакаме преку леб повторно од погачата…

Инспектор мајка

Да не спомнувам дека ќе му душка во секое ќоше, дека ќе го вклучи детекторот за гадинки и за прав, а потоа ќе направи годишен попис на сè што имам дома. Се разбира, особено ќе се задржи на сите апарати во кујната, со коментар дека се бадијала фрлени пари. Ќе направи дигресија, бидејќи секоја нејзина забелешка мора да биде придружена со приказна од животот и – се разбира – со поука, па потоа и самата со денови ќе се прашувам како ли само сум преживеала без нејзиното наравоучение.

Бидејќи, што ќе ми е блендер, кога овошјето може да се јаде и свежо?! Човекот се раѓа со заби за џвакање, што ќе ми се кашестите сокови? И што е тоа смути? Ни џем, ни сок! А за суши да не правиме муабет. Таа не би го пробала макар се работело за спас. Сите нормални пржат риба, само на Јапонците им текнало да ја јадат свежа. И не само што ја јадат тие, туку нè принудуваат и нас другите!

Од храната ќе помине на хигиената

Ете, куќата ни е валкана. А и ние не сме баш блескави. Детето ќе ми го бања двапати дневно, спроведувајќи ги своите ритуали додека не се распадне во водата како да е шумлива таблета. Ќе ги вади чистите кошули на Владо од плакарот и ќе ги мие на 90. Бидејќи сите знаеме дека не е чисто додека не зоврие.

А кога ќе у ги смали на ниво на бенкица, ќе оди наоколу и ќе зборува како таа сигурно му ги вклучила на 40 степени, и тоа без претперење, но денешниве машини си работат по свое. Во таа пригода ќе ја спомне својата крш-машина од ’54, која и денес не голта чорапи и ја чува бојата.

Кафе – не на празен желудник

Ќе спие во дневната соба и ќе ми го загорчува животот од рано сабајле. Ќе одам на прсти за да не ја разбудам, а веднаш по мене ќе стане и таа. Ќе ја прашам дали сака кафе, и ќе ми одговори дека не сака бидејќи уште малку би си дремнала. Но нема да ја пропушти можноста да ми се изначуди како можам да пијам кафе рано сабајле на празен желудник и ќе наведе 354 причини зошто не би смеела да го правам тоа.

Ќе поминам во трпезаријата со изговор да не ѝ пречам, но и понатаму ќе ја слушам како чкрипи со забите. Кафето ќе го испијам во две голтки, ќе влезам во бањата да се средам, а таа повторно ќе стане и ќе стави вода за кафе, за она истото кафе што пред малку не го сакаше.

Ждригавица лекува само сода бикарбона

Ќе ми тропа на врата 70 пати под изговор дека е итно. Кога конечно ќе излезам за да ја заврши итната работа, ќе ме измерка од глава до петици и ќе искоментира дека сум разголена и пренападно нашминкана. Штом ќе излезам од дома, ќе почне да ми претура по работите.

Ќе го изеде сето слатко на кое ќе налета по дома. А потоа ќе ми се јави на работа за да ме праша каде чувам сода бикарбона, бидејќи, нели, нешто ја мачи ждригавица. А потоа ќе ми се јави дали имаме некое апче, бидејќи содата не ја завршила својата работа. Нормално, јас ќе предложам да одиме на лекар, а таа ќе ми каже: „нема потреба“.

Но кога Владо ќе се врати дома, ќе се витка од болки, па сите ќе се прашуваме што е работава! Од оние пола килограм локуми, што „не ги изела“, не може да ѝ биде, сигурно е од мојата супа со печурки. Знаела таа дека нешто не е во ред, но сепак јадела за да не кажеме подоцна – дошла баба да досаѓа!

Ќе го испрати Владо во аптека со список од пола метар, и откако ќе ја дадеме и последната паричка за нејзините пробиотици, ќе се врати на добрата, стара сода бикарбона. Сепак, природно си е природно. И кога ќе стивне ждригавицата, на ред е глад. Ќе ѝ нудиме сешто, но нејзе, по правило, ќе ѝ се јаде баш она што го немаме дома.

Владо ќе скокне по лесковачка, иако добро знаеме дека по 22 часот работи само донер под Железничка, а кога конечно ќе се врати со сендвичот, мајката на големо ќе ’рчи.

Јас злобна жена?

„И потоа тој мене ми вели дека сум злобна жена… Јас злобна?! А и таа цевката баш сега нашла да пукне!“ „Ќе издржиме“, рече Гога. „Издржавме и полошо.“ „Нема полошо од ова“, си помислив. „Туку, Гогичке, дали знаеш каде се наоѓа тој големиот вентил?“ „Зошто, па добро греат, зар сакаш да го засилиш?“ „Ма, не, туку да го исклучам парното. Кога ќе слушне дека и кај нас е ладно, можеби нема да дојде.“ „Подобро не чепкај ништо, мислам дека сè е на далечинско.“ „На далечинско? Чекај малку. Ало, дали е тоа комунално:“

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.