Во 2023 година ја прославивме 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија

Ние бевме третата земја што ја призна вашата земја по прогласувањето на вашата независност, меѓу другото, пишува Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство на Република С. Македонија, во колумната во Економист: Светот во 2024-та.

„Ова е време од годината кога се навраќаме на изминатиот период, и јас сакав да споделам со вас три моменти“, почнува Н.Е. Метју Лосон, и додава:

Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство на Република С. Македонија

Првиот е дека трговските односи помеѓу Обединето Кралство и Северна Македонија уште повеќе се унапредија. Вкупната трговија меѓу нашите земји сега изнесува 2,3 милијарди фунти, а трговијата со стоки и услуги се зголеми за 16% во текот на 2022 година. Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство на Западен Балкан.

Во септември ја основавме Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија, со основачките членови Џонсон Мети, Рудникот Саса (Централ Азија Металс) и Сопро. Се надевам дека ова ќе биде катализатор што ќе ги подигне нашите трговски односи на уште повисоко ниво.

Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство, односно Агенцијата за кредитирање на извозот на Обединетото Кралство е една од најдобрите алатки за малите, средните и големите производители, трговци и инвеститори, обезбедувајќи финансиска поддршка за развој на проекти. Над 4 милијарди фунти се достапни за Северна Македонија.

Постојат бројни можности за бизнисите, во широк спектар на сектори, вклучувајќи амбициозни инфраструктурни, транспортни и енергетски проекти.

Втората област што би сакал да ја истакнам се нашите одбранбени врски, особено нашата работа за поддршка на Северна Македонија во исполнувањето на целите за способности на НАТО.

Од ангажманите со истакнати команданти до развивањето на млади лидери на утрешнината, нашето партнерство обезбедува воена обука од светска класа и во Северна Македонија и во Обединетото Кралство, вклучително и богата програма на нашата светски позната одбранбена академија.

Соодветно инвестиравме и во полигонот Криволак, создавајќи еден од најдобрите урбани капацитети за обука во регионот. Целата оваа активност им овозможува на македонските сили поблиску да соработуваат со силите на Обединетото Кралство и силите на другите партнери на НАТО.

Исто така, сакам да оддадам признание за улогата што Северна Македонија ја одигра како дел од донаторската заедница што ја поддржува Украина. Секој треба да се гордее со тоа. Русија верува дека вниманието на светот кон Украина на крајот ќе опадне. Тоа нема да се случи. Русија мора да сноси одговорност за нејзиниот неиспровоциран напад врз соседот и за бесрамното непочитување на Повелбата на ОН.

Третата област што сакам да ја истакнам е врзана со еден неодамнешен настан – посетата на нашиот секретар за надворешни работи и министер за вооружени сили на Министерскиот совет на ОБСЕ пред само неколку недели. Сакам да го повторам она што лорд Камерон му го кажа на министерот за надворешни работи Османи, при што му оддаде признание за улогата на Северна Македонија во обезбедувањето на стабилност во регионот и пошироко.

Вештото претседавање со ОБСЕ во период на предизвици и исклучително успешниот Министерски совет е само еден пример. Медиумите притоа забележаа дека односот меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија е посилен од било кога во последните три децении – ова е горд момент за мене и за оваа амбасада.

Значи, што се очекува од 2024 година? Ќе прославиме 75 години од основањето на НАТО, најуспешниот безбедносен сојуз некогаш создаден, сојуз кој заштитува над милијарда луѓе преку принципот на колективна одбрана и безбедност. Тоа ќе го направиме додека сè уште продолжува руската агресија против Украина.

Ќе имаме нов претседавач со ОБСЕ – Малта – но ќе продолжиме да работиме во тесно партнерство со Северна Македонија преку ОБСЕ во поддршка на основната функција на институцијата и ќе ги користиме нејзините механизми за да ја повикаме Русија на одговорност.

Заедно со Северна Македонија и земјите-партнери, ќе работиме преку НАТО на склучување партнерства за регионалната безбедност на Западен Балкан, соработувајќи во рамките на КФОР, на пример. Ќе продолжиме да работиме заедно како партнери на НАТО, поддржувајќи ги македонските вооружени сили преку обука и опрема додека тие подготвуваат баталјонска група да постигне оперативна готовност на НАТО до 2026 година.

Во истиот овој период ќе се случуваат избори во многу земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија и – најверојатно – мојата.

Предизвиците со кои се соочува Северна Македонија на патот кон пристапувањето кон ЕУ се значителни.

Ние отсекогаш сме го поддржувале ова патување како дел од евро-атлантскиот пат на Северна Македонија. Ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина и ќе продолжиме да ги поддржуваме политичките партии кои носат храбри одлуки неопходни за напредок, меѓу другото, и одлуката за уставни измени за вклучување на малцински групи кои сега не се споменати во него. За оваа цел ќе биде неопходна политичка храброст.

Иако многумина брзаат да укажат на недостатоците во Договорот од Преспа, не треба да се заборави визијата и политичката храброст на оние кои стојат зад преговорите. Остануваат многу предизвици, а лидерите во идната влада ќе треба да направат смели избори гледајќи долгорочно.

Мора да се стави поголем акцент на борбата против корупцијата, враќањето на довербата во јавните институции и зајакнувањето на владеењето на правото. Се надевам дека работата на овие сегменти ќе биде централниот дел во манифестите на сите политички партии и дека партиите нема да ги заборават ветувањата кои ги дале на своите гласачи кога ќе се преговара за коалиции.

Текст: Економист – Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.