СРЕЌНО ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ: Потрагата по љубов никогаш не била лесна, но кога стана безнадежна?!

У&З колумна

Се запознаваат момче и девојка. Се вљубуваат еден во друг. Имаат венчавка од соништата и си живеат среќно до крајот на животот. Просто, нели? Нели???

Барањето партнер и рандевуата можеби се зад мене, но тоа не значи дека не сум во тек со љубовната сцена. Забележувам дека моите соло другарки речиси и да не излегуваат на љубовни состаноци со момците што ги запознаваат. „Дејтањето“ го има изгубено своето традиционално значење што „во мое време“ гласеше кино и пијачка. Најголемиот дел од разговорите со нивните потенцијални партнери се случуваат онлајн, а средбите обично се сведуваат на случајни полноќни „наоѓања“ во дискотека или бар. „Врскичките“ што ги започнуваат најчесто се комплицирани, недефинирани и неизбежно разочарувачки. Последиците се скршено срце, срушени соништа и намалена самодоверба, а кутијата за прва помош не помага во вакви ситуации. Потрагата по љубов никогаш не била лесна, но кога стана безнадежна?!

Сигурна сум дека претходните генерации не се соочувале со вакви проблеми. Сè било јасно и конкретно. Држењето за рака значело „дечко и девојка“, бакнежот „сериозна врска“, а за нешто повеќе и да не правиме муабет. Додворувањето се подразбирало и не се сметало за напад на женската еманципација. Денес, сè е некако конфузно, животното темпо е брзо, изборот е бесконечен, а тоа само ги отежнува работите. Зошто не може да биде како во приказните?

Љубов од бајките

Си била еднаш една убава принцеза, најубавата принцеза во земјата. Но била многу осамена и длабоко во себе копнеела по принцот на бел коњ. Еден ден, во нејзиното кралство пристигнал млад принц од некоја далечна земја. Ја видел принцезата и се вљубил во неа на прв поглед. Тој докажал дека ја заслужува нејзината љубов, па и таа се вљубила во него. Се венчале и си живееле среќно до крајот на живот.

Во реалноста…

Си била еднаш една убава принцеза, најубавата принцеза во околината, зависи од околината во која се наоѓала и од другите присутни принцези во моментот. Но била многу осамена и сакала да си најде партнер… Всушност, била прилично зафатена со работата, бидејќи сакала да се фокусира на кариерата. Како и да е, еден викенд се појавил принц од некое далечно маало, ја видел убавата принцеза и ја поканил на кафе. Таа го одбила, бидејќи некаде прочитала дека треба да глуми недостапна. Па, кутриот принц се напил и флертувал со други убавици во земјата. Принцезата дознала и многу се налутила. Му пишала на принцот на Инстаграм. Некако се договориле да излезат на пијачка, која завршила со секс. Како што минувале деновите, тие испиле уште многу пијачки заедно и спиеле заедно повеќепати. Принцезата почнала да мисли дека го сака принцот, но не била сигурна дали е вљубена во него. Понекогаш мислела дека е малку здодевен и недоволно романтичен. Се прашувала дали е доволно добар во кревет како другите принцови со коишто би можела да биде. И тој го чувствувал истото за неа. Некаде помеѓу викендот што изминал и тој што следел, комуникацијата меѓу нив замрела. Тој не одговорил на нејзината последна порака. Таа го отследила од Инстаграм. Крај на приказната.

Наравоучение

Факт е дека работите никогаш веќе нема да бидат како порано и не треба да бидат. Постојат многу причини за тоа, од сексуалната револуција и зачестените разводи до развојот на порнографската индустрија и онлајн-апликациите за запознавање. Секој љуби по свои правила и тоа доведе до еден вид постмодернистичка анархија, но на крајот од денот, никој не би одбил вистинска љубов и конекција. Романтиката се случува кога и двете страни еднакво се вложуваат емоционално, кога очекувањата не се претвораат во обврски и кога границите не ограничуваат нечии хоризонти. Не е лесно, но може да се преживее во современата љубовна џунгла. Сè што ви треба е храброст, интелигенција и можеби кутија за прва помош. Барем за првиот љубовен состанок.

     Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.