ФИТ-МАМА: 5 мита за вежби по породувањето

Ова е вистината

Објаснување за најчестите недоумици на новопечените мајки побаравме од професионалната фитнес-тренерка и советничка за исхрана што стои зад инстаграм-страницата @marina.fit.mom.

 #1 Не е безбедно да се вежба првите шест месеци

Периодот препорачан за мирување зависи од тежината на породувањето и од тоа како се одвива закрепнувањето. Но во повеќето случаи, веќе по шест до осум недели од породувањето, може да се почне со вежбање.

Се препорачува да се почне со вежбање на длабоките стомачни мускули, особено оние што го ангажираат попречниот стомачен мускул, за враќање на силата во централниот дел на телото (core) и за воспоставување контрола над мускулите-стабилизатори.

Меѓутоа, дури по периодот на комплетно закрепнување, со помош на соодветни вежби можеме да им се вратиме на тренинзите на кои сме навикнати пред бременоста.

#2 Најдобар начин да го средиме стомакот се – стомачните вежби

Всушност, таквите вежби ќе го прошират растојанието меѓу веќе раздалечените стомачни мускули! При секое движење доаѓа до интраабдоминален притисок  во зоната на „линеа алба“, линијата што се протега вертикално на стомакот и ги спојува стомачните мускули.

Доколку за време на бременоста не дошло до патолошка дијастаза на мускулите на стомачниот ѕид, можно е да дојде при изведување на стомачните вежби по породувањето. И за време на секојдневните движења може да дојде до дијастаза поради несоодветен притисок во тој дел.

Затоа се препорачува да стануваме странично, како во бременоста, така и по породувањето – додека повторно зајакне централниот дел на телото.

#3 Вежбањето има негативно дејство врз количеството млеко

Вистина е дека вежбањето е поврзано со доењето затоа што помага во лачењето на допаминот, хормон на среќа, кој е особено значаен затоа што има позитивно влијание врз доењето. Пожелно е мајките да бидат физички активни, затоа што на тој начин се порасположени и се ослободуваат од стресот, кој има негативно дејство врз лачењето млеко.

Важно е да пиеме доста течности и да се храниме квалитетно, а особено треба да внимаваме состојките што ги јадеме да се нутритивно богати и да содржат доста здрави масти и доволно протеини.

#4 Физичката активност е невозможна затоа што имаме многу обврски околу бебето и постојано сме уморни

Со само 10-минутно вежбање на ден можеме да го подигнеме енергетското ниво и да бидеме порасположени! Со текот на времето, тренингот можеме да го продолжиме на 30 минути, во чии рамки може да се остварат одлични резултати.

Вежбите им помагаат на мајките подобро да спијат и да ги регулираат притисокот и нивото на енергија. Многу е важно да најдеме активност во која ќе уживаме. Ако сакаме да правиме нешто и му се радуваме на секој тренинг, многу полесно ќе најдеме време за тоа.

А по вежбањето, ќе му се вратиме на бебето расположени, насмеани и со нова, обновена енергија.

#5 „Помош, моето тело никогаш нема да се врати во нормала!“

Можеби на прв поглед изгледа така, но вистината е дека нашето тело може да биде најсилно досега. Многу жени по раѓањето на бебето доживуваат нова самодоверба и љубов кон сопственото тело. Свесноста дека нашето тело може да подари нов живот и да се трансформира за време на бременоста и породувањето, придонесува да почнеме да се однесуваме кон него со поголема почит и љубов.

А со таа самодоверба доаѓа и волјата не само да се вратиме во форма – туку да одиме чекор подалеку и да станеме посветени вежбачки.

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.