Кога е вистинското време за бебе? Некои жени велат порано, други подоцна, а еве што вели медицината!

Совети од експерти

Одговор побаравме од доц. д-р Анета Сима при ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје

Постои ли вистинско време за раѓање дете? Медицината, секако, има свои правила, исто како и биологијата, но не можеме да ги занемариме ниту психологијата, социологијата, па и економијата. Статистиката нема конкретно мислење, туку вели дека последните години од минатиот век, жените, во просек, го раѓале своето прво дете на 25-годишна возраст, 20 години подоцна просекот бил 29-годишна возраст, а во големите градови и повеќе. Статистиката се занимава со бројки, научниците со факти, но кој може да каже дали некој е престар или премлад за да роди дете?!

Постојат мајки кои сметаат дека нивното бебе пристигнало на овој свет во совршениот момент, но постојат и такви што мислат дека тоа требало да се случи порано, како и такви што посакуваат да почекале уште некоја година. Секоја од нив има своја приказна, но и медицината има свое мислење на оваа тема. Токму за таа медицинска страна, разговаравме со доц. д-р Анета Сима при ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Од биолошки аспект, кои години се идеални за бременост и раѓање дете?

Во гинекологијата постои гранка репродуктивна ендокринологија која ги истражува и докажува влијанијата на возраста на мајката, т.е. на биолошкиот часовник за бременост и породување. Идеална возраст е меѓу 27 и 35 годишна возраст, кога гениталниот тракт на жената е морфолошки и функционално подготвен успешно да одговори на забременување и раѓање на здраво бебе, а притоа да нема несакани случувања по здравјето на мајката, а и на плодот.

Колку години имала вашата најстара и најмлада пациентка која родила здраво бебе?

На нашата клиника имаме широк дијапазон на возраст на мајки кои се породиле. За жал, како негативна појава ќе ја споменам бременоста кај малолетнички, најмладата на возраст од 13 години, која забременила по природен пат и донесе на свет здраво бебе. Досега највозрасната пациентка беше на 52 години, која забременила по пат на инвитро процедура со донирана јајце-клетка. Бременоста беше високо ризична заради присутните коморбидитети, но сепак успешно заврши со раѓање здраво бебе, без посериозни компликации.

Дали со напредокот на медицината ќе се нормализира раѓањето деца во 40-тите години?

Развојот на нови репродуктивни техники секако носи со себе повеќе можности за помош при одредени состојби на неплодност. Го употребувам овој термин за да појаснам дека физиолошкиот век на јајце-клетките кои ги создаваат јајниците не е бесконечен, туку напротив, со напредување на возраста, нивната функција постепено гасне, се намалува бројот и квалитетот на јајце-клетките. Намалувањето започнува особено по 30-та година, а рапидно се намалува по 37-та година. Ова би значело дека пациентките на 40 годишна возраст веќе би зависеле од помошните техники, како стимулација на овулација, инсеминација, инвитро-оплодување итн., а бројот на спонтани забременувања е исклучително мал.

Од ваше искуство, колку често жените размислуваат да ги замрзнат своите јајце- клетки за да ги искористат подоцна во животот?

Последната деценија се одликува со зголемен интерес кај жените за оваа можност која ја нуди современата медицина, дури станува и тренд кај помладите девојки. Бараат од нас информации, се интересираат за процедурата и сѐ повеќе се одлучуваат за замрзнување на своите јајце-клетки. Во прв план ги ставаат кариерата, работата или други приоритети, а репродукцијата и мајчинството останува за некое идно време кога би биле подготвени за таа животна улога. Современите техники на замрзнување јајце-клетки овозможуваат да се сочуваат речиси непроменети и да се чуваат околу 10 години. Она што е важно да се спомене е нивниот квалитет пред замрзнувањето, од тоа најмногу зависи конечниот резултат. Нешто подобра стапка на успех има кај замрзнување ембриони отколку кај јајце-клетки.

Колку современите методи на следење на бременоста го елиминираат ризикот од аномалии кај детето?

Уште пред забременување, односно при инвитро-оплодување, постојат методи за испитување на ембрионот- ПГД- пренатална генетска дијагностика, која со 99% сигурност детектира генетски абнормалности доколку постојат. Во понатамошниот тек на бременоста, имаме плејада на дијагностички тестови за утврдување на аномалии кај плодот. Наједноставна и најчесто користена метода е ултразвук, со чија помош детектираме морфолошки промени – аномалии, но не со 100% сигурност, а исто така го следиме растот и развојот на плодот. За среќа, современата медицина и генетиката ни нудат софистицирани биохемиски тестови со кои преку мајчина крв се селектира фетална ДНК и на тој начин најсигурно добиваме дијагноза или исклучуваме постоење на генетска малформација кај плодот.

Од стручна гледна точка, дали ги охрабрувате жените кои сакаат да родат во подоцни години? Што би ги советувале?

Секако дека не можеме да ѝ се спротивставиме на природата, на физиолошкиот процес на стареење. Биолошкиот часовник не е бесконечен, токму затоа да ги искористиме природните ресурси на телото. Современото брзо темпо на живеење, загадувањето на околината, секојдневниот стрес сѐ повеќе влијаат врз репродуктивниот потенцијал. Бројни светски студии потврдуваат и апелираат за навремена одлука за потомство, освен во случај на болест или социјални причини. Нашата фела е речиси едногласна во потребата за баланс меѓу кариерата и мајчинството, па според нашите искуства советуваме репродукција во идеалниот период меѓу 25 и 32 години. Современата медицина и нејзините можности да ги оставиме настрана и да ги користиме во научни цели.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Што знаете за менопаузата? Пречекајте ја подготвени оваа уникатна транзиција!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.