Што знаете за менопаузата? Пречекајте ја подготвени оваа уникатна транзиција!

Бидете вити и здрави

Разговаравме со доц. д-р Анета Сима при ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје

Жените најчесто ја пречекуваат менопаузата со измешани емоции. Стануваат нервозни поради тоа што стареат или анксиозни поради промените што ги доживуваат, физички и емоционално. Станува збор за уникатна транзиција што може да трае и неколку години, па добро е да ја пречекате подготвени. За менопауза зборувавме со доц. д-р Анета Сима при ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Да почнеме од почеток…

Менопаузата како термин ја означува последната менструација во животот на жената и се одредува ретроградно по едногодишно отсуство на менструално крвавење. Се јавува меѓу 45 и 55 години (средната возраст на која започнува менопаузата е 51 година). И покрај големиот пораст на животниот век на жените, возраста на менопаузата останала константна и се чини дека е генетски определена и не зависи од расата, социоекономскиот статус или возраста на менархата. Сепак, д-р Сима ни објасни дека менопаузата може да се случи порано кај одредени жени:

„Менопаузата се случува порано кај жени што пушат, имаат низок индекс на телесна маса, кои се вегетаријанки, болни од дијабетес и слично.“

Менопаузалната транзиција, пак, го означува периодот од појавата на менструална ирегуларност, па до последната менструација, додека перименопаузата ја вклучува менопаузалната транзиција и уште една година по последната менструација. Постменопаузата ги опфаќа сите години од животот што ја следат менопаузата. Транзицијата може да трае 5-10 години.

Сите лица на менопаузата

Нашата соговорничка ни објасни дека главните последици од менопаузата произлегуваат од редуцираната функција на овариумите и естрогенскиот дефицит. Карактеристични се следните симптоми:

  • оскудни, обилни или неправилни крвавења
  • вазомоторни симптоми (топли бранови, потење)
  • зголемена телесна тежина
  • промени на урогенитален тракт (атрофија на вагиналната слузница, проследена со иритабилност, чешање, печење, сувост), склоност кон инфекции, уринарна инконтиненција и генитални пролапси
  • промени на коскениот систем – постепено редуцирање на коскената маса и појава на остеопороза
  • промени во психосексуалната сфера – се јавува емоционална нестабилност, жените стануваат иритабилни, се јавуваат невроза, депресија, променливо расположение, сексуална дисфункција
  • несоница, главоболки
  • промени на кожата – се намалува продукцијата на колаген, доаѓа до истенчување на кожата и загуба на еластичноста
Прва помош за непријатните симптоми

Иако се нормални, понекогаш може да бидат многу непријатни. Симптомите се многубројни и може да траат од неколку месеци до неколку години. За среќа, постојат повеќе можности за нивно ублажување.

„Водечки медицински третман е хормон-заместителна терапија (ХЗТ), која го надоместува недостигот од хормоните, ги редуцира симптомите и го намалува ризикот од други заболувања. Овие лекови се во форма на таблети, лепенки, гелови, спрејови, импланти итн. Но сè уште постојат контроверзни ставови за нејзината примена поради можните несакани ефекти – зголемен ризик од канцер на дојка, згрутчување на крвта, мозочен удар, срцеви болести…“, објаснува докторката.

Актуелен е алтернативниот метод за ублажување на симптомите, кој подразбира користење суплементи во вид на хербални супстанции (црвена детелина), биоидентични хормони, антидепресиви, психолошки третмани, акупунктура, ароматерапија и слично. Сепак, наједноставен третман, кој најчесто се препорачува, е промена на животниот стил на жената. Д-р Сима советува умерена и балансирана исхрана, движење, аеробни вежби, сè со цел одржување нормална телесна тежина и кондиција.

Промени и ризици

Факт е дека животот на жената значително се менува по започнувањето на првите симптоми на менопаузата. Се јавуваат раздразливост, замор, тешкотии во концентрацијата, пречувствителност, се јавуваат изменети реакции на нормални дразби. Жената чувствува и физички промени на своето тело, кои ги доживува како загуба на женственоста. Сепак, посериозен е ризикот од појава на други заболувања:

„Естрогениот дефицит во менопаузата директно го нарушува метаболизмот на липидите, со последователно зголемување на обемот на струкот, зголемување на телесната тежина, инсулинска резистенција, што доведува до зголемен ризик од појава на т.н метаболички синдром. Сите овие промени заедно носат зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања“, предупредува д-р Анета Сима.

Добре дојдовте во клубот!

Доколку се соочувате со првите симптоми на менопауза, прво посакајте си добредојде во клубот, а потоа подгответе се за промените што следуваат. Можете да уживате и во овој период од животот, само треба да бидете добро информирани. Сепак, во морето информации, многу од нив не се вистинити. Нашата соговорничка ни откри дел од најчестите митови што постојат за менопаузата:

„Се верува дека кај сите жени менопаузата се јавува на 50-годишна возраст, дека зголемувањето на тежината е неизбежно, дека доаѓа до губење на меморијата и дека сексуалниот живот завршува. Но тоа не е вистина. Менопаузата како неизбежен период во животот на секоја жена е нестабилен и хетероген, вклучувајќи ги сите фази – од транзицијата, па до постменопаузата. Од медицинско гледиште, ова е физиолошка појава, составен дел од процесот на стареење. Но жените од нашето поднебје воопшто не обрнуваат внимание, не се доволно информирани за ризиците, ниту за можноста од превенција на компликациите.“

Па, да ја издигнеме свеста за оваа фаза од животот на жената! Секоја жена треба да води грижа за своето здравје и за своите навики и активно да старее. Менопаузата може да биде позитивно искуство, само информирајте се и грижете се за себе!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, vvmich/iStock via GETTY IMAGES

7 најголеми митови за менопаузата: Никако немојте да верувате во ова – само ве плашат и лажат!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.