Во продажба е новиот број на „Убавина и здравје“: Љубов во фокусот

Месецов да ни биде згодно место за поправање на сопствените грешки

Месецот февруари во последните години доби статус на месец на љубовта. Не поради љубовното огласување на мачките, кое станува актуелно по зимската пауза, туку, се разбира, поради Валентајн, католичкиот празник што беше широко прифатен од многу двојки и кај нас, иако не е дел од нашата традиција.

Нема ништо лошо двојките да посакаат еден посебен ден кога ќе ја слават љубовта заедно со милиони други двојки низ светот.

Секогаш е убаво кога се слави љубовта, иако… не сум сигурна дека на мажите им е многу драго да „мораат“ на одреден ден да направат нешто романтично за својата сакана. Тие обично прават сѐ спонтано и кога и како им доаѓа. Но не ме држете за збор за ова, проверете си… Како и да е, сакав да ви кажам дека јас особено го сакам февруари.

Прво, затоа што двајца мои сакани луѓе се родени во овој месец, сестра ми и јас. Не е шега ова дека сум си сакана, па нели постојано и гласно зборуваме да не забораваме на концептот „сакај се себеси“.

А второ, затоа што ова е единствениот месец со помалку од 30 дена, а со самото тоа е и посебен. Иако ја знаете вистината за ова, всушност откако е измислен февруари на реформаторите на календарот им служел како најзгодното место каде што можат да ги поправаат своите грешки и да вршат други корекции на календарот. Па постојано уфрлале и исфрлале денови, додека не дошле до 28/29 дена.

Па, би можеле и ние да го прифатиме и ова: месецов да ни биде згодно место за поправање на сопствените грешки. Зошто да не?! Ако воопшто има што да се поправи кај вас. Кај мене секогаш може подобро.

Уживајте во овој месец и во исчекувањето на будењето на природата и на новите убави нешта што допрва доаѓаат. Се потрудивме да креираме убави февруарски приказни и да се фокусираме на љубовта, иако таа нам ни е главна инспирација, секогаш!

Ве сакаме!

Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.