Ослободете се од сексуалните демони

Заборавете ги најголемите срамови од спалната соба, како и нештата за кои се каете, и извлечете поука од непријатните ситуации

Многу мажи се чувствуваат загрозено од сексуалното искуство на својата партнерка, особено ако тоа вклучува нешто за кое таа не сака да зборува

Не постои личност што не сака да заборави некои непријатни мигови од своето љубовно минато. Но ако станува збор за нешто што постојано ве прогонува (сигурни сме дека не е ништо страшно!), морате да се ослободите од товарот – особено ако неодамна сте почнале нова врска. Поентата е во тоа да извлечете поука од помалку пријатните мигови, за да си го подобрите сексуалниот живот, а не да си го влошите. Нашите експерти ви откриваат кои нешта треба да ги задржите за себе, а кои да ги споделите со новиот партнер за „помирен сон“.

Тој не знае со колку мажи имам спиено. Вашата нова врска одлично напредува, но се ужасувате од статистичките прашања за вашето минато.

ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД ТОВАРОТ:

Искреноста е најдобра политика, велат психолозите. Што се однесува на здравствениот аспект, ваша обврска е да го заштитите новиот партнер од евентуалните сексуално преносливи болести. Ако имате некоја заразна инфекција (хламидија), морате да го информирате новиот партнер. Во случај да сте сосема здрави, нема потреба да зборувате за нешто што ви е непријатно. Кога станува збор за бројот на вашите сексуални партнери, тоа е исклучиво ваша работа. Мажот што се интересира за вашите претходници обично сака да се увери дека за вас е нешто посебно. Затоа кажете му дека без разлика на неговите претходници, сега во вашиот живот постои само тој.

Моите експериментални сексуални искуства не беа позитивни. Кога сте биле млади, сте испробувале разни сексуални техники, но сега ве фаќа срам само при помислата на нив и не сакате да ги повторите. Но што ако тој е расположен за експерименти во креветот?

ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД ТОВАРОТ:

Размислете за импликациите на она што ќе му го кажете на новиот партнер. Ако станува збор за нешто за кое се каете и не сакате да го повторите, можеби е подобро да молчите. Многу мажи се чувствуваат загрозено од сексуалното искуство на својата партнерка, особено ако тоа вклучува нешто за кое таа не сака да зборува. Ваше право е да премолчите. Но ако вашиот партнер е расположен да проба нешто ново, а вие не сте, тогаш отворен разговор за вашето лошо искуство во минатото може да му помогне да ја разбере вашата нерешителност. “Не сакам да ја уништам нашата врска со нешто поради кое ќе се каам.“ Ако ве сака, повеќе нема да го постави тоа прашање.

Спиев со жена. Можеби сте доживеале сексуални искуства со неколку жени или пак само со една од чисто љубопитство. Како и да е, се плашите дали тоа ќе го одбие од вас.

ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД ТОВАРОТ:

Ако мислите дека партнерот ќе го шокирате ако му признаете дека сте имале хомосексуално искуство, тогаш подобро молчете. Луѓето често чувствуваат потреба сè да споделат со саканата личност. Но ако сакате да му соопштите нешто вакво само за да си го симнете товарот од душичката, добро размислете за тоа. Премолчување не е исто што и криење, туку е легитимно поставување граници. Ако сепак решите да му се доверите за вакво нешто, бидете подготвени дека ќе има многу прашања за вас. Сигурно ќе биде многу љубопитен.

Го изневерив бившото момче. Вашата претходна врска „пукнала“ поради ваша прељуба. Се плашите тоа да му го откриете на сегашниот партнер за да не помисли дека и нему ќе му го направите истото.

ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД ТОВАРОТ:

Добро размислете пред да обелодените нешто толку сериозно како што е прељуба. Таквото сознание навистина може да ја обремени вашата врска. Ако ве праша за причината за раскинување на вашата претходна врска, вистината соопштете му ја тактички. Немојте да му ја откриете по караница или на јавно место. Погрижете се да бидете сами и да имате доволно време за долг разговор. Кажете му дека тоа е грешка поради која се каете и убедете го дека нема да ви се повтори. Бидете подготвени на тоа да посака некое време да биде сам.

Текст: Т. Богунова

Фото: Guliver/Getty Images, Pixabay

 

loading...
Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време