Крварење после секс: Не, не сте добиле менструација порано, ова се можните причини!

Крварењето после секс е честа појава, но најчесто не е поврзано со менструацијата, туку со други фактори.

Поминувате одлична ноќ во кревет со саканата личност, а наутро се будите и гледате крв на долната облека. Ако вашата прва мисла е дека сексуалниот однос придонел вашата менструација да дојде побрзо, не сте сами. Крварењето после секс е честа појава, но најчесто не е поврзано со менструацијата, туку со други фактори.

„Малку е веројатно дека сексот ќе ви помогне да ја добиете менструацијата порано“, вели др. Шери Рос, гинеколог и специјалист за сексуално здравје на жените.

„Сексот може да ве натера да мислите дека менструацијата ви дошла порано. Ова се случува особено ако има останато крв во матката од претходниот пат“, додава таа.

Сепак, повеќето експерти се согласуваат дека не секоја капка крв што ќе ја видите после секс е поврзана со вашата менструација.

Ако спаѓате во категоријата на оние кои имаат крв после секс, едно од најважните прашања што треба да се земе предвид е зачестеноста, односно дали тоа се случува секој пат после секс или ретко?

Ако крварењето после сексуален однос е редовна појава, тогаш би било добро да го посетите вашиот гинеколог и да направите комплетен гинеколошки преглед за да бидете сигурни дека сè работи како што треба. По оваа проверка, гинекологот ќе може да ги проучи резултатите и да ја утврди причината за крварењето.

„Кога зборуваме за крварење после сексуален однос, го делиме на две категории. Постои структурна, која вклучува какви било проблеми поврзани со матката, грлото на матката, вулвата или вагината. Потоа, тука е системското, кое вклучува крварење предизвикано од работи како што се антикоагуланси, антибиотици, проблеми со тироидната жлезда и други кои се поврзани со надворешни фактори“, објаснува Џонс.

Медицинските причини кои може да стојат зад крварењето после секс вклучуваат воспаление на грлото на матката, можеби полип во матката, ниски нивоа на естроген поврзани со менопауза, цервикална дисплазија или – во ретки случаи – рак на грлото на матката.

Сепак, експертот објаснува дека енергичниот секс или предиграта исто така може да го иритираат или повредат грлото на матката, предизвикувајќи крварење. Во исто време, некои контрацептиви, апчиња или дури и спирала може да предизвикаат дамки од крв на вашата долна облека.

Исто така, ако поминало некое време откако сте имале секс, сексот може да ви ја повреди вагината и резултатот од таа траума е крварење. И сексуално преносливите болести се на листата на причинители за вагинално крварење.

Без оглед на причината за крварење после секс, нема да бидете сигурни ако не го посетите вашиот гинеколог. Затоа, обрнете внимание на зачестеноста на појавувањето и постапете соодветно.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.