Дали е безбеден сексот за време на менструација? Има ли бенефиции?

Постојат неколку работи кои е неопходно да ги знаете за сексот за време на менструација...

За некои жени сексот за време на менструација е табу тема, за други е нехигиенски и одбивен, за трети е забранет од религиозни причини. Но, воопшто не се малку жените кои сметаат дека сексот за време на менструација е сосема нормален и дека не треба да се лишуваат од сексуалното задоволство само затоа што настапиле „црвените“ денови од месецот. Без разлика во која група спаѓате, постојат неколку работи кои е неопходно да ги знаете.

Бeзбеден ли е сексот за време на менструација?

Митот дека сексот за време на менструација е штетен за здравјето е одамна разбиен. Сексот во тој период од месецот не носи дополнителен ризик за здравјето ниту за вас, ниту за вашиот партнер. Менструалната крв е природна телесна течност која на никаков начин нема да го надразни пенисот на партнерот, ниту пак ќе им наштети на вашите репродуктивни органи.

Сè додека и двајцата немате сексуално пренослива болест (СПБ) или инфекција, или користите заштита, не постои причина да го избегнувате сексот за време на менструација.

Сексот без заштита во периодот на менструалното крварење не треба да се практикува со непознати партнери, поради непознавањето на нивната здравствена состојба. За време на менструација секрецијата на течности е зголемена, а заедно со неа се зголемува и веројатноста за пренесување на СПБ. Во овој период шансите да бидат предадени болести кои се пренесуваат преку крв, како ХИВ и хепатит, се многу поголеми.

Бенефиции од сексот за време на менструација

Сексот за време на менструација може да биде малку поголем предизвик, но тој носи и одредени бенефиции за жената како:

Олеснување на менструалните болки: Кога жената доживува оргазам, во нејзиното тело се зголемува лачењето на ендорфини, што придонесува за намалување на менструалните болки, но и за подобрување на расположението.

Скратување на менструалното крварење: Оргазмот предизвикува контракции на матката. Контракциите помагаат менструалната крв побрзо да го напушти телото. Па, доколку доживеете оргазам за време на менструација, не се чудете ако вашиот менструален период трае пократко.

Дали можете да забремените за време на менструација?

Да, може но шансите да се случи тоа се минимални. Бременост може да настапи ако времетраењето помеѓу менструалните периоди е помало од 28 дена. Кај жените кај кои периодот помеѓу две менструации е 22 дена или помалку, овулацијата може да се случи во последните денови од менструалното крварење, па незаштитениот однос во овој период може да доведе до бременост.

Друг фактор кој ги зголемува шансите за бременост за време на менструација е способноста на сперматозоидите да живеат во телото на жената неколку дена. Најчесто сперматозоидите живеат во репродуктивните органи на жената 2-3 дена, но во многу ретки случаи можат да живеат и до 7 дена. Тоа значи дека теоретски е можно сперматозоидите да почекаат да настапи овулацијата.

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.