Исповед: Врската со мојот Греј

Марко го красеа харизматичност и привлечна комбинација на ароганција и притаена енергија, што фрлаше сенка на неговата надворешност

И покрај удобноста на големото седиште во првата класа на летот за Њујорк, се чувствував најнепријатно во животот. Причината не беше што никогаш порано во животот се немав возено со прва класа (како новинарка во едно женско списание, никогаш немав пари за тоа). Иако испив три чаши шампањско, не можев да се опуштам, бидејќи под брендираната кожена сукња не носев гаќички. Тоа беше наредба од Марко, човекот што седеше покрај мене и кој ми го плати авионскиот билет. Во текот на 12 часа, оваа тајна ме држеше токму во онаа состојба во која сакаше да бидам: комбинација од адреналинска возбуда, срам и страст.

КАКО ПОЧНА СÈ

Марко, менаџер на една странска фирма, го запознав на еден хуманитарен настан, на кој ме испрати мојата уредничка. Во почетокот, целата вечер ја перципирав како крајно здодевна, бев убедена дека следните три часа ќе ги поминам опкружена со средовечни мажи што дојдоа на овој собир само за да ја покажат својата хумана страна. Но потоа, по доцнење од два часа, се појави тој. Со погледот помина по лицата на луѓето што седеа со мене и речиси им „нареди“ да му направат место да седне покрај мене. „Што прави една убава дама во друштво на овие идиоти?“, гласеше неговата воведна реченица. Марко не беше најзгодниот тип што го имав сретнато, но дефинитивно го красеа харизматичност и привлечна комбинација на ароганција и пријатна енергија, која фрлаше сенка на неговата надворешност.

ДРУГ СВЕТ

По разговор од половина час, заедно заминавме од приемот. Кога влегов во неговиот луксузен автомобил, во кој го чекаше возач, зачекорив во поинаков свет. Веднаш знаев дека Марко е поинаков од сите фраери со кои имав излезено. Поради него се чувствував посебно. Кога таа ноќ се вратив дома, одолевајќи му со последните атоми на мојата самоконтрола на искушението да спијам со него, го направив она што веројатно немаше да го направам да беше некој друг – побарав информации за него на Интернет. Откако „изгуглав“ сè, а имаше доста, ми беше сосема јасно дека станува збор за мошне влијателен маж. Начинот и брзината со која го постигнал успехот во деловниот свет ги примени и врз мене – само што ја отклучив вратата од станот, добив порака од него во која ме покани да излеземе.

ТРИ СОСТАНОЦИ & ТРИ СЦЕНАРИЈА

На првиот состанок, кој се случи идниот викенд, ми кажа да спакувам облека за спиење, а потоа дојде по мене со луксузен автомобил. Отидовме во едно зимувалиште во Австрија. Шетавме по снегот, пиевме ароматичен чај во прекрасните кафулиња и го слушавме пукањето на огнот во каминот. Целосно ме освои. На вториот состанок ме однесе во ексклузивен ресторан во кој главниот шеф готвеше само за нас (некои јадења ги пробав првпат!). Третиот состанок се одржа во Париз. За една крајно рационална, самостојна и самоуверена личност, каква што се сметав, ова искуство беше сосема надреално. Но бескрајно уживав во секој миг. По природа не се предавам лесно, ниту, пак, слушам без приговор.

Сепак, не можев да им одолеам на блаженството на нашите заеднички мигови и на ноншалантноста со која ја водеше нашата врска благодарение на парите. Во секој миг имаше план што ќе правиме, каде ќе бидеме, без траги на неодлучност, несигурност или дилема. Беше она што ниту еден од моите бивши не беше пред него.

„БЕЗ КРУНА“ ВО КРЕВЕТОТ

Марко беше паметен, динамичен и во постојана потрага по нови возбуди. Истовремено, беше и немилосрден. Кога требаше да отпушти десет вработени, го направи тоа без да трепне. Од првиот миг на нашата врска беше јасно кој ја има контролата. Кога му кажав дека сакам исклучиво црно вино, неговиот коментар гласеше: „Па, ќе морам да те научам на некои добри работи, зар не?“ Продолжи да ми претставува различни видови бело вино, вклучувајќи ги и најскапите брендови. Сега се прашувам зошто се согласив на сето тоа. Сексот беше единствениот домен во кој Марко не сакаше да ја има контролата. Во една пригода ми донесе неколку чифта брендирани салонки од едно патување. Ми ги даде и ми шепна дека едвај чека да ме види истата вечер без облека, само во нив. Но кога се најдовме во креветот, сакаше јас да ја преземам иницијативата, да го врзам, провоцирам и, генерално, мачејќи го, да го доведам до оргазам. Ќе се воспостави дека таа замена на цврстата волја и контрола во преостанатите аспекти на животот за подреденост во креветот – за мене е особено еротична.

ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА

Но по шест месеци на дотогаш недоживеан гламур за мене, полека почна да ме обзема незадоволство. Неговата навика да доцни секогаш и секаде ми стана неподнослива. Често го чекав бескрајно на договореното место, одбиваше да ми ја препушти контролата во што било, а неговиот бес беше дополнителен проблем. Иако никогаш не беше агресивен кон мене, често умееше, стискајќи ги усните, да биде крајно непријатен кон вработените, персоналот во хотелот или ресторанот во кој престојуваме. На крајот, почетната возбуда и страст станаа неодржливи пред приливот на помалку привлечните особини на Марко. Никој не може подолго време да живее во таква состојба. Таа создава зависност и ненаситен глад. Во кревет отидов со фантазија, а се разбудив со реалноста. Кога брендираните чевли и одењето во луксузни странски хотели станаа норма, почна да се наметнува прашањето дали сум среќна. Дали тој ми се допаѓа, воопшто?

КАПКАТА ШТО ЈА ПРЕЛЕА ЧАШАТА

Бевме во врска девет месеци, која се одвиваше исклучиво според неговите правила. Отсуствував од работа, ги пропуштав родендените на моите пријатели, а тој ниту еднаш ми немаше кажано дека ме сака, и покрај мојата силна желба да го слушнам тоа. Освен плановите за следниот одмор, никогаш ја немаше спомнато нашата заедничка иднина. Односот на силите меѓу нас беше неповратно нарушен, на моја штета. Бев во 30-тите и сакав љубов, брак, деца и стабилност. Освен она што ми го даваше, не покажуваше никаква намера да ми ги обезбеди основните нешта. Марко беше емотивно најнедостапниот маж што го имав запознаено. Последната капка што ја прелеа чашата беше Божиќ. Марко букира лет и сместување на Сејшели без да ме праша. Дотогаш никогаш го немав пропуштено семејниот собир на овој празник. Меѓутоа, не му кажав ништо. Сепак, тоа беше незамисливо великодушен гест. Истовремено, некој себичен дел во мене знаеше дека нашата врска се ближи кон крајот и дека со тоа ќе заврши и мојот престој во хотели со пет ѕвездички. Затоа отпатував со него. Деновите ги поминав безуспешно обидувајќи се да воспоставам интернет-врска со моите. Иритиран поради мојата нервоза и фрустрација, Марко со часови седеше во барот и пиеше алкохол. Кога се враќавме, раскинав со него. Тоа го погоди, но не се обиде да ме разубеди. Очигледно, поради емотивниот ангажман што го очекував од него, му станав преголемо оптоварување.

НОВ ЖИВОТ

Во змиската ноќ во мојот изнајмен стан тагував по егзотичните дестинации, луксузот и возбудата. Истовремено, се борев со мојата финансиска ситуација. Вложив многу пари во одржување на физичкиот изглед што е соодветен на брендираните крпчиња и гламурозните места. Меѓутоа, не жалев по него. Наместо тоа, се занимавав со испитување на сопствениот карактер. Колку ли сум разгалена кога не можеше да ме усреќи маж што троши толку многу за да ме задоволи? Дали некогаш ќе бидам среќна жена? Заклучив дека и јас сум виновна за крахот на нашата врска. Ниту еден емотивен однос не може да успее доколку се развива на толку многу нерамноправна основа. Можев барем понекогаш да му понудам во нешто да ги делиме трошоците. Не заробува моќта или власта, туку стравот… Јас дефинитивно станав зависна од животниот стил што не можев да си го дозволам, а стравот дека ќе го загубам сето тоа ми го блокира разумот. Половина година подоцна го запознав драгиот и духовит маж, кој ми е сопруг. Тој ми го пружи токму она што го сакав – дом, прекрасна ќеркичка и врска на цврсти основи. Од оваа перспектива, годината на чист хедонизам со Марко сега ми изгледа како некој далечен сон и, рака на срце, ништо од тоа не ми недостига. ОК, можеби поголем простор за нозете во авионот.

Текст: Н.Ч.

 

 

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време