Совети за уредување на домашната канцеларија

Вашиот дом

Организацијата на просторот е од клучно значење

Пандемијата на ковид-19 ги претвори домовите во работни места, па многу е важно да си обезбедите простор што ќе ве мотивира да бидете продуктивни. Експертите откриваат идеи за уредување на домашната канцеларија…

ШИК КАТЧЕ

 

Вашиот работен простор треба да ве инспирира и да биде одраз на вашиот уникатен карактер, па не плашете се да бидете креативни. Еден од начините да ја збогатите вашата домашна канцеларија е да си набавите впечатлива ламба, која ќе создаде луксузна, но и работна атмосфера.

ДОДАЈТЕ ЗЕЛЕНИЛО

Дајте му живот на вашиот простор – тоа ќе ве мотивира да работите подолго. Собните растенија ќе ви помогнат да се чувствувате смирено и ќе го прочистат воздухот, а освен тоа, изгледаат многу убаво! Одберете интересна саксија и веднаш ќе му дадете нова димензија на работниот простор.

УМЕТНОСТ ШТО МОТИВИРА

Декорирајте ја домашната канцеларија со уметнички слики што ве инспирираат. Тоа ќе ви даде енергија и мотивација за работа. Најдете убави рамки и украсете го ѕидот со мини-галерија.

СОЗДАЈТЕ ХИГЕ

Направете го вашиот работен простор во домот пријатен, но не премногу удобен за да ве фати дремка. Неутралните бои на ѕидовите и подот, во комбинација со природно дрво, растенија и некаква ткаенина, како ќебенца, перници или интересен килим, ќе создадат едноставно, но комфорно катче за работа.

СПОЈ НА СТАРО И НОВО

Не плашете се да украдете украси од другите соби во домот. Спојот на старинско и модерно ќе ја направи домашната канцеларија топла и полна со живот. На пример, можете да искористите стара работна маса, која ќе ја искомбинирате со трендовско столче во впечатлива боја.

ОПТИМИЗИРАЈТЕ ГО ПРОСТОРОТ

Организацијата е клучна – никој не може да работи добро во неуредна домашна канцеларија. Не трошете простор на непотребни листови хартија и дреболии. Искористете го вертикалниот простор, така што ќе поставите полици нагоре кон таванот, а може да закачите и табла за потсетници и белешки. Хаосот никогаш повеќе нема да ви ја попречи работата!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: KatarzynaBialasiewicz/iStock VIA GETTY IMAGES

Внесете шарм во домот со помош на советите на естетот Боро Секуловски
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.